Press "Enter" to skip to content

ОУ “Кирил и Методиј“ со втора награда од МОН за “Најчисто и најбезбедно училиште во 2017/18“ во државата

Едно од најстарите училишта во градот ОУ „Св. Кирил и Методиј“ – Битола, повторно се закити со уште една државна награда. Овој пат училиштето одговори на повикот од Министерството за образование и наука и ја доби втората награда на конкурсот за “Најчисто и најбезбедно училиште во учебната 2016/2017 година“ во Република Македонија.

Со таа цел, екипата на Bitola News  го посети училиштето и поразговара со директорот Кристина Полизовска:

-Разгледувајќи ги критериумите кои требаше да се исполнат, одлучивме да конкурираме и со право се стекнавме со оваа награда. Таа (наградата) е резултат на посветеноста и трудот на сите вработени во ова училиште, се разбира и на поддршката која ја имаме од родителите, но и навиките со кои се стекнуваат нашите ученици. Преку низа проекти кои ги спроведуваме во нашето училиште, значително е подобрена училишната клима, намалена е нетрпеливоста кај учениците и конфликтите се решаваат преку советувања и реализирање на едукативни работилници. Со самиот факт што нашето училиште е носител на зеленото знаме и статусот Еко училиште се истакнува дека еколошката свест кај учениците и вработените е на високо ниво.

Училишната зграда се наоѓа во центарот на Битола и претставува културно-заштитен споменик. Во неа како учители дејствувале Јован Жинзифов (таткото на Рајко Жинзифов), учебникарот Димитар Македонски како и револуционерите Даме Груев и Ѓорѓи Сугарев.

-Зградата е под заштита на НУ „Завод и музеј“ на град Битола и има голема историска вредност. Затоа ние чувствуваме обврска за чување, но и адаприрање на просторот кон потребите за воспитно образовниот процес. Така на пример во изминатиот период училниците се адаптирани и опремени со современи наставни средства и помагала, кабинет со смарт табла, медијатека, библиотека, дневен престој итн., изјави Полизовска.

ОУ „Св. Кирил и Методиј“ – Битола активно учествува во проекти како што се „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“, „Меѓуетничка интеграција на младите во образованието“, „Заедничка грижа за правилно насочување на учениците“ и слично, а во училиштето работат и професионални заедници за постојано учење преку кои се работи на подигнување на свеста кај учениците за одржување на хигиената во и вон училиштето, намалување на нетрпеливост и почит едни кон други.

More from ВестиMore posts in Вести »