Press "Enter" to skip to content

Некогаш и денес: проф. д-р Душко Ристовски – со ентузијазам, солидарност и заеднички сили се може многу

Жанета Ристевска

Во оваа рубрика  пишуваме за личности од различни области и професии кои твореле во последните декади на минатиот век и кои одбележале еден период. На овој начин им оддаваме еден респект за она што го придонесле во своја област и градот Битола.  Повторно ќе нагласам  дека во услови на изолација и почитување на мерките ми недостигаат разговорите во живо со моите соговорници. Недостигаат во смисла што низ нивните сеќавања провејуваат емоции кои би сакала да ги пренесам во нивната животна приказна зборувајќи за одредено време од минатото.Заради тоа тука ќе ги споменам моите импресии кои ми останаа во сеќавање  од разговорот  со проф. д-р Душко Ристовски на празникот Илинден во Лазарополе.  Кога зборуваше за овој крај не можеше  да ги сокрие чувствата и  емоциите кои се огледуваа во неговите очи. На звуците од зурлите и тапаните, првите чекори на “Тешкото“ – оро со кое започнуваат прославувањата на сите празници во овој крај, песната “Лазарополе таму најгоре“  ќе видите и  солзи во неговите очи. Тогаш ни раскажа многу приказни за тој крај, но и  шеги за лозоровци и нивниот карактер. Во репортажата за нашиот портал во август после Илинден напишавме:-Наши домаќини беа Дракуловци-Ристевци, стари лазоровци, кои не поканија, а таму во куќата три генерации, но сега како одминуваат времињата се измешале. Домаќинот, Душко Ристевски, пензиониран професор од Педагошка во Битола, лазоровец, не пречека со најголем мерак, како што го прават сите таму, горе, на Илинден. Душко сега има куќа кај поранешното летувалиште, а комшија му бил Анте Поповски, на што е посебно горд, а ја доградува куќата, како вели да има место за сите… .Се мислевме каде да градиме, дали старата куќа горе, или пак да средуваме некоја друга. Се одлучивме за оваа тука, полека ја дотеруваме, а ќе оставиме и за нашите потомци, кои се вљубени во овој крај..Лазарополе место каде се неговите корени, омиленото место за релаксација во пензионерските денови каде со својата сопруга Мирјана ги поминува  летни месеци. Место каде се собира неговото семејство, неговите близнаци Христина и Христијан со своите семејства. Би додала: „Зарем е потребно повеќе зборови кои би кажале дека си го постигнал најубавото нешто за  да бидеш среќен и успешен во својот живот, а се уште ги паметам неговите зборови?  

-Заедно со сопругата тука поминуваме околу стотина дена, зависно од временските прилики од месеците мај, јуни до  септември, а за мене нема поубаво место. Тука сум на свое, со внучињата, со планините, со ливадите… среќен сум што и тие го сакаат овој крај и ќе ја продолжат традицијата на семејството и секогаш да се враќаат кон своите корени.-Кога седам на терасата од мајата мала куќа се опуштам, гледајќи на зелените ливади широката  висорамнина која се простира, на неа пасат диви коњи, моите внуци со други деца играат на игралиштето со трева… Во мај цветаат нарцисите низ ливадите и мирисот се шири насекаде… низ Лазарополе. Тоа ми ја полни душата и ми се продолжува животот. Тука на мојата мала тераса можам да седам и цел ден и заборавам на се, на болките кои се јавуваат во староста. Тука оздравувам и не знам што би правел без овој поглед. На Илинден кога сите заедно млади и стари го играат тешкото и други македонски ора на звуците од зурли и тапани на Мајовци.

Со неговиот опис на крајот од каде потекнува и на кој се гордее, како и сите лозоровци ја започнуваме животната приказна на  професор д-р Душан Ристовски – професор по физичка култура со богата биографија како еден од основачите на високо образовната институција Педагошки факултет Битола каде работел како професор, ВД декан на институцијата со свој придонес, објавено значителен број на трудови од областа на физичката култура и образование во зборници на трудови и списанија од стручен карактер, како и учебници по физичка култура, образование и воспитание. Во својата кариера, раководи со значајни проекти од областа на образованието како и физичката култура.Образование

 Професор Д-р Душан Ристовски,  е роден 1948 година, во Битола. Основно училиште завршува во ОУ „Тодор Ангелевски“. Завршува гимназија „Браќа Миладиновци“ – фискултурна паралелка  во Битола и Виша школа за физичка култура во Скопје. Своето високо образование го завршува на Факултетот за физичка култура во Белград, На истиот факултет, при Белградскиот универзитет  магистрира во 1982 година.  Во 1992 година докторира на Факултетот за физичка култура во Скопје, на тема: Влијание на морфолошките, моторичките и социолошките карактеристики врз успехот во спортските активности и учењето на учениците.Наставник по физичко образование во с. Цапари, Рамна, Лера, Ѓавато

