Press "Enter" to skip to content

Неолица на дофат на Битола, а оттаму Битола како на дланка, Пелистерски патокази, низ текст и фотографии (2)

Подготвил: Драган Ристевски

Најубавиот поглед кон Битола и речиси цела Пелагонија може да се доживее од Неолица.

Месноста Неолица е лоцирана на надморска висичина од 1.440 метри на југозападната страна од Битола. Оттаму како на дланка се гледа поголемиот дел на Македонија. Особено погледот е впечатлив ноќе кога Пелагониските села светат како светулки и Пелагонија наликува на ѕвездено небо.

Не без причина битолските планинари во 70-тите години од минатиот век го изградија на ударнички начин, со голем ентузијазам и самопрегор планинарскиот дом кој е познат под истото име – Неолица. Најголемиот дел од тие планинари беа вработени во Фабриката за фрижидери “Ѓорѓи Наумов“. Традицијата на тоа име денес ја негува планинарското друштво “Ѓорѓи Наумов“ кое и го одржува планинарскиот дом Неолица.

За да се стигне до Неолица треба да се совладаат близу 900 метри надморска височина со оглед на тоа што Битола е во подножјето на Баба Планина на околу 500-600 метри надморска височина. Со оглед на големата  височинска разлика што треба да се искачи, иако Неолица е на дофат на Битола, сепак да се стигне до неа потребна е добра психофизичка подготвеност.

Релацијата Битола – Неолица, независно од која патека имаме намера да се искачиме, изискува вложување на поголем психофизички напор. А до Неолица, намерникот може да стигне од повеќе страни и патеки. Во оваа прилика ќе наведеме пет релации и тоа, од селата Брусник, Лавци и Буково со Ореово, како и од зафатот на Стрежевскиот канал.

Во зависност од тоа каде живее во Битола, намерникот може да избира една од наведените патеки кои секоја за себе има одредена тежина но секако и убавина.

Најчестиот избор за искачување до Неолица, битолчани го прават по патот кој од кај Болницата продолжува по Лавчански пат. Преку селото Лавци и Стрежевскиот канал на 900 метри надморска височина, убаво маркираната планинарска патека води до месноста наречена Жабов Кладенец каде обично се прави мал одмор и се  гасне жедта од убавата чешма. Таму е средината на искачувањето кое од Битола до Неолица изнесува нешто повеќе од  два часа. Оваа патека е најчесто користена од планинарите и излетниците, а посетеноста е најголема во текот на пролетта, доцна есен и секако во зимскиот период. Од Кладенецот во насока кон планинарскиот дом Неолица планинарот може да избира три насоки кои се соединуваат пред неколку стотини метри пред домот Неолица.

Втората рута од Битола кон Неолица води од Брусничка населба преку селото Брусник кон манастирот “Св. Петка“, па преку буковата корија, по исто така маркирана патека се стигнува до шумскиот пат кој продолжува до домот Неолица.

Како трета маршрута ќе ја истакнеме онаа која од населбата Буковски Ливади, преку селото Буково во насока кон село Ореово, продолжува по Ореовска Корија и стигнува до пред месноста позната како “Колтуко“ јужно од домот Неолица на околу 300-400 метри.

Еден од “посложните“ пристапи кон Неолица е оној кој од Стрежевскиот канал над селото Буково, па по сртот води до спомен плочата на партизанскиот одред “Пелистер“ која се наоѓа на половина километар од планинарскиот дом Неолица.

Секако, убедливо “најлесната“ патека која води до Неолица е онаа која продолжува од Тумбе Кафе преку “Радарот“ и Смолево и змијулестите серпентини над Стрежевскиот канал, се до месноста “Кале“. Оттаму се приоѓа кон Лавчанската рута која води до домот Неолица.

Покрај наведените патеки по кои најчесто се движат планинарите постојат уште три-четири пристапи до Неолица. Еден од нив е и шумскиот пат изграден во 70-тите години од Шумското стопанство “Кајмакчалан“ од Битола. Тој шумски пат се уште е во употреба и по него може лесно да се стигне до Неолица со теренско возило и секако со мотоцикли и планински велосипеди. До тој шумски пат од Битола се стигнува преку селото Брусник до Стрежевскиот канал од каде се свртува в десно и на неколку стотини метри патот продолжува в лево кон Неолица. Земјениот шумски пат е во должина од 4-5 километри и минува низ атрактивна столетна букова корија.

Кога ќе се стигне до Неолица намерниците имаат еден од најубавите погледи кон Битола, Пелагонија и Мариово со Ниџе и врвот Кајмакчалан. А на Неолица, во планинарскиот дом со истото име, во викендите, посетителите можат да се послужат со чај и други пијалоци, а срдечните домари нудат и домашни чорби. Капацитетот на објектот за ноќевање е 40 легла, а цената изнесува 100 денари за планинари со членски книшки и 200 денари за други гости. Овој дом започнат со изградба во 1973 година од страна на вработени во Фабриката за фрижидери од Битола, во текот на изминатите децении беше надоградуван од страна на планинарите.

За многумина името Неолица е непознат топоним. Тоа име според наши сознанија потекнува уште од средниот век, а доаѓа од зборот неволица, невоља. Во услови на смртна опасност, биле организирани збегови на домородното македонско население во средновековна Битола на тврдината на Тумбе Кафе пред честите налети на различни воинствени племиња и народи (Авари, Готи, Келти, Турци и секако војските на Крстоносците). Токму затоа битолчани кога се наоѓале во неволни услови за опстанок се упатувале во збегови и се закривале во Неолица односно Неволица, по постојниот и најлесен пристап кој од Тумбе Кафе, преку Смолево,  продолжува кон Неолица, каде има услови за живот  пред се вода.

Токму овој пат, односно оваа рута е најчесто практикувана и ден денес.

Иако Неолица е за повеќето планинари е крајно одредиште за еднодневна екскурзија, сепак многумина продолжуваат кон други дестинации. Ќе споменеме дека од Неолица може да се направи кружна обиколка кон Крстот и врвот Неолица на 1.880 метри, па преку Бабин Заб и Таблата за потоа да се стигне назад во насока кон Битола.

Друга можност е преку врвот Скрково и Муса да се продолжи кон Орлови Бари и Големо Езеро се до врвот Пелистер.

На крајот да кажеме и тоа дека Неолица, ваква каква што ја имаме денес е само мал дел искористена за излет, рекреација и скијање. Неолица допрва ќе биде “откривана“ од битолчани, бидејќи најприродната врска на Битола со планината е токму Неолица.

Напомена: фотографиите се направени од скоро сите патеки, во различен временски период и имаат цел да прикажат како оттаму се гледа Битола и Пелагонија.

(Во следната прилика: Раскошните можности на Широка)

 

More from БитолаMore posts in Битола »