Press "Enter" to skip to content

Илинденската епопеја на Палиснопје Пелистерски патокази, низ текст и фотографии (8)

Подготвил: Драган Ристевски

Палиснопје (пали, паднати, покосени) ко снопје, снопови жито. Со називот Палиснопје е именувана месноста во шумовитиот  моликов дел на Баба Планина во долината на Ротинска Река, на потегот кон превалецот Цапарска Пресека на надморска височина од околу 1.500 метри            .

На овој простор во 1961 година од гранитни блокови е изградена чешма, а неколку години подоцна во 1968 година, во непосредна близина, лево од чешмата е подигнато и спомен обележје посветено на паднатите борци за слободата на Македонија во славната Илинденска револуција од 1903 година. Токму во оваа најсудбоносна година од поновата историја на македонскиот народ, кога заедно со останатите собраќа од различни вери и националности со кои живееле на овие простори, нашиот народ се крена да ја извојува толку посакуваната слобода, се случи неуспех и погром на славната Крушевска Република, прва на Балканските простори.

Во еден ден, на мал простор, на Палиснопје, покосени како снопје од турскиот аскер, на 22 септември 1903 година, паднаа 48 востаници предводени од војводата Ацко Трајков (Трајчев) од село Базерник, Демирхисарско во последната битка во Илинденот, позната како Пелистерска битка. Според одредени кажувања, во спомен на херојската борба и загинувањето, паѓањето на дури 48 македонски комити на едно место, оваа месност е наречена Палиснопје. Моштите на паднатите македонски комити се погребани во заедничка гробница во блиското село Цапари. 

Инаку, војводата Ацко Трајков, заедно со војводата Лефко Магаревчето од потпелистерското село Магарево, со уште стотина комити од  Демирхисарско и Битолско, по неуспешното Илинденско востание, требало да го препуштат наоружувањето на задолжениот за тоа, ѓаконот Евстатиј, оружјето да биде прибрано, складирано и обезбедено. Меѓутоа, илинденците биле предадени, откриени и опколени од надмоќна турска војска. Со цел да избегнат запалување на селото Цапари, (како што претходно се случило со селата Ѓавато и Смилево) војводата Ацко Трајков наредил  повлекување кон Пелистер и така опколени, со големи загуби од речиси една половина од комитите, успеале да го пробијат обрачот кон високите делови на Пелистер.Денот 22 септември, денот на загинувањето на 48 македонски илинденци е Ден кој нашата Организација на борци заедно со претставници на битолскиот музеј и претставници на градот Битола, треба да го внесат во своите календари на значајни датуми за нашата историја и борба за слобода. А не да се повтори пропустот, кога по повод 100 годишнината од Илинденската епопеја, на скромниот паметник на Палиснопје никој од официјалните лица од Битола и од Републиката  не се поклонија и не  положија цвеќе на овој  значаен споменик.

Ротинска Река тече крај споменикот на Илинденците од Палиснопје и по нејзината должина змиулесто прави прекрасни сплавови. Тоа водено спуштање е највпечатливо во пролет кога водата едноставно набујува и побелува од брзаците, нерамнините и слаповите. Токму од таа вода од Ротинска Река, непосредно од Палиснопје е направен зафат и водовод долг 6-7 километри за потребите на хотелот “Молика“, кој своевремено претставуваше македонски хотелски планински бисер. Кај нас ништо не може да помине едноставно кога е во прашање водата, онаа за пиење.

Така, кога се започна градбата на водоводот, оправдано се побунија жителите на Ротино (Рахотино, Орахотино, место со насади од орев). Таа современа Ротинска буна, се случи 1990 година, по што за смирување на тензиите, Ротинчани се спогодија со тогашното Електростопанство на Македонија, за изградба на Акумулационо езеро над селото, за потребите на земјоделието, како и изградба на игралиште за фудбал.

А токму пристапот од Ротино кон Палиснопје е најживописниот и најприродниот пат кон планината и целиот Пелистер, гледано според конфигурацијата на теренот.

Кон Палиснопје исто така се доаѓа по патеката која од селото Трново и Магарево продолжува кон Голема Ливада, а оттаму кон Цапарска Пресека и конечно до Палиснопје. Исто така, земјениот автомобилски пат кој продолжува од кај Информативниот центар на Националниот парк  “Пелистер“ е една  од најчесто користените пешачки патеки во сите сезони во годината. Оваа патека е во должина од 5-6 километри, а патем се наоѓаат и неколку чешми лоцирани по левата, горната страна на патот. Има и неколку водотеци, потоци и помали реки, а  најголема до Палиснопје е Ротинска Река. На тој потег кај Ротинска Река на стрмните пресеци на тесната клисура растат и нависоките моликови  и елови стебла, но добар дел од нив во изминатите години беа исечени и наменети за стопански и трговски цели, а оправдувањето беше знакот МЗ напишан од долната страна на земјениот пат кој води за Палиснопје. Токму тој знак, МЗ, кој патем означува дека е тоа „мелиоративна зона“ дава за право, моликовата шума на овој потег да се сече како да е тоа шумско стопанство, а не Национален парк,

До Палиснопје се доаѓа и од Копанки, кога  ќе се продолжи преку скијачката патека кон запад. Оваа патека е мошне атрактивна и променадна патека, која своевремено, додека функционираше планинарскиот дом „Копанки“ беше нарекувана и  „Патека на вљубените“.  Патеката некако ги зближуваше сите оние  што ќе тргнеа кон таа насока, особено при можноста да го посматраат зајсонцето во август, кога како црвена вжарена топка  се затскрива низ тенките и грациозни моликови стебла и бавно и тивко тоне во хоризонтот.Интересно е спуштањето кон Палиснопје по течението на Ротинска Река, од нејзините извори од под самите Пелистерски врвови од месноста Болници (камени остатоци од објекти кои служеле за рехабилитација на повредени и болни војници од Првата светска војна). Спуштањето по оваа патека е интересно и непредвидливо и се препорачува на планинари кои сакаат нови неистражени простори, авантури и неизвесности. Посебно е убаво спуштањето во лето, бидејќи во зима овој простор е средиште на сите видови диви животни, а снегот знае да наврне  во поголеми количини, па така тешко е прооден низ густежот од гранките на моликовите стебла.

До Палиснопје се стигнува секако и од страната на селото Цапари, по патека која е трасирана и обележена и која серпентински се пробива низ шумовит реон  од моликова и елова шума. По тој пат се стигнува до Цапарска Пресека и потоа околу еден километар до конкретната дестинација.

Убавината на Палиснопје и на Ротинска Река е крунисана со еден автохтон вид риба позната во науката како Пелистерска пастрма (solomon pelistericus) која вирее во водите на оваа река. Токму оваа риба единствена во светот, може да претставува причина за развој и на туризам и угостителство во Ротино, Цапари или во некое друго потпелистерско село со изградба на мрестилиште и рибници и секако ресторан и слично. Кој знае, можеби некој ќе ја регистрира автохтоноста на она што природата ни го дарила и ќе препознае во Пелистерската пастрмка можност за оригиналност. Патем оригиналноста и  најмногу се цени во современиот свет, речиси во секоја област од животот, а таа најчесто е и најдоходовна.

Додека очекуваме тоа да се случи, Палиснопје, Ротинска Река и целиот простор каде што се одвивала последната битка од Илинденската епопеја се отворени за сите посетители, намерници и вљубеници во природата.

Во наредна прилика: Мистичните мегалити над Голема Ливада

More from БитолаMore posts in Битола »