Press "Enter" to skip to content

Интервју: Весела Весе Богдановиќ, мотиватор со голема креативна енергија, а во душата љубопитно дете

Весела Богдановиќ за разговорот не прими во нејзиниот дом, со широка детска насмевка и преубави сини крупни очи.  Веднаш започнува приказна  за секој детал и украс кои ги гледаме насекаде околу нас во  нејзиниот дом. Многу ковчежиња со клучеви  и  креативни изработки – послужавници со каменчиња, бисерчиња, куклички, бабушки, лупа за истражување и развивање на љупобитност кај децата, за кои нашата соговорничка веднаш  раскажува по некоа приказна или спомен.

-Секој предмет има некое значење и претставува некое мало богатсво за мене. Некои од нив се креативен израз низ мојата работа со учениците. Тие  ја поттикнуваат  нивната љубопитност и истражувањето како основни карактеристики за развивање на интелегенцијата (како когнитивна така и емоционална) и креативното мислење. Секое претставува патување низ фантазијата, вели таа.Впечаток ни остава интересната крлешка со интересен дизајн. Во се, се гледа дека  слободното дете во нејзината личност преовладува, а со него и фантазијата како одраз на детето во нас. Таа е главниот мотиватор во нејзината професија како наставник, едукатор, обучувач и предавач. Не е ни чудно што ги пренесе бајките во сите наставни предмети и стана омилена како меѓу учениците, родителите и наставниците. Со својата внатрешна енергија ме потсетува на урбана принцеза или добра вила. Можеби и заради тоа  и учениците и веруваат во нејзиното патување низ бајките и учењето. А креативните проекти  што ги прави се толку популарни и инспиративни.

Низ  сите интересни  проекти во нашата и соседните земји, успешно се  реализираат цели со примена на бајки низ сите наставни предмети. 16 години успешно ја спроведувате својата креативна методологија за работа независно од тоа кој, кога и како ги менува наставните програми. Покажавте дека математиката може да се учи низ игра и преку приказни и да биде радосен предизвик за децата. Ги предизвикавте учителите, родителите и дечињата да ноќеваат во своите училници и да ја искористат таа магична и неповторлива  ноќ за читање, творење и игри.   Штом се појави Вашето име на повик за работилници или предавања, салите се полни со родители, учители, студенти, баби и дедовци кои сакаат да ве слушаат.-Како и што забележавте јас сум во душата дете, а и ние сите сме на некој начин големи деца. Сакаме се што е креативно и забавно, се што ни дава фер прилики да покажеме колку знаеме да бидеме посебни, секој на свој начин. Моите повици се искрени, природни. Стилот на обраќање ми е едноставен, другарски. Никого не сум повикала да прави нешто за што претходно не сум прикажала свои примери. Се вклучува оној кој сака, не затоа што мора, а бројот на оние кои сакаат расте од ден во ден, измамени од нашата радост која ја прикажуваме за време на нашето лично учество. Моите акции не ловат грешки и погрешни чекори. Секој е испочитуван за она  во што е добар и што со љубов го сработил. За време на предавањата не користам научни податоци од стручна литература за да се повикам на поддршка на моите ставови или да покажам стручност со прикажување на проверени и признаени светски идеи. Едноставно раскажувам и нудам лични примери на обиди и мои грешки кои сум ги правела низ овие 16 години, а тие  се блиски на секој еден обичен човек, секој се пронаоѓа себе си во нив, независно дали е во улога на родители, наставник или дете. Сакам и барам соработки за да учам од секого, затоа што верувам во квалититетие на другите колеги. Веројатно за сметка на тоа уживам фер прилики. Ми се случува да добивам и покани за презентација пред стручна публика за теми за кои се плашам дали сум доволно компетентна. Но, никогаш организаторите не ми дозволите да си поверувам во своите сомнежи и да не ја прифатам понудата. „На оваа публика и треба твојата мотивација, треба да ни подариш дел од твојата енерија, да почувствуваат како изгледа кога некој зборува со љубов и верува со љубов во она што го работи од срце, тоа нам ни е потребно а ти го имаш и сега во моментов  без подготовки“, тоа ми го зборуваат.

