Press "Enter" to skip to content

Ракометниот клуб Пелистер има нов Управен одбор, претседател ќе се бира в сабота

Сите членови на Управниот одбор на РК Пелистер, си поднесоа оставка, а веднаш потоа беше именуван нов Управен одбор. Ова се случи на седницата на Управниот одбор кој ја водеше, претседателот на Советот на Општина Битола, Валентин Груевски, кој има овластување од Советот, да донесува одлуки околу организирањето на РК Пелистер, бидејќи Општина Битола е доминантен сопственик на акциите на клубот.

По констатирањето на оставките на сега веќе стариот Уптравен одбор, Груевски го соопшти новиот, а за нови членови на Управниот одбор се назначени: Васко Ковачевски – генерален директор на РЕК “Битола, Горан Козаров – директор на ЈП “Водовод“, Панде Богоевски – директор на ЈП “Комуналец“, и уште четири членови. Во Управниот одбор остануваат двајца од стариот, Сашо Шамбевски и Албен Исаи.

Вака конципиран Управен одбор во кој влегуваат раководителите на најсилните компании во Битола и секако од единствениот акционер Општина Битола, се чини ќе има стабилен и најголем буџет во македонскиот ракомет, секако после Вардар.

Управниот одбор закажа Собрание на РК Пелистер, за в сабота, кога Општина Битола ќе го избере новиот претседател на клубот. Покрај претседател ќе се бира и нов спортски директор, а секако ќе се знае како ќе биде екипиран Пелистер пред стартот на пролетнито дел и како ќе продолжи соработката со тренерот Стевче Алушевски.

Инаку, Пелистер е есенски првак во Суперлигата, а набрзо откако ќе се компелтира организациониот тим на Пелистер, ќе се знае со какви засилувања ќе тргне Пелистер во плеј-офот.

Какви ќе бидат амбициите на Пелистер за оваа сезона, односно на што ќе атакува ќе се знае во сабота, а битолчани јасно кажаа дека го сакаат Пелистер во врвот на македонскиот ракомет, а посакуваат и СЕХА лига.

More from СпортMore posts in Спорт »