Press "Enter" to skip to content

Евро-гол на Иве Трифуновски во 87 минута за три важни бода за Пелистер (фото)

Пелистер – Работнички 3:2 (2:1)

Екипата на Пелистер со голот на Иве Трифуновски, кој постигна евро-гол, на само три минути до крајот на натпреварот, забележа победа и прокнижи три значајни бода и тоа како потребни во борбата за опстанок во Првата лига.

На натпреварот од  20. коло на Првата фудбалски лига на стадионот под „Тумбе кафе“, екипата на Работнички во петтата минута  поведе со 1:0 за шок на фудбалерите и публиката, кога од левата страна, Херера центрираше, а Кировски од само пет метри ја погоди мