Press "Enter" to skip to content

Караманката Дива од Битола, прва во својата возраст и втора во сите возрасти

Викендов во дворот на хотелот “Белви“ во Скопје се одржа првата специјализирана изложба за македонско овчарско куче – караман, насловена како „Караман куп“.

За најдобра во категорија на женки на возраст од 18 – 24 месеци женки, првото место му припадна на караманката  Дива, чии сопственици, Љупчо Ѓорѓиевски и Витомир Кокот, се од Битола.

Караманката Дива доби уште едно признание, а тоа дека таа е избрана на второ место во најубавите во сите класи на возрасни категории. Првото место му припадна на караманката од Бигорскиот манастир.

Караманката Дива, е од нулто легло од Битола, а сопствениците се горди на неа и се надеваат дека за брзо време оваа раса на македонски кучиња ќе си го најде заслуженото.

На изложбата во организација на Кинолошки сојуз на Република Македонија насловена како „КАРАМАН КУП“ учествуваа 57 карамани што досега е највисока бројка на учесници на изложбите за карамани. Се појавија карамани од Скопје, Битола, Тетово, Кавадарци, Гевгелија, Дебар и други помали места што укажува на тоа дека расата организирано се одгледува низ цела Република Македонија.

Инаку 2017 година беше многу успешна за расата македонско овчарско куче – караман. Беа изложувани карамани на меѓународни изложба во Охрид, Битола, Гевгелија и Скопје и за прв пат беше доделена титулата ЦАЦ за оваа раса на меѓународната изложба на Скопски Саем.

С.Р.

Фото: Љупчо Ѓорѓиевски