Press "Enter" to skip to content

Лидија Дочовска Павловска – пеликанот мотив за творење

Нема поубав начин да се искаже љубовта кон родниот крај, кон својата Преспа, кон своето езеро, кон својата принцеза од тоа да се излее на парче хартија, да се претвори во траен спомен, аманет на идните поколенија. Токму тоа го стори поетесата Лидија Дочовска Павловска, која во поетските кругови е нарекувана со името Преспана.

Лидија род. Дочовска Павловска потекнува од Ресен. Основно и Средно образование-Гимназија, завршува во своето родно место. Дипломира на Правниот факултет во Битола и се вработува во МВР-ПС-Ресен, каде работи и до денес. Во текот на школувањето активно пишува проза и поезија и го уредува и литературното катче во Радио – Ресен.

Наградувана е на повеќе литературни конкурси, со активно учество на актуелните литературни средби. Продолжува со пишување поезија, за која вели дека претставува дел од нејзиниот духовен живот, внатрешен порив внесен уште од детството, кој дишеше и опстојуваше во неа се додека не излезе автентично пренесен на бел лист хартија и преточен во нејзината прва стихозбирка Солзите на Преспана. Песните од книгата „Солзите на Преспана“ уште необјавени беа наградени на повеќе национални конкурси.

Песната „Расчекор“ ја доби Климентовата повелба за најубава песна, песната „Лотосов сон“ е два пати наградувана.Повеќето песни се преведени на бугарски, хрватски и српски јазик.

Автор е и на поемата „Така љубеше Косара“ која претставува симбол на возвишената љубов која патува низ вековите, на големата љубов меѓу кнезот дукљански Владимир и принцезата Косара, ќерката на цар Самуил. Љубов која се родила во преспанските зандани, се крунисала со брак, но завршила трагично, со смртта на кнезот Владимир и замонашувањето на принцезата Косара, која остатокот од животот го поминала во молитва и бескрајна тага по саканиот човек.

Учествува со селекција на повеќе меѓународни поетски манифестации со кои зема учество во издавањето на меѓународни и национални антологии меѓу кои: Хрватска антологија „Теби љубави за Валентиново“, „Валентиново 2017“, „Славонија на длану“, „Македонско-бугарска антологија“, потоа „Црвени ружи“, „Поетска гала“, „Симфонија на срцето“, „Поетска везилка“. Македонска лирска поезија“, „Кокински мугри“, „Поетски синтези“, „Струшки книжевни средби“ и други.

Со песната „А јас знам дека некаде постои некој“ учествува на годишната манифестација „Празникот на липите“ – 2017 година во Друштвото на писатели на Македонија.

Се афирмира водител на поетската манифестација „Охридски поетски бисер“-2017. Во времето помеѓу втората и третата книга како признание за вистински ентузијаст во полето на литературата, кој се издвојува со вистински уметнички експонати го добива признанието „ПОЕТЕСА НА ГОДИНАТА“ награда од фондацијата „Такец и Вознес 2014“. -Поетските книги преку рецензии во списанието „Бранувања“ се претставени во Франкфурт, Германија на Светкиот саем на книгата.

По барање на Клубот на македонските иселеници од Мелбурн, доставени се примероци од книгите и беше извршена промоција во рамките на Фестувалот на писталите МИЛ МАРК во Мелбурн на 26 август на сите три книги пред македонските иселеници во Мелбурн.

Во поетската книга „Крикот на пеликанот“ ја опејува својата љубов и лична поврзаност кон родната Преспа, која ја носи длабоко во себе, а крикот на пеликанот го чувствува и како свој крик по се она што значи љубов, роднокрајност, слободоумност и патриотизам. Токму пеликанот е таа впечатлива метафора и околу него, како околу стожерен мотив, се испреплетуваат метафори чиј круг на интересирања балансира помеѓу личното (интимното, исповедното) и исконски и дури судбински длабоката поврзаност, верност и љубов кон роднокрајната Преспа.

Во симбиозна спрега, асоцијативно, прегрнати се поетски нишки од лична природа со настани и ликови од богатата Историја на овој наш знаменит крај.

Дамарите на сопственото битие се како далги-далги кои галежно ги премиваат крајбрежните езерски камчиња…магична врска меѓу сегашноста на современиот миг и историската патина на прегрмените векови, одблесок на личното просветлување но и восхит кон вистините кои се престориле во митови – закрилници на ова наше поднебје. Царот Самоил, островот Голем град, длабочините на „Казан“, еднодневното збогувачко кружење на пеликанското јато кое (во поетска споредба) наликува на еднаш дадениот пат на човековата душа.

Не случајно поетесата Дочовска Павловска го одбрав пеликанот за свој мотив за творење, затоа што токму пеликанот е еден од симболите на Преспа. Тој како да ја чувствува големата желба на поетесата да лета на неговите крилја, да се нурне во водите на Преспанското Езеро и да му открие колку многу сака носена на крилјата на пеликанот, да му ги шепоти сите свои тајни на езерото, кое ќе се бранува и милно ќе ги слуша нејзините искрени и тивки шепоти за деновите што доаѓаат и си одат а поетското срце копнее по нови надежи и нови сонувања.

Пеликанот во оваа книга е дотолку посимболичен од причина што јатата од пеликани кои во еден период доаѓаат во Преспа за потоа да си заминат, ги отсликуваат преспанските иселеници, што одлетале во европските и прекуокеанските земји, но секогаш копнеат одново да и се вратат на родната грутка, Самоиловата Преспа, горди што се потомци на царот Самоил, чија што прва престолнина бил токму островот Голем Град во Преспанското Езеро, каде што се слушаат криковите на пеликанот и криковите на преспанските чеда раселени како птици низ целиот свет.

Во Преспански легенди ги потенцира длабоките корени на нашиот народ пренесувани усно преку приказни и легенди преточени во пишана форма и со што остава еден спомен за животот на луѓето на овие простори како еден потсетник на идните генерации кои можеби ке гоискористат како повод за идни натамошни истражувања.Наведената книга е напишана во коавторство со писателот Вангелко Лозановски.

Ја очекуваме поетската книга ,,,Липите кај Сарај куќа“, со што продолжува со поеми поврзани за одредени настани и случувања од подрачјето на родниот крај, во која обработува тема од времето на Младотурската револуција која започнала во Ресен и Нијази-бег водачот на Младотурската револуција, кој го изградил Сарајот што претставува култно место, раскошна градба, значајно обележје на градот и сакам да го овековечам.

Исто така на почеток е на еден друг жанр на нејзиниот прв роман ,,Ноќите на чешмата кај Доча“, современ роман со одредени визии за родното место.

More from КултураMore posts in Култура »