Press "Enter" to skip to content

Завршува есента, од денес влегуваме во зима, а вечерва е најдолгата ноќ од 15 часа

На северната полутопка, а со тоа и кај нас во Битола,односно, Македонија, завршува календарски есента и почнува зимата. Денес 21 декември, 2017 година од 17 часот и 28 минути  по средноевропско време, каде припаѓаме и ние, и официјално ќе бидеме во зима.

Зимата ќе трае 89 дена и астрономски ќе заврши на 20 март 2018 година во 17 часот и 15 минути, за време на пролетната рамноденица и во тој момент ќе почне пролетта.

Воедно, денешниот ден ќе биде најкраток ден во годината (краткоденица или зимски солстициум), а на јужната полутопка ќе биде најдолгиот ден (долгоденица или летен солстициум). Во Република Македонија, најкраткиот ден ќе трае само 9 часа и 7 минути.

Вечерва помеѓу четврток и петок ќе биде најдолга за 2017 година и ќе трае цели 14 часа и 53 минути, а веќе утре ноќите ќе почнат да се скратуваат за по околу 2-3 минути, а за сметка на тоа ќе се зголемуваат деновите, до 22 јуни 2018 година.

Метеоролозите велат дека оваа зима нема да бидеме изложени на голем студ како изминатата, во која покрај студот имавме и доста снег, туку според среднорочните прогнози на некои метео-центри, оваа зима на Балканот и во Македонија ќе биде просечна и значително потопла од минатогодишната.

Според краткорочните прогнизи се очекува за време на новогодишните празници ќе бидат без снежна покривка во поголемиот дел на државата, освен во повисоките-планински подрачја, а љубителите на снегот него може да го очекуваат во втората половина на јануари и во февруари.

Во исто време, на јужната полутопка започнува летото.