Press "Enter" to skip to content

Пелистер ќе “брка“ полуфинале без Ковачев и Марковски

Утре на градскиот стадион под Тумбекафе во Битола ќе се одигра првиот четвртфинален натпревар од фудбалскиот куп на Македонија, а екипата на Пелистер ќе биде домаќин на екипата на Победа од Прилеп.

Победата над екипата на Ренова, во неделата, им дојде како мелем на рана на “пелистерци“ кои претходно имаа три порази и промена на тренерот.

Новиот тренер, Спасе Ристевски, по завршувањето на прволигашкиот натпревар против Ренова, не го криеше задоволството од тоа како се однесуваат фудбалерите на терен и на тренинзите.

-Одигравме добар натпревар и забележавме победа, а тоа е најважно, но не помалку од тоа како фудбалерите се однесуваат на тренинзите и како сериозно се однесуваат на тренинзите. Во екипата утре ќе го немаме Мартин Ковачев, кој уште утре ќе ја “одлежува“ казната од два натпревари неиграње, по црвениот картон против екипата на Скопје, и Ристе Марковски кој се жали на повреда. Но, без разлика кој ќе биде во првите единаесет, кој ќе ги одредам утре, се надевам на победа и во Прилеп да патуваме на реваншот порелаксирани, вели тренерот на Пелистер, Спасе Ристевски.

За овој четвртфинален натпревар фудбалерите нема да бидат во карантин, туку утре ќе бидат цел ден заедно, во дневен престој и заеднички ручек.

Натпреварот ќе започне во 13 часот,  а како главен судија ќе биде Марјан Маркоски од Охрид. Помошници ќе му бидат: Жарко Тодоровски од Охрид и Симон Грдановски од Струга. Четврт судија ќе биде Марјан Ецковски од Охрид, а за делегат ФФМ го делегира Ветон Кранлиевски од Ресен.

С.Р.