Press "Enter" to skip to content

Ракометарите на Пелистер ги започнаа зимските подготовките (фото)

Ракометарите на Пелистер, попладнево во нивниот термин во 18,30 часот, во спортската сала “Младост“ по зимскиот одмор, ги започнаа подготовките за пролетниот дел.

Наместо тренерот на Пелистер, Стевче Алушевски, кој е на усовршување во Хрватска, прозивката ја направи спортскиот директор, Златко Димитровски, а тренинзите ги водат помошниците на Алушевски, Зоран Атанасовски и Златко Велјановски.Според, Димитровски на овие подготовки ќе бидат вклучени 22 ракометари, а деновиве до враќањето на Алушевски, ќе се работи по неговиот план кој го има доставено до Управата, а со него имаат и секојдневна комуникација.

-Планот за подготовки е цело време да бидеме во Битола, а некаде во идната седмица да имаме и висински подготовки во хотелот “Молика“.  Во тој период од подготовките  претпладне ќе работиме во “теретана“ во Битола, а попладне ќе ги работиме висинските подготовки. Потоа планирани се и две гостувања во странство. Исто така во план се одигрување на контролни средби, но се ќе биде координарано со клубовите за најскоро време, според тоа како ќе бидат гостувањата во Србија и Унгарија. Од тоа ќе зависи со кој противници ќе играме на домашен терен, вели Златко Димитровски.Покрај Димитровски на првиот состанок со ракометарите беа присутни и Борче Корлевски, Сашо Јанкуловски и Ана Трифуновска, а сите заедно ги координираат подготовките, секој со своето задолжение.

Капитенот на Пелистер, Васко Димитровски, вели дека сите ракометари кои се на овие  подготовки ја знаат важноста.-Ова се подготовки кои ќе мораме одлично да ги сработиме, бидејќи на пролет не очекуваат тешки натпревари. Најпрво да го одбраниме првото место на табелата, а потоа да влеземе што поподготвени во плеј-офот, против екипите кои ќе обезбедат пласман и против екипите кои се приклучуваат Вардар и Металург, вели Димитровски.

Текст и фото: С. Ристевски