Инспирирате и повикувате колеги да снимаат свои часови по вашиот пример.  Меѓународниот  фестивал на едукативни филмови на кој сте организатор и член на жири, живее поддржан од страна на две министерства во соседна Србија. За време на обуките низ нашата земја, во училници полни со демотивиран кадар, успевате да внесете радост и мотивација за работа, а наставниците забораваат на сите проблеми кои им предизвикуваат реални незадоволства.  Сите свои креативни техники и методи ги пренесувате со ентузујазам и претставувате позитивен пример за внесување на новини во воспитно образовниот процес.-Ги поттикнувам колегите да на интересен начин организираат часови надвор од училница и училишните на иновативен, забавен и креативен начин. Сето тоа да го снимат како едукативн филм со посебна интересна музика која ги прати активностите на часот и учествуваат на фестивалот за награда.Во друга конкуренциај снимаат видео-спот  за своите училишта. Целта беше да се прикаже училиштето низ игровни активности. Пти тоа креативно  да се прикажат сите учесници во работата на училиштето и тоа: сите ученици по класови, сите  наставници, стручна служба и технички персонал.  Сето се изведува низ драматизации со снимање низ објектот на училиштето  со интересна музика во позадина. Пораката е да се долови атмосферата во улилиштето кое се претставува. Сето ова беше прифатено со многу возбуда од учениците, наставниот кадар и стручните служби низ нашата држава, а поттик беа и наградите  кои се доделуваат. При снимање на вакви едукативни филмиви помагаат и родителите за потребите на снимањето, а и за потребната костимографија.Тоа придонесе  да се остварат многу интересни проекти и  многу интересни филмови на овој фестивал под името “Креф“ во соседна Србија.

Низ разговорот меѓу креативните изработки на нашата соговорничка забележуваме интересно дизајнирана тетратка  за која ни вели: „Со оваа збирка од бајки пишувани од моите ученици многу сум горда. Наскоро треба  да биде објавена со креативен дизајн на кој ќе твориме со моите ученици. Изгледа како низ професијата да го изразувате својот креативен потенцијал, но и го пренесувате на своите ученици. Од каде црпите инспирација за тоа?

-Од се што ме опкружува, се што можам да го почувствувам, помирисам или допрам. Со мојот карактер и темперамент и како се чувствувам во моментот. Понекогаш шарено, весело и разиграно. А понекогаш сетно, мистично или магично. И не знам од каде да почнам. Наместо да лежам и мрзливо да се сончам на плажа, јас сум најголемо дете од сите деца на плажата. Изработуваме минијатури во кутии како спомен од интересни мигови, истражуваме податоци за тоа место во минатото и сега… Во дневната соба имам декорации кои поттикнуваат љубопитност кај малите гостинчиња па заедно играме со песок, креираме приказни за бабички и замоци на тајните, ловиме бисери со пинцети, играме со епрувети и лупа… Од пред неколку дена собирам стари клучеви. Не само што одлично ми се вклопуваат како додатни декорации во домот туку истите ме инспирираа да размислувам како ќе ги употребам во настава и сега имам долг список на идеи. Вчера случајно наидов на документарна емисија во која се зборуваше за тоа како прстенот низ историјата станал обележје за брачен живот и тоа ме натера да размислам како оваа интересна тема која буди љубопитност можам да ја искористам на час, па така запишав идеи за вежби за читање со разбирање, анализа на видовите реченици или зборови во еден ваков текст, математички вежби и секако моето омилено творење нови бајки со математички предизвици.  А кога сме кај идеите, нив си ги запишувам ама баш каде ќе стигнам, зависи од мигот, во мобилен телефон, врз фискални сметки, дури и на скришната страна од фрижидерот како на бела табла за да не ми побегне мислата. Често ни сама не успеавам да се стигнам себе си помеѓу идеите и реализацијата па често ги презапишува во тетратки за кога ќе им дојде денот. Домашните се шегуваат со мене дека потребна ми е секретарка за да ме следи и да запишува се по ред, а потоа да ме потсетува која идеја по ред треба да ја подготвам.

