Press "Enter" to skip to content

Од билтенот на СВР Битола, тешка кражба и фалсификување службена исправа

На 18 јануари во СВР Битола било пријавено дека истиот ден во времето од 12,15 до 15,10 часот во Битола на ул.„Анести Пановски“ непознат сторител извршил тешка кражба во куќата сопственост на Л.Ј. (58). Имено, сторителот со употреба на подесен алат делувал на прозорот од гаражата од приземниот дел од куќата, по што влегол внатре и одзел околу 7.000 евра, 130.000 денари и златен накит по што го напуштил местото на настанот стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 600.000 денари. Увид извршила увидна екипа од СВР-Битола.

СВР Битола поднесе и кривична пријава против Ф.Л. (43) од село Граешница,  битолско, за сторени кривични дела: “поттикнување“ во врска со “Фалсификување службена исправа“  и “Фалсификување исправа“. Пријавениот, којшто претходно бил повеќекратно осудуван, при аплицирање за добивање виза од Австралиска амбасада во Белград, искористил лажна исправа, односно потврда од казнена евиденција, којашто била издадена на име на лице од село Журче,  Демир Хисар. Откако, во Австралиската амбасада во Белград се посомневале во веродостојноста на документот, побарале интервенција од страна на почесниот конзул на Република Македонија во Австралија, по што на 31.10.2017 година од негова страна е испратено барање до основен Суд Битола, за експертиза и известување околу валидноста на издадената потврда. При извршената контрола и увид во архивската документација констатирано е дека се работи за фалсификуван документ.