Press "Enter" to skip to content

Победа на Пелистер во пелагониското дерби, единаесетта по ред во првенството

Пелистер – Прилеп 35:28 (16:17)

Пелагониското дерби од Супер ракометната лига, кое се одигра во Битола, во спортската сала “Младост“, помеѓу Пелистер и Прилеп помина во знак на “пелистерци“ кои со оваа победа го зацврстија првото место на табелата, на само едно коло пред крајот на есенскиот дел.

Пелистер победа ја обезбеди во последните дваесет минути од натпреварот, кога најпрво израмнија во 45 минута 23:23, а потоа направија серија од 7:2 и дојдоа на +5 (30:25) и го решија победникот во овој натпревар. Во овој период цврстата одбрана на Пелистер не му дозволи на ракометарите на Прилеп да постигнуваат голови, а во нападот крилата Ивановски и Јагуриновски седум пати постигнуваа голови, седум по ред.

По ова водство на Пелистер рутински го одигра крајот на натпреварот, зголемувајќи ја разликата, за на крај да победат со 35:28.

Инаки, ракометарите на Прилеп одлично започнаа и поведоа 6:4, а Пелистер во средината на првото полувреме поведе 10:9. Потоа следуваше добра игра на гостите, кои на одмор заминаа со гол предност. Вака изедначен беше резултатот и во првата половина од вториот дел.

Најефикасни кај Пелистер беа Јагуриновски со 13 и Митиќ со 5 гола

Во екипата на Пелистер не настапија Грузијците, Орјоканидзе и Чантурија, кои би требало да играат на последниот натпревар оваа есенска полусезона во сабота кога Пелистер гостува кај Борец од Велес.

Оваа победа беше 11-та по ред за “пелистерци“ кои не само што се зацврстија на табелата, туку и ја зголемија бодовната разлика.

More from СпортMore posts in Спорт »