Press "Enter" to skip to content

Необична јубилејна прослава на култното кафуле “Џуниор“

На времето, пред околу три децении, се сеќаваат битолчани, “корзото“ беше во Старата битолска чаршија, а секој си имаше свое омилено место каде се “паркираше“, каде се собираа истомислениците, каде се зборуваше за некои “повисоки“ теми, каде имаше седење во кафуле до првиот утрински зрак, каде кафето не се пиеше како денес од мода…

Едно од тие места во Старата битолска чаршија беше и “кафичот“ Џуниор на ќошот кај што е сега улицата на “ченџерите“.

Битолчани се сеќаваат на зелениот ентериер, на вртените метални скали по кои тешко се слегуваше некаде по полноќ, по тркалезните маси на вториот кат,каде што беше “поинтимно, на шибер вратата во тоалетот, по газдата Шули со строгиот поглед поради што некои битолчани, мои пријатели, и не влегуваа во Џуниор.

Но, како згасна животот во Чаршијата, така згасна и животот во Џуниор, или пак “децата“ кои беа таму постојани гости пораснаа, се зафатија за посериозни работи, семејства, деца, кредити, станови, куќи, бизниси…

Но, како било, кои биле причините, се затвори “Џуниор“, а од неговото оторање во 1987 година поминаа 30 години.

Сега, во денешно време, “строгиот“ газда Шули повторно ја собра старата екипа, но овој пат за јубилејна прослава која се одржа на 4 ноември во “Порта Џез“.

Таму се одржа забава организирана од сопственикот Љупчо Петровски -Шули со поддршка од персоналот , тогашните келнери и шанкери и сите оние што излегуваа на ова место и заради кои тоа стана она што е.

-Јубилејната вечер беше преполна со емоции и спомени од времињата кога во “Џуниор“ се пиеше и денското кафе и задолжително место каде се одеше на вечер. Се разменија меѓу пријателите многу спомени, како кога ќе  резервиравте маса ќе ја препознавте по шишето “белан“ или “кратошија“ и многу други, сега веќе носталгични спомени. Но, сите се присетија и на голем број на мајтапи кои се случуваа и се раскажуваа таму, а мислам дека нема битолчанец, што не го чул мајтапот за џуниорското wc и ,,Шибер е внатре“, се присети Шули.

На прекрасната средба се појавија сите “џуниор фаци“, Драган -Главинче, Божо, Дони, Бокалот, Дупата, Кекелот , Сотирот и сите останати редовни гости на локалот, а ги служеше тогашниот персонал за чувството да биде поавтентично.

-Кафе “Џуниор“ не беше само култно место, беше и начин на живеење. Забавата јасно покажа дека Џуниор е нешто што навистина НЕДОСТИГА, со тага констатира сопственикот Љупчо Петровски –Шули.

На крај, како и доликува за еден ваков јубилеј на “Џуниор“ беше послужена роденденска торта, а за забавата во која уживаа сите гости во “Порта џес“ се погрижија Тркачо и Иле Косата.

С.Ристевски

Be First to Comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *