Press "Enter" to skip to content

Вечер на инспиративни спортски приказни

Во салата за состаноци на општина Битола, вечерва, во организација на невладината организација ТАКТ,  се одржа настан насловен како “вечер на инспиративни спортски приказни“. Настанот беше организиран во соработка со Општина Битола, а поддржан од француската амбасада во Република Македонија.

На оваа вечер на разговор и дружба младите спортистки и спортисти од Битола имаа прилика да се сретнат со неколку истакнати спортистки од Битола, кои во македонската јавност се познати по своите значајни резултати.

Присутните на средбата ги поздрави градоначалничката на Битола, м-р Наташа Петровска, кој им посака убава дружба на младите со спортистките и нагласи дека како поранешен спортист и професор секогаш се залагала за вклучување на поголем број на млади битолчани во спортот, а во таа насока и како градоначалник ќе продолжи.

Уводниот дел и целта на дружбата го образложи Силвија Митевска, претседател на ТАКТ, а присутен беше и претставник на Француската амбасада во Македонија.

Младите битолски спортисти имаа ретка прилика да слушнат инспиративни приказни за издржливоста и храброста на спортистките
во надминување на предизвиците и бариерите со кои се соочиле во текот на градењето на своите спортски кариери.

За своите предизвици и резултати во спортот зборуваа: Гордана Цветковска-Бошевска, Оливера Наковска-Бикова, Билјана Чурлевска-Маневска и  Ана Котевска, кои ги раскажаа своите спортски животни приказни и начинот на кој ги остварија своите високи спортски резултати. Исто така зборуваа и за предизвиците и потешкотиите кои ги имаа во спортот и нивната посветеност и истрајност кон исполнувањето на целта.

Настанот имаше и едукативна природа и беше инспирација за младите да ги следат ваквите успешни примери во спортот.

Текст и фото: С. Ристевски