Press "Enter" to skip to content

Фудбалерите на Пелистер по тренингот во Битола, во карантин во Скопје

Фудбалерите на Пелистер денес во 11 часот го одработија последниот тренинг на стадионот под Тумбекафе, во престерт на утрешното, вечно дерби на македонскиот фудбал, против Вардар и во 15 часот заминаа во Скопје, каде ќе бидат во карантин.

Вечното дерби ќе се одигра утре под рефлектори на Арената Филип Втори во Скопје, во почеток во 18 часот.

Пред заминувањето за Скопје, тренерот на Пелистер, Спасе Ристевски ни рече:

-Одработивме солиден тренинг претпладнево и заминуваме за Скопје. Сите фудбалери се добро подготвени, а на повреда се жали само Диме Илиев. Составот ќе го соопштам утре за време ручекот, бидејќи имам некоја мала дилема. Што се однесува пак до самиот натпревар, сите знаеме дека,  без разлика која од двете екипи, Пелистер или Вардар, на кое место е пласирана на табелата, тоа е дерби на македонскиот фудбал. Ние по поразот во Битола, од екипата на Академија Пандев, имавме малку време да се вратиме во нормала, но мислам дека фудбалерите се професионалци и знаат кој е Вардар и каков натпревар не очекува. Ќе биде интересно до крај, но сите патуваме со единствена желба, а тоа е победа. Но, ќе биде тешко во секој поглед, знаејќи каде е сега екипата на Вардар.

Битолчанецот Благојче Љамчевски, оваа сезона во Пелистер дојде од Вардар игра во одлична форма, а некои велат дека со право очекувал настап и во репрезентативниот дрес. Тој вели дека со нетрпение го очекува ова дерби.

-Сите во Пелистер со желба го чекаме дербито. Вардар е екипа за почит во секој поглед, а ние сакаме токму против нив да го кажеме нашиот квалитет. Но, и покрај сета почит кон противникот, спортски е да посакуваме победа.

На дербито Вардар – Пелистер фудбалската правда ќе ја дели Александар Ставрев од Скопје, а помошници ќе му бидат Марјан Кировски и Дејан Костадинов од Скопје. Делегат е Антонио Насевски од Кратово.