Неговото прво вработување наставник по физичко образование во ОУ “Кирил и Методиј“ село Цапари како и во селата Рамна, Ѓавато. За тој период се уште има посебни сеќавања, поврзани како со соработката со колегите, учениците, така и со соработката со локалната заедница Имено, во тој период е иницијатор на изградба на планинарска куќа и ски стаза за потребите на учениците и локалното население за кои вели... Од 1972 – 1979 година бев наставник по физичко образование во селата Цапари, Рамна и Ѓавато. Прво вработување, млад и полн со ентузијазам тој период ми е останат во сеќавање по тоа што се организиравме сите заедно солидарно  учениците, родители и соселани во изградба на терени игралишта за одржување на настава по физичко образование, како и за натпревари и турнир. Во тој период кога солидарноста меѓи луѓето беше на високо ниво, со заеднички сили се изгради   Планинска  куќа од оклу 50- 60 м/2 со дрва  борови кои ги носевме од планината.Тоа беше еден голем зафат кој може да се нарече дека беше еден од првите т.н. успешни соработки меѓу училиштата и локалната заедница за кои денес се залагаме. Ова беше  успешен проект во практика бидејќи  планинарската куќа и ски стаза станаа место и намена за  престој и одмор на  ученици и локално население  се враќаа од планинарње или скијање. За овој проект добивме награда монтажен ски-лифт кој беше наменет за ученици од најмали во забавиште до младинци. Куќарката се уште постои како спомен бележник на едно време кога своите амбиции и сили ги споија наставници од самото училиште, колеги фискултурци од Битола, учениците од училиштето и нивните родители. Општинската заедница за образование од Битола за организрање на овие активнсти ми доделија награда за еден од најдобрите наставници во Битола и околината. Мојата посветеност и труд беа наградени и со наградата “4 Ноември“, награда за значајни остварувања во воспитанието и образованието за роденденот на град Битола.Придонес во високото образование

-Од 1979, работи како асистент на Факултетот за физичка култура во Скопје по предметот Методика на физичко образование а од 1987 до 1995 година работи на Педагошката академија во звање професор по Методика на наставата по физичко образование и Методика на физичко воспитание. Во  1994 година директор на Педагошка академија. Педагошката академија прераснува во Педагошки факултет  каде  е од основањето како професор и ВД декан, што значи е еден од основачите на оваа високо-образовна установа. Во звање вонреден професор е избран во 1995 година, а во 2000 година е избран во звање редовен професор. ВД декан на Педагошкиот факултет од 1995-1996 година, а од 1997 до 1999 година е Проректор за настава на Битолскиот универзитет.  Меѓувремено е ангажиран и како надворешен професор на Педагошката  академија и Педагошкиот факултет во Скопје. Две години е и член на Одборот за акредитација на високото образование на Република Македонија.На крај го запрашавме како ги минува овие денови на изолација

-Изолацијата не ми паѓа тешко, се прилагодив на сите мерки. Со моите деца и внуци комуницираме преку телефон за да се заштитиме. Дојдоа на кратко за велигденските празници, многу се израдував. Но, со нетрпение го очекувам олеснување на мерките, подобрување на временските услови за да отидам на свеж водух во Лазарополе. Мојот син Христијан со својот велосипед отиде таму за да ја провери „како е ситуацијата“, и ми даде надеж дека ќе може за некое време да се отиде. Таму „најгоре“ е најчистиот и најнезагаден воздух, но сепак ќе кажам дека и понатаму ќе ги почитуваме мерките за да го победиме ширењето на корона вирусот.Низ  сеќавања на личностите кои ги претставуваме во рубриката “Некогаш и денес“ низ  нивните искуства да извлечеме пример и поука за почитување на  вистински вредности. Би сакала нивното дело, искуства и мудри мисли да се инспирација и поттик за денешните генерации. Низ животот на д-р Душко Ристовски можеме да извлечеме дека со ентузијазам солидарност, заеднички сили се може многу. Исто така и длабока поврзаност со своите корени и земјата на своите дедовци и прадедовци која доследно ја негува.  Неговата љубов кон спортот и спортските активности ја пренесува на своите деца и внуци, а се уште ја негува љубовта кон својот спачек, “Citroen 2CV“ и се разбира Лазарополе, омиленото место за релаксација во пензионерските денови каде се враќа кај своите корени.

Заради почитување на правилата и мерките за изолација, комуникацијата беше “он-лајн“, за која беше задолжена неговата ќерка Христина Ристовска која можа да се кажа дека ја продолжува традицијата и како наставник по физичко образование, и љубов кон Лазарополе. Таа ни ги испрати и фотографиите.

More from БитолаMore posts in Битола »