Press "Enter" to skip to content

Фото репортажа: Лутраки-Пожарско, не на базен, не кај Митре, туку високо над големата карпа

Многумина битолчани, чест на исклучоци, кои го посетуваат излетничкото место Лутраки, или со старо име Пожарско, своето патување го започнуваат кај големиот базен со термална вода, а го завршуваат во ресторанот “Кај Митре“.

Но, кога се ужува во базенот со топла вода, а погледот ќе се упати нагоре кон планината, се здогледува голема карпа, која надвиснува над кањонот, а се чини дека секој момент може да се падне во бездната поради милионската старост и пукнатините кои им ги направиле сонцето и мразот.

За да се увериме во големината на карпата, вчера, на првиот ден по дочекот на Новата година, на 1 јануари, откако го испивме утринското кафе во кафулето кај базенот кој се наоѓа во подножјето на планината, над Лутраки, се упативме нагоре во планината.

За да се стигне под големата карпа потребно е да поминете дваесетина минути во пешачење, по убаво уредена камена патека, која на поопасните места е оградена со дрвена ограда, се разбира до одредена височина.

Кога ќе навлезете во високата листопадна шума ве очекува пријатно изнанадување, а тоа е уредената камена патека, која води до последните уредени водопади на реката. Таму снаодливите пожарчани, откриле “жица“ топла вода и ја спровеле пред водопадот, каде направиле мал базен во околу 10-тина метри квадратни. По топлењето во малиот импровизиран базен со топла вода, се капат во ладната планинска река која им е само на два-три метри. Тука се по “руски систем“ се “челичат“ само најхрабрите, а затекнавме само тројца, еден маж и две жени, кои се одважиле да прават топло-студен шок за организмот. Мора да признаеме, додека нас ни студеше само што ги гледавме, тие уживаа додека трчаа од топлата вода до студениот планински водопад.

Веднаш паѓа во очи дека патеката е убаво уредена, но и дека овој предел е секогаш опасен, се уверивме кога на педесетина метри видовме урната карпа на самата камена патека, која сигурно беше тешка повеќе од еден тон.

Потоа се влегува во кањонот кој крие вистинска убавина. Белата боја на карпите е најчеста во водокругот, но водата на некои места има небесно сина боја, а тоа секако е магнет за фотоапаратите. Во кањонот има идеални места за љубителите на фотографијата, а оние кои ги видовме таму се движат горе долу, барајќи подобро место за фотографирање и одбирање на агол за квадрирање.

Откако ќе се науживате во убавината на реката, камењата, сината вода, брзаците, дрвјата во реката, се упатувате по уредени камени скали кои водат до под големата карта. Таму се наоѓа место од кое се гледа големиот кањон, кој има безвременска убавина. Местото не е обезбедено, но до него има мала платформа  направено со камени плочи, а од таму се гледа врвот на планината, зимзелени дрвја, големи надвисната карпи. Ова место е идеално за фотографирање, а похрабрите не ја пропуштаат можноста да напраат “селфи“ за спомен, а со таа фотографија ќе се пофалат на најблиските, но и ќе пробаат ги убедат и тие да дојдат на тоа место.

Од таму се забележуваат пештери, а потоа камената патека продолжува вообратна насока, слегува пак во кањонот. А таму повторно водена ширина, бели камења…

Мора да споменеме дека поради одличната уреденост на камените патеки не е потребно да се поседува планинарска опрема, а погледот било да е од белите големи камења на реката или високо над големата карпа е единствен.

Но, оние кои сакаат поголеми авантури, секако со соодветна планинарска опрема да се искачуваат повисоко за да уживаат во алппскиот предел кој ги нуди оваа планина која е браник за студениот возадух од север.

Да напоменеме, иако сите кои доаѓаат тука, ја гледаат мапата во центарот на Пожарско, дека на другата страна се наоѓа Македонското Мариово, а пред Втората Светска војна од тука поминувал патот од Мариово до Пожарско, Воден, Солун…

Кога ќе се вратите пак во одлично уреденото туристичко место кај големиот базен, кафето или топлиот чај ќе имаат поубав вкус после капењето во базенот.  А кога ќе се стигне во ресторанот “Кај Митре“ вкусот на јагнешкото и јарешкото печење со сите додатоци кој ќе ви ги понудат домаќините ќе предизвикаат голема сласт.

Се надеваме дека со десетина фотографии кои ги одбравме од повеќе од двеста кои ги направивме од ова прекрасно место, каде и големиот војсководач Александар Македонски ги лекувал раните, ќе ви доловиме дел од оваа безвременска природна убавина и ќе се “кандисаме“ да го посетите ова исклучително место.

Текст  и фото: Сашо Ристевски

More from ЗабаваMore posts in Забава »