За сите свои успеси заслужни сте Вие и Вашата огромна енергија која ви дава сила да работите на повеќе проекти  напоредно. Како  постигнувате да се докажете на професионален план, а тука е и семјството на кое како жена треба да се посветите?-Семејството- мојот сопруг и мојот син ми даваат огромна подршка во мојата работа. Сите сме слични, но и на свој начин посебни. Секој од нас со искрена љубов се посветува на своите омилени активности и затоа потоа лесно си се сфаќаме кога некој е во свој работен елемент. Кога сме сите слободни во исти ден одиме на семејни патувања макар и до соседен град или место затоа што  веруваме дека тие заедички мигови се најважни од се. И често се случува наместо да уживаат под сенка да собираат камчиња или деланки од дрво за некоја моја штотуку добиена идеја но разбираат дека тоа ме прави среќна и срдечно се вклучуваат да помогнат. Пред неколку лета, наместо на плажа еден цел ден шетаа со мене низ разни продавници во Струга за да ми помогнат да најдам играчки чевличиња за обработка на сликовница, иако ниту ми беа потребни за време на распустот ниту точно знаев каква активност планирам со нив, но сета таа авантура ја минавме со низа шеги на сметка на Весе, чевларот и чевлињата, што до ден денес се смеам штом се сетам.

Уште во 2013 година бевте избрани за национален експерт едукатор во примена на ИКТ (информатичко компјутерска технологија)  при работа со деца од најмала училишна возраст и акцент на воспитување вештини на 21 век. Примената на ИКТ во наставата и денес после толку години е неомилена тема  помеѓу наставниот кадар во образованието. Какви беа и какви се Вашите искуства околку ова.-Секој би употребил ИКТ и употребува, и ние возрасните сме зависни од ИКТ во секојдневниот живот, но практичарот знае кога е корисно и изводливо да го прави тоа на час. Кога некој стои од страна и кажува идеи не значи дека тие се секогаш применливи на час. Сега со плус два часа ги држиме децата од 8 години во клупи за да ги научиме што е глувче, а што тастатура а да се обидеме да се вклучиме во игрите кои онлајн ги играат ќе се почувствуваме дигитално неписмени наспорти нивните вештини кои сами ги стекнуват без нас. Нема потреба од ова карикирано форсирање на компјутерската технологија, таа сама природно се наметнува. Компјутерот за децата денес полека станува обичен дигитрон. Да се вратам на годината за која зборуваме, кога “Микрософт“ прв започна да ги поттикнува наставниците да наоѓаат креативни начини за применаа на ИКТ но никако по секоја цена, водејки сметка дали примената е разумна и дали воедно се внимава на унапредување на вештини за 21 век. Името на мојот проект беше „Магична земја на бајките и приказни“. Првачињата во текот на учебната година имаа прилика секојдневно да избираат дали ќе учат со примена на ИКТ која им беше достапна или истата активност ќе ја работаат преку игри со манипулативи и работни листови кои ги подготвував за нив. Преку интерактивни приказни кои се наметнуваа како дневни теми за реализација на цели од сите наставни предмети, годината ја поминуваа во дружење со најпознатите ликови од бајките но и онлајн соработки со други училишта. Решаваа нивни секојдневни проблемски ситуации, ги смируваа кога се скарани, ги советуваа да помагаат на послабите, ги ставаа во нови ситуациии и нови доживувања…Тогаш открив дека децата и од ова најмала возраст можат да бидат автори на нови бајки затоа што нивната фантазија е драгоцена.  За време на овој проект имав прилика да си го потвдрам ставот дека децата сакаат промени. Ги радува примена на ИКТ исто толку колку и примена на играчки, песок и вода. Овој проект покажа како наставникот може и треба да прави мудар спој помеѓу примена на ИКТ и примена на други ресурси за работа за да ги задоволи различните интереси кои кај секое дете се менуваат по неколку пати и во текот на еден ден.

За цело време нашата соговорничка ни зборува интересно и со шарм и  не е чудно што на нејзините предавања има толку многу посетители кои сакаат да ја слушаат. Но, таа скромно истакнува дека не сака да зборува за своите награди и признанија кои се случиле до сега. „Доволно е пишувано и се плашам да не станеме досадни со повторување. Сега би сакала да се посветам на новите проекти, но и за нив ќе зборуваме кога ќе се завршат. Сега само да ги споменеме“.-А тоа е организација на студиско патување во Словачка, како награда за менторите на шест најуспешни училишта кои учествуваа во проектот “Ноќ со Андерсен“, со посета на селото на бајките, училишта и факултети во Словачка.

