Press "Enter" to skip to content

Чурино од Битола, тренира ММА борци во Оман, трча како спартанец и се бори против најдобрите на Блискиот Исток во џиу-џицу

Само пред околу една година битолчанецот Ристо Димитров – Чурино во Битола освои златен појас во ММА конкуренција до 66 килограми, што наиде на респект кај битолчани, а истата вечер организира Европски аматерски шампионат во МММ во спортската сала “Младост“ во Битола и голем професионален турнир. Потоа веднаш го снема од јавноста. Никој не го споменуваше, а битолската спортска јавност како да го заборави, но оние кои добро го познаваат со нетрпение ја очекуваа добри вести од него.

Чурино набрзо по успехот во Црна Гора замина во градот Мускат во Оман, а тој по вибер-комуникација за тој период вели:

-Пред повеќе од една година победив во Црна Гора, потоа во Битола, во спортската сала “Младост“ организирав ММА натпревари во кафез, а некаде во март изминатата година заминав на Блискиот Исток, во државата Оман каде сум веќе 10 месеци. Во меѓувреме добро се снајдов во градот Мускат, каде сега живеам и работам како ММА тренер во UFC GYM OMAN. Покрај тоа што ги тренирам оманските ММА борци, од неодамна почнав и да се натпреварувам.

Првиот настап, нашиот сограѓанин, Ристо Димитров – Чурино, го имаше на една од најтешките “профи атлетски“ трки во светот, која заради тоа што тешко се истрчува е наречена “Спартанска патека“. За неговиот настап Чурино ни рече:

-За прв пат се тркав на една од најтешките трки во светот “SPARTAN RACE”. Јас се натпреварував во Супер трката, која беше до должина од 14 километри и имаше 29 различни препреки. Прво со неверување гледав на тоа дека е една од најтешките трки во светот, но само по првата препрека се уверив дека не го има добиено за бадијала името “Спартанска трка“. Иако за прв пат се натпреварував во ваква трка на крајот имав едно од најдобрите времиња. Одличниот резултат ми го донесе 4. место во мојата возрасна категорија, а 9. во севкупен пласман. Колку е овој резултат вреден, ќе ви биде појасно кога ќе ги кажам дека на оваа трка се натпреваруваа 384 “спартанци“ од целиот свет, со “дебело“ спорстко досие, кои се специјализирани за вакви профи натревари.

Кога спомена дека е тренер на ММА борци во Оман, го запрашавме какви резултати имаат неговите ученици.

-Ќе започнам со друго, а потоа ќе се надоврзам на прашањето. По “спратанската трка“ се одлучив и да се натпреварувам во џиу-џицу. Првиот турнир го имав во Дубаи, каде се одржуваше најпрестижниот турнир во џиу-џицу насловено како “DUBAI INTERNATIONAL JIUJITSU PRO CHAMPIONSHIP 2017″, а како вели самиот наслов во професионална конкуренција. Се натпреварував во двете конкуренции “со кимоно“ и “без кимоно“ и во двете без вицешампион, односно освоив две сребрени медали. Исто така еден од моите ученици се појави на ова натрпеварување, кое што му беше прво официјално натпреварување. Тој беше трет во својата категорија, веќе го слават во Оман, заедно со мене, како освојувачи на вредни медали, а тоа тука го сметаат како успех на државата, вели со гордост Ристо Димитров – Чурино, кој додава дека во Дубаи се претставиле како професионални, а биле и изненадување за противниците кои биле силни професионалци и за организаторите.

Чурино по одличните резултати со гордост во Оман се претставува како Македонец, а како вели на секој начин ја афирмира Македонија, а посебно својот роден град, Битола.

-Сите кои контактираат со мене знаат за Македонија и Битола, како во Оман така и во Дубаи. Посебно сум горд што се борам под македонско знаме и ја претставувам Македонија, мојата земја и мојот град. Ме радува и дека локалците секој ден, а по малку им досадувам,  ги запознавам со убавините на Македонија и Битола, вели Чурино.

Откако се изнаприкажува, го запрашавме за идните планови, а Чурино ни рече:

-Мој следен голем предизвик ќе биде “Muscat Marathon“ на кој ќе трчам полумаратон заедно со сите мои ученици. Ова за мене е посебен предизвик, бидејќи јас не сум атлетичар, а најмалку маратонец, но според тоа како тренирам и какви времиња имам сигурно ќе истрчам 21 километар, а можно е да изненадам. Потоа ме очекуваат два сериозни натпревари на “моја територија“ во џиу-џицу во Обединетите Арапски Емирати, а се ова ќе биде подготовка за настапот Светското првенство за професионалци кое ќе се одржи во Абу Даби.

Чурино не знаеше да ни каже кога ќе се врати во Битола, поради големите професионални обврски во Мускат, Оман, но ни вети дека кога ќе дојде ќе ни каже повеќе за земјата Оман, за која битолчани многу не знаат, а ние му порачавме да дојде назад со многу големи златни пехари, медали и профи појаси.

Текст: Сашо Ристевски

Фото: приватна архива на Р.Д. Чурино

More from СпортMore posts in Спорт »