Press "Enter" to skip to content

Козји Камен без дивокози! Пелистерски патокази, низ текст и фотографии (13)

Подготвил: Драган Ристевски

Козји Камен (2.188 м.)  претставува впечатлив каменест гребен кој ги одделува синорите на две населени места кои се дел од масивот Баба Планина, а тоа се селата Цапари и Маловиште. Со големата височинска разлика на гребенот Козји Камен надвиснат над долините на двете реки Цапарска Река и Шемница само ја потврдува доминантноста врз околината. Заради големата стрмнина,  Козји Камен кој наликува на полуостров, е тешко пристапен од трите страни, источната, западната и северната, а единствено неговата гостопримливост е овозможена од јужната страна, поточно од страната на сртот на месноста Широка (2.100 м.).

Заради  своите конфигурациски карактеристики Козји Камен е тешко пристаплив, па до него се доаѓа по стрмни козји патеки од селата Цапари (950 – 1.050 м.) и Маловиште  (1.080 – 1.230 м.). Илјадниците кози и овци кои во минатите векови се напасувале на терените на Козји Камен, Широка како и  на поширокото подрачје на Баба Планина, дале свое значење во именувањето на оваа месност со топонимот Козји Камен.

И Цапари е дел од тоа значење. Повикот (цап – цап!) на козарите кон своите стада кози и денес е актуелен  со своето изворно значење. Оттаму и Цапари – козари, луѓе кои одгледуваат кози. Како остатоци од некогашните бројни стада кози и овци, денес само можат да се забележат оградени простори – камени трла и темели на некогашни камени куќарки за престој на козарите и овчарите. Обично тука стоката била напасувана во текот на летните месеци, бидејќи има разновидна трева за напасување и изобилство изворска вода за напојување на стадата ситен добиток.. Во текот на зимските месеци,  илјадниците грла добиток, по цели недели се упатувале на долги преселби, на презимување во топлите краишта на Отоманската Империја, во Солунско.

Оттаму и големите богатства што поединци домаќини-стопани ги стекнувале од  стадата овци и кози од овие потпелистерски села. Токму тие богати стопани најчесто и биле помагачи и носители на градби (ктитори) на големи цркви кои со својата монументалност и раскош, како и со големите иконостаси со вредни икони и  секако фрескосликарството, восхитуваат и денес. Како порепрезентативни ќе ги споменеме црквите посветени на Света Петка во Маловиште, и црквата посветена на Св. Ѓорги во Цапари како и манастирот “Св. Петка“ над Цапари.

Камените одрони на стрмните терени на Козји Камен редовно претставуваат опасност за ретките планинари кои минуваат на овој терен. Честопати во зимските месеци, на овие предели се регистрираат помали и поголеми снежни лавини предизвикани од лизгањето на снегот или пак на одроните ситни и поголеми карпи кои се спуштаат во насока на Цапарска Река. Затоа, во зима најбезбедно пристапување на Козји Камен е од јужната страна, по можност со скии.

Од страната на Козји Камен е неповторливиот видик кон највисоките врвови на Баба Планина со врвот Пелистер (2.601 м.). Со оглед на тоа што Козји Камен воздушно е најблиску до врвот Пелистер,  нив ги дели долината на Цапарска Река, се добива впечаток дека врвот е на дофат на испружената рака. Токму од Козји Камен најмногу до израз доаѓаат снежни јазици на северозападната страна на врвот Пелистер, снег кој најдолго останува нестопен, се до крајот на јуни во тековната година.

За жал, козите, питоми или диви, по кои е именуван овој предел се заминати одамна во историјата. Со години наназад на овие простори не е забележен примерок од овие најдостоинствени и најиздржливи животни за чиј опстанок се потребни минимум услови. Силните студови, ветришта и обилните снегови не се пречка тие, дивите кози, да се искачуваат по стрмните и непристапни карпи и таму да живеат. За дивите кози е неопходна и минимум сува трева која може да се најде по стрмните карпести делови каде најмалку се задржува снегот.

Меѓутоа, и покрај скромните услови и претпоставки за опстојување  на дивокозата, на Козји Камен таа едноставно ја нема. На сцена стапи несовесниот криволовец и испотепал се што се движи на планината и покрај тоа што станува збор на прв Национален парк во Југославија, “Пелистер“, прогласен за таков пред 70 години, во далечната 1948 година. Тука како мала дигресија ќе истакнам мои три непосредни лични доживелици со дивокози на три места на Балканот односно Европа.

Првото навраќање кон овие горди животни кои опстојуваат во најекстремни услови на студ и снег и минимум храна е Пирин Планина. Кога пред 30 години, ден по Нова година, во тогашна социјалистичка Бугарија, заедно со искусен алпинист, мојот пријател Иван Печенков од Банско, се искачував на врвот Вихрен (2.917 м.) во реонот на месноста Казаните на околу 2.300 м. рано изутрината, на изгрејсонце, забележавме ни повеќе ни помалку туку 150-тина диви кози од најразлична возраст, од мали козиња до неколкугодишни кози и јарци.  Таа слика, трајно се врежа во мојата меморија, посебно бројните дивокози на  утринската сончева светлина.

На истата планина,  во идентично време од зимата, на пат повторно кон Вихрен,  во средината на деведесетите години од минатиот век, но овој пат заедно со проф. д-р Димитар Брдарев, професор на  ВИФ, на Софискиот факултет  по алпинизам, инаку претходно член на првата Бугарската хималајска експедиција  што го искачи  Монт Еверест, во 1984 година, ситуацијата беше променета. Кога стигнавме кај Казаните очекував да ги видам повторно бројните дивокози. На моето непријатно изненадување, наместо 150 видов само петнаесеттина диви кози. Ми беше речено дека тоа е заради факторот човек – бугарските тајкуни,  кои со силни пушки и дулбини ги испотепале дивите кози на Пирин и месноста Казаните. Таа новокомпонирана мода на новокомпонираните богаташи им донела приватна слава, за сметка на  далекусежната  штета врз дивите кози и природата.

За разлика од Балканот, од Пелистер и Пирин, состојбата во Европа е подруга и поразлична. Така, при патешествијата за Мон Блан, (4.810 м.)  гледав дека дивокозите мирно и безбедно живеат во непосредна близина на илјадниците алпинисти, домашни и странски. Таква е состојбата  и во Словенија, особено на карпестите вертикални стрмолии на Триглав на Јулиските Алпи. Таму, дивокозите се толку сплотени со луѓето, што може слободно да се каже дека тие повеќе наликуваат на питоми кози отколку дивокози.

Е таа е разликата меѓу нашиот Балкан и Европа каде сакаме и ние да припаѓаме. За жал, тука започнува и  тука завршува се.

 Таква е состојбата со дивокозите денес кај нас на Пелистер. Секако, така ќе биде уште многу, многу години, и нашиот Козји Камен уште долго ќе биде без дивокози!

Во наредна прилика: Бегова Чешма…

More from БитолаMore posts in Битола »