Press "Enter" to skip to content

Министерот Сугаревски најави градежен бум во регионот од март месец идната година

На средбата која се одржа денес во кабинетот на градоначалничката м-р Наташа Петровска со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, министерот најави директна поддршка од централната власт за подобрувањето на комуналната, патната и железничката инфраструктура во општината Битола и Пелагонискиот регион за што Општина Битола е веќе подготвена со проектна документација, а дел од проектите се во завршна фаза на изработка.

-Добар дел на средства кои што ги има преку Министерството за транспорт и врски од Европска инвестициона банка, кои што и следуваат на општината Битола, општината треба да ги искористи, затоа што таа кредитна линија завршува на крајот на наредната година. Рокот за апликација е до месец март и веќе дел од проектите градоначалничката ги има доставено до Министерството за транспорт и врски, следната недела очекуваме да бидат доставени и други проекти, така што до крајот на јануари или до почетокот на февруари се достават сите средства во рамката од  1.300.000 евра кои што согласно кредитната линија и следуваат на општина Битола, да може максимално од тие средства бенефит да добијат граѓаните на општината. Предвидена е изградбата на експресен пат Прилеп – Битола до граничниот премин Меџитлија, исто така со 26 реконструкции кои се предвидени за идната година, опфатена е реконструкција на патот од Битола до Меџитлија, предвидени се патни правци кои ја поврзуваат Битола со Демир Хисар, така што во овие планови кои што ги има јавното претпријатие за државни патишта заедно со министерството за транспорт и врски и Владата на РМ, сериозно очекуваме да се направи поголем градежен бум, од март месец идната година, односно со почнувањето на градежната сезона, изјави Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески

-Имавме средба со која сериозно се потврдува дека централната власт има сериозни намери во поддршка на нашата општина. Зборувавме за уредување од областа на инфраструктурата, уредување на водовод и канализација која што ги засега селата Габалавци, Секирани, Породин и особено Лавци, каде што знаеме дека имаме инфраструктурни зафати за кои што, како општина должни сме да ги реализираме, затоа што таму имаме објекти за кои граѓаните очекуваат ова да се реши. Затоа, можам да кажам дека оваа средба е радост не само за мене како градоначалник, туку и за нашите граѓани кои што живеат во овие места и покажува дека во иднина треба да гледаме со перспектива и задоволство на поддршката од централната власт и на решавањето на ваквите проблеми, изјави градоначалничката на општина Битола, м-р Наташа Петровска.

More from ВестиMore posts in Вести »