-Потоа ангажман за подготовка  на  нови категории и правила за учество на нашиот трет КРЕф меѓународен фестивал на едукативни филмови. Фестивалот и оваа година се наоѓа на листата на настани акредитирани од страна на МОН на соседна  Србија

-Работа  на конкурс за пријава на креативни работилници од наши колеги, во рамки на нашата Четврта меѓународна конференција „ Пријатели на образованието„

-Уредување на збирката  нови детски бајки, пишувани од моите ученици,  која за скоро ќе биде објавена од страна на Просвето Дело и ќе оди како проект за унапрдување на воспитни, читачки, творечки и математички вештини.

-Член сум како практичар во работната група која работи на изработка на новите програми за промени во образовниот процес од Министерството за образование.

Низ сите проекти, едукативни работилници,обуки, семинари, конференции за образование во нашата земја, а и во многу други држави кои ги посетивте кажете ни  која е вашата визија за образованието во иднина.-Додека не се врати мотивацијата, довербата и самодовербата кај кадарот, не мрднуваме ниту чекор напред а назад одиме дури и кога спиеме. Инаетот и самоодбраната се толку влезени кај вработените што често како затруени не се во состојба да веруваат ни во добри идеи ниту имаат трпение за нив. Бев делегат на разни светски настани. Имав прилика да проценам каде сме што сме. Во многу прилики можев да донесам заклучок дека она што светот го промовира како иновативно ние веќе го имаме, од меѓуентничка интерација до екологија, технологија. Кога си заедно со сите едуктори од светот во очи не ти паѓаат само земјите кои ги промовираат медиумите а на кои можеш да им завидуваш на ресурси и просторни услови за работа, таму подеднакво присутни се и оние кои имаат незамисливо помалку од нас а сепак имаат мотивација за работа и заслужено добиле титули најдобри светски едукатори, а ти можеш да учиш од нив и методи и техники и нови идеи, иако училницата им е изградена од трски и кал. Мотивацијата е широк поим и озбилна стратегија која освен нудење на подобри материјални услови како поттик,  бара и озбилно  познавање и применување на психологијата за меѓучовеќките односи во едно општетсво за да се делува со успех. На почетокот на овој разговор зборувавме како тоа колегите спиеле во училиштата иако ниту сум им платила ниту морале да се пријават на повикот за ноќна работа со деца и 6 месечна работа на проект за кој не им се зголемила платата во однос на оние кои не се вклучиле.. Мотивација, почит, охрабрување и взамено почитување на ралични вредности. Нашата минитерка  за образование Рената Десковска во изминативе месеци одлично работи на подобрување на мотивацијата и климата во нашето образование.

Во  работната група која работи на изработка на новите програми меѓу професорите и другите советници вие сте практичар кој доаѓа од редовите на наставниците за да придонесе со идеи и предлози кои се темелат на искуството и реалноста во воспитно образовниот процес. Сигурна сум дека сите, а најповеќе родителите очекуваат позитивни промени во образованието за своите деца.Да , јас сум да речеме тој „глас на наставникот“ кој би требало да се слушне при изработката на новите програми. Се надевам ќе ја оправдам дадената доверба и со конкретни идеи и практики ќе придонесам тие промени кои се неопходни особено на негативните страни на Кембриџ програмата за која и долго време се кршат копјта меѓу теоријата и практиката.

 Искрено да потврам дека до сега не сум доживела посилна поддршка за подобро национално образование. Програмата за прво одделение е веќе достапна на станата на МОН, а повикот секој да го каже своето мислење, предлози и сугестии тече секојдевно. Токму затоа што нашата министерка верува во вработените во образованието и се обидува да најде начини секој еден да биде вклучен во негово креирање. Ова е подадена рака до сите нас и сите треба да ја искористат затоа што долго ја баравме. Наместо критики низ профилите на Facebook и негативни ставови по прочитан наслов, секој еден има прилика да седне, да напише и да испрати нешто што ќе биде корисно. Ги повикувам сите: наставен кадар, стручни служби, родители  и сите кои сметаат дека образованието е темел на општествоти и треба да биде квалитетно да даваат конструктивни предлози за подобро образование кои нашата работна група би ги разгледувала и применила.

Се надеваме дека ова ќе биде повод и за следни разговори со нашата соговорничка која со голем ентузијазам и мотивација зборува за својата работа и искуството низ воспитно образовниот систем воопшто.

Разговорот го водеше: Жанета Ристевска

Фото: С. Ристевски

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »

Be First to Comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mission News Theme by Compete Themes.