Press "Enter" to skip to content

Совети од психолог: Асертивност наместо послушност

Подготвил: психолог: Жанета Ристевска

Во комуникацијата со другите луѓе во различни животни ситуации често сме биле во ситуација кога сакаме да го искажеме своето, мислење, ставови, убедувања, тоа да го направиме на правилен начин и да бидеме одобрени и прифатени,иако честопати не знаеме тоа да го направиме.  Но, постојат личности кои своето мислење и ставови го изразуваат со наметнување над другиот, убедувајќи дека тие се во право во комуникацијата.

Првиот  е т.н. агресивен стил на однесување во комуникацијата кој може да  се анализира преку вербалната и невербална комуникација со силен глас, викање  и агресивност во држење на телото, со негативни емоции и чувства кои водат до конфликти и караници. Таквите негативни емоции придонесуваат таквата личност да се чувствува непријатно и незадоволно од себе, кај некои личности придружено  со чувство на вина заради ваквото свое однесување.

Други пак завземаат став на привидно сложување со другиот и т.н. „Да- послушност“ или пасивен стил на однесување со мирен, снижен глас, со срамежлива невербална комуникација и  често извинување дека се сложува со се, (всушност таквиот став е завземен од  воспитувањето во детсвото, тоа е т.н. „послушно дете“).

И пасивно агресивен стил на однесување кој го карактеризираат иронично пецкање и сарказам во вербалната комуникација проследена со карактеристична невербална комуникација на остар поглед и надменост во држењето на телото. 

Многу често кај сите овие три стила на однесување постои она  внатрешно неслагање или бунтовност заради неправилната комуникациаја на неискажаното  свое сопствено мислење со т.н. „кнедла во грло“ која произлегува од негативни емоции и чувства често изпомешани помеѓу  прашањата: „Зошто молчев? Или „Зошто не се изјаснив како што треба?“ Кај сите стилови на однесување може да се јават и чувства на вина и незадоволство од себе на недоискажаност.  

Сите овие ситуации се едноставни примери на однесувања кои водат до незадоволство со себе и во кои секоја личност  може да се пронајде во одредениот стил на однесување во зависност од тоа каков став завзеле уште со воспитувањето во своето детство.

Наспроти овие опишани, погрешни, однесување кои често водат до стрес  постои и друг стил на прилагодено однесување т.н. асертивно однесување и асертивна личност која мора да се изградува за да го анализира своето однесување во реални ситуации.

Треба да бидеме оптимисти бидејќи асертивното однесување, може да се јакне и развива  со различни техники за кои ќе стане збор во наредните објави.

Сега најпрво да се запознаеме со поимот и кои се карактеристиките на асертивните личности.

Асертивност е однесување кое го карактеризира самоуверена комуникација свесна за сопствените права и вредности,  потекнува од англискиот збор assert- изјава, изнесување на мислење и права. Асертивноста подразбира изразување на мисли и чувства на директен, искрен и социјално прифатлив начин со уважување на другите луѓе и мислења. При тоа асертивното однесување го карактеризира самопочитување, кое е еднакво со почитување на правата и вредностите на другите луѓе.

Асертивната личност зазема животна позиција од мотото на „ Јас вредам, Ти вредиш“. Таа го почитува туѓото мислење и ставовите, но тоа не значи дека се сложува со нив (на ниво на послушност).

Асертивното однесување не штити и чува, достоинствено во ситуации кога реално постои опасност да бидеме изманипулирани.

Карактеристики за асертивно однесување:

активно слушање,

почитување на другите луѓе,

јасно и конкретно изразување мисли, ставови, убедувања и чувства,

прифаќање на одговорност за своите зборови, постапки и дела,

подготвеност  да се извиниш или да пофалиш некој,

упатување на критика, но со уважување на личноста, без да се навреди или обезвредни,

прилагодена невербална комуникација, и       

толеранција на непријатност.

Карактеристики на асертивните личности:

-тие се почитуваат себеси своето време и енергија,

-имаат  доверба во себе и во другите луѓе,

-отворени се за соработка и нови решенија,

-знаат да се справат со стресот,

-ја деескалираат ситуацијата, и

-почесто од другите го добиваат она што го сакаат.

Асертивното однесување може да се нсочува, развива и јакне со посебни техники и тренинг.