Press "Enter" to skip to content

Весела Богдановиќ за искуствата од Словачка: ученици, настава, змии, шкорпии и наставници со топлинки (фото)

Битолчанката, Весе Весела Богдановиќ заедно со Ана Хркова и Зузана Путник, предметни наставници од словачкото основно училиште „Млада Поколења“ од Ковачица, беа во улога на интернационални организатори на проектот „Ноќ со Андерсен“ и направија бајка од образованието во нашата земја и регионот, при тоа оваа иницијатива  даде одличен придонес  кон унапредување на креативноста во наставата, интерграција на наставни цели и учење низ игра.За најдобрите училишта од регионот следуваше студиско патување во Словачка, како поттик за понатамошна работа и вклучување во проекти за креирање и промоција на квалитетно образование кое се темели врз потребите и интересите на децата. Поразговаравме со некои од претставниците кои беа на патувањето во Словачка веднаш по нивното враќање во Битола, кои возбудени сакаа да ги споделат впечатоците од патувањето. Наставничката Весела Весе Богдановиќ веднаш  со големо воодушевување ни кажа „од многу доживувања и силни впечатоци не знам од каде да започнам“. Ќе се обидеме да ви пренесеме дел од нивните доживувања, преку зборовите на нашите соговорници и нивните фотографии, со кои се надеваме ќе ви  ја доловат атмосферата за училиштата кои ги посетија со поинакви услови за работа.

-Патувавме повеќе од 27 часа во еден правец, а нашите учителки дури и времето во автобус го користеа за информирање околу проекти во кои можат да се вклучат и во планирање на идни проекти кои би ги креирале со меѓусебна соработка. Тоа е навистина за почит, истакна Кристина Ристевска, директорката на ОУ „Кочо Рацин“ од село Ивањевци.

Наставничката Весела ни објасни дека ова е одличен начин за успешна мотивација на наставниот кадар од нашата земја и продолжи:-Искрено се надевам дека следниот пат ќе имаме прилика да вклучиме и повеќе колеги кои како наши редовни учесници навистина заслужуваат да бидат испочитувани за сиот свој труд и ентузијастичка работа на проектите и конкурсите кои течат промовирани од наша страна во изминатите години. Голема благодарност до моите соработнички Анна и Зузана, претседателот на општина Ковачица и неговата сопруга и директорот на ОУ „Млада Поколења“ кои се погрижија околу условите за патување и контакот со институциите во кои бевме срдечно пречекани. Сместени бевме во средношколскиот дом кој се наоѓа во рамките на државното земјоделско училиште во Банска Бистица. Условите за престој во овој дом се навистина прекрасни и далеку од слични со условите низ нашите средношколски домови. Училиштето располага со  менза во која храната ја подготвуваат учениците, а нивното училиште заработува околу 20.000 евра месечно, само од продажба на 123 видови колачи и кетеринг за семејни настани во градот- ни раскажа Весела со восхит.

Учениците кои учеле на насоката за пчелари произведувале мед и пијалок „медовача“ кој се продавал како лековит напиток, во неколку училишни продавници во градот, а имал вкус помеѓу вино и ракија. Во своите продавници низ градот, ова училиште продавало и 73 видови пекарски призводи, кашкавал, пршута и ткаени парчиња како декор за подови.-Која е месечната заработка на ова училиште или на ученик поединечно не успеавме да сфатиме, затоа што на секој нов чекор додека траеше обиколката следуваа нови изненадувања, но сфативме дека децата патуваат од сите страни на Словачка за да учат занаети, горди на професииите кои ги избрале, свесни за предизвиците, одговорностите и придобивките кои ги очекуваат во животот, истакна учителката Весела, и еве што друго ни откри за време на разговорот:-Во рамките на училиштето на повеќе места постојат простории за одгледување на папагали и домашни миленици, а истите работат и како продавници за домашни миленичиња, достапни за услуга на локалното население. Во една од училниците имале прилика да видат змии, разни видови на гуштери, неколку видови на пајаци па дури и шкорпија со малечки шкорпивчиња и аквариум со месојадни растенија. Професорот ни покажа како се грижат за животните и растенијата и не само грижа за одржување во живот туку и создавање на услови за нивно размножување. Учениците, меѓу кои и дечиња со посебни потреби, беа прекрасни домаќини и демонстратори за време на приемот, срдечни да ја задоволат нашата љубопитност. Секоја училница е посебна на свој начин, полна со средства за практична работа. Навистина примамливо. Учениците уште од првиот ден стекнуваат практични и претприемнички вештини. Знаете што ме разочара тука? Мојата радост и начинот на кој се восхитував на ова што го гледам. Се сетив на моето детство и моето училиште полно со кабинети за секој наставен предмет. Епрувети, реагенси, фетуси, хербариуми, инсектариуми, карти за секоја земја од светот и модел на човек со внатрешни органи. Зборувам за училиште во Битола од пред 30 години… Ме разбирате што сакам да кажам.На нивна голема чест и задоволство нашите наставници попладнето го поминале на работна средба и вечера во Ректоратот на Универзитетот „Матеја Белла“ во Банска Бистрица.

