Press "Enter" to skip to content

Раскошните можности на Широка, Пелистерски патокази, низ текст и фотографии (3)

Подготвил: Драган Ристевски

Раскошот на Широка особено може да се доживее во зимски услови при снежна покривка од околу два метри. За ретките посетители на Широка овој снежен раскош претставува вистинско скијачко Елдорадо.

А до месноста Широка најчесто се доаѓа по планинскиот пат кој од потпелистерските села Трново и Магарево продолжува кон Информативниот центар на околу 1.300 метри надморска височина (поранешната вила на Лазо) па преку Палиснопје и Цапарска Пресека до Ловечката Куќа од каде што и почнува Широка.

Широкото пространство на овој дел од планината на директен начин и кумувало на овој топоним со зборот Широка. Точната локација на Широка е од Ловечката Куќа на 1.950 метри надморска височина, па се до 2.450 метри н.в. местото наречено “Семафорите“ каде што се дели патот на едната страна во насока кон врвот Пелистер, а на другата кон Мало Езеро (2.180 м.н.в.), и на третата кон Партизански Врв, односно кон месноста Козји Камен (2.400 м.н.в.) Ова широко пространство е обрабено со сртови кои се спуштаат кон изворите на Цапарска Река.

Идеалната поставеност на Широка во форма на потковица овозможува безбедно скијање и во влошени метеоролошки услови на силен ветер и присуство на магла. Ова од причина што при спуштањето со скии или ски-штица, анфитеатралната поставеност на конфигурацијата на теренот не допушта бегство во непозната насока туку сите патишта водат и завршуваат на едно место, а тоа е изворот на Цапарска Река во близина на Ловечка Куќа.

Токму затоа и раскошната привлечност на Широка кај љубителите на зимските спортови.

Втор не помалку битен фактор за скијачките предности што ги нуди Широка е тоа што првиот снег на Пелистер се забележува токму овде, а напластениот снег трае најдолго, се до првата половина јуни, во зависност од сезонските снежни врнежи.

Како битен предуслов, за речиси полугодишното присутво за снег во оваа месност, претставува северозападната поставеност на Широка и секако подлогата од трева на речиси 90 отсто од целокупниот скијачки полигон.

Според одредени проценки, на овој простор истовремено можат да скијаат неколку илјади скијачи, доколку Широка е современ скијачки центар, но за жал, во текот на зимата овде доаѓаат малкумина скијачки ентузијасти и сладокусци.

Желбите и заложбите на една група битолски познавачи на врвното алпско скијање (Марковски, Зиновски, Опашинов, Ристевски, Ивановски…), во 80 и 90-тите години на минатиот век, можеа да вродат со плод и на овој простор да се изгради жичарница која би тргнувала од селото Цапари, па во продолжение на долината по Цапараска Река да стигне до Широка. Оттаму, со монтирање на поголем број ски-лифтови, на едноставен начин можеше да биде освоена цела Широка и на тој начин да биде достапна, покрај за битолчани, и за скијачи од други градови и земји.

Инаку, покрај со теренско возило, по земјениот планински пат кој од Палиснопје преку Ловечка Куќа продолжува во една насока кон врвот Пелистер 2.601 м.н.в., а во друга кон Мало и Големо Езеро на 2.180 односно 2.218 м.н.в., до Широка се стигнува и по планинарска патека која минува паралелно со земјениот пат, како и патека која тргнува од село Цапари во продолжение на Цапарска Река до нејзиниот извор каде што е и почетокот на Широка. Земјениот шумски пат кој денес го користат патнички и теренски возила и ратраци е пробиен во 60-тите години на минатиот век. Во 1963 година,неговата изградба е времено прекината заради големиот земјотрес во Скопје, каде беше дислоциран единствениот багер кој работеше на негово пробивање. Пробивањето на патот беше продолжено во раните 70-ти години со помош на припадниците на ЈНА во насока кон Широка и Ловечка Куќа, Езерата и секако врвот Пелистер.

При изградбата и проширувањето на Предавателниот пункт на Пелистер од страна на ГП “Пелагонија“ за потребите на работниците беше адаптиран објектот на Ловечка Куќа кој потоа го користеа сменските екипи на Предавателниот пункт “Пелистер“.

Должината на патеката од Информативниот центар на НП “Пелистер“ до Широка изнесува околу 10-тина километри кои се поминуваат за околу три часа пешачење. Доколку се продолжи кон врвот Пелистер, до самиот Предавател (Антената) се стигнува за уште 1,5 до 2 часа.

Во последните две-три години, голем број битолчани од различни возрасти ја посетуваат Широка користејќи планински велосипеди и мото-крос мотоцикли.

Исто така се зголемува бројот на посетители кои што Широка ја достигнуваат со помош на теренски возила – џипови. Во услови на подлабок снег, до Широка се стигнува и со моторни санки и теренски возила за снег – ратраци. Патот низ Широка е маркиран со метални столбови високи од 2.5 до 3 метри кои во некои зими дел од нив речиси се затрупани. Металните патокази се поставени пред 40-тина години за потребите на екипите на вработени во предателниот пунк на Македонската радио-телевизија, лоциран на самиот врв Пелистер.

Раскошната убавина на Широка е присутна и во летниот период кога овој простор е прошаран од разнобојни планински цвеќиња. За многумина собирачи на шумски плодови Широка е локацијата од каде што собираат боровинки и разни видиви чаеви, посебно мајкина душичка коа во јулските горештини дава опоен мирис. Така Широка за љубителите на планината, е секогаш примамлива и таа секому може да му понуди убавини независно од годишното време, Широка едноставно , со “раширени раце„ ги очекува планинарите, скијачите, собирачите на шумски плодови и обичните намерници.

Да веруваме дека сонот и заложбите на битолските ентузијасти за изградба на современ скијачки центар „Широка„ еден ден ќе биде реалност.

Во наредна прилика: Мистиката на Големо Езеро

More from БитолаMore posts in Битола »