-За време на средбата со ректорот имав прилика да ги презентирам активностите од проектот “Ноќ со Андерсен“ како и нашиот “КРЕФ“ меѓународен фестивал на едукативни филмови, за кој и тука добивме  официјална поддршка за понатамошна реализација и проширување низ нивната земја, училишта и факултети, но и за вклучување на нивни професори во улога на стручно жири, ни рече Богдановиќ.При  студиското патување  остварена е и посета на   основното училиште „Московска 2“ во Банска Бистрица – Словачка кое им оставило  силен впечаток со условите и навиките кои  се изградуваат меѓу нивните ученици. Нашите учителкииако уморни од патувањето и после низа активности и работни средби, денот го заокружиле со учителска „Ноќ на Андерсен“ токму во холот пред една од собите во интернатот. Со тимска работа за само неколку минути, празниот агол на ходникот бил претворен во креативна училница, а учителките поминале неколку часа исполнети со размена на идеи околу активности за промоција на збирката нови детски бајки.

-Директорката на училиштето, љубезна и отворена за соработка, не пречека во удобни топлинки заедно со останатите вработени и дечиња од училиштето. Навистина практично за одржување на хигиената во училиштето но и за слободно и комотно движење на вработените – тоа беше нашиот заклучок додека ги гледавме колегите од Словачка кои како по дома, релаксирано и смирено си ги завршувааобврските околу учениците. Но сепак, да си признаеме, помалку ни беше чудна комбинацијата на формалана облека и влечки. Дали би сакале да го следиме овој пример? Не сме баш сигурни, зборуваше со насмевка учителката Весе. Јас би сакала патиките да бидат дозволени, додава.Нашите наставници имале прилика да ручаат заедно со учениците од ова училиште. Воочиле ред, дисциплина и навики кои ги имале дури и децата од најмала возраст, без никој да ги контролира и да развикува по нив. Дечињата навистина ги почитувале правилата за помош во кујната, грижа за редот и хигиената, меѓусебна поддршка и грижа за себе.

-Мислам дека нашиот претеран грижлив однос оневозможува нашите дечиња да стекнат вакви вештини и навики. Не верувам дека овде децата се разгалуваат за да прифаќаат одговорност и навики. Кај нас често слушам негативни реакции на намерата на наставниците кои ги вклучиле учениците во чистење на двор или училница, затоа што децата не биле чистачи, трчаме по нив да им закопчуваме петличиња и патенти, да им облекуваме блузички, дури и дома на нашите деца. Децата се дел од заедницата и треба да се навикнат да прифаќаат обврски и одговорности наместо само да им го полнеме егото со темата детски права, да ги третираме како бебиња по кои треба да трчаме со угодувања, а потоа да очекуваме дека преку ноќ ќе станат одговорни и самостојни граѓани кои освен за своите права знааат и за обврските кои ги имаат, додава Весела.Во рамките на ова современо училиште постои „Старинска училница“  прилагодена со цел да се зачува дел од минатото и тоа да се пренесуваат како спомен од генерација на генерација.  На масата стара книга, мастило и перо за пишување. Во аголот стара печка на дрва и леген за миење раце, како и шкаф полн со предмети кои се користеле како нагледни средства во далечното минато.

-Можам да си замислам колку се возбудени дечињата од ова училиште кога имаат прилика да учат во оваа училница, облечени во облека која во минатото време ја носеле девојчињата и момчињата ученици, задолжени да ги почитуваат строгите правила за однесување кои важеле за нивните врсници во далечното минато. На тој начин дечињата ги ставаат во ситуација да проценат со кои удобности располагаат денес, во нивните современи училници и потоа да умеат да го почитуваат она што го имаат денес, од страна на удобност, почит и фер однос кон нив. Ми се допаѓа оваа идеја. Одлична стратегија за воспитување на вредности, вели Богдановиќ, и додава:-Оваа училница претставува времеплов кој ја поттикнува љубопитноста, низ кој секој мал или возрасен сака да помине, а потоа да продолжи да се интересира за минатото, да истражува, да прашува за различни теми поврзани со историјата, навиките и обичаите. Кога и ние би ги задржале на пример, вежбите по краснопис, па дури и калиграфски вежби со пердув или трска, не би биле незадоволни од ракописот на нашите дечиња.

На крај сите биле изнанадени од Фашијанги, за што Бодгановиќ вели:-Тоа е традиционален обичај за испраќање на зимата во Словачка. Попладнето, токму на овој ден, дечињата од нижите класови на училиштата преоблечени во маски одат на прошетка низ градот и на повеќе места изведуваат претстава со пеење и свирење, за што од населението и вработените по дуќаните и фирмите добиваат разновидна храна, а потоа во мензата во училиштето прават заедничка трпеза за заеднички Фашијанги оброк. Сигурно е вложен голем труд за да се усогласи пеење, движење и свирење на толку дечиња од различни одделенија и класови. Ние бев дел од групата за поддршка на овогодишното „Фашијанги“, на чело со директорката на нивното училиште и маскираните наставниции навистина се радувавме заедно со нив, за на крај од разговорот кратко да додаде:-Се надеваме дека разменетите икуства меќу училиштата ќе вродат понатамошна соработка и нови успешни проекти.

Жанета Ристевска

More from БитолаMore posts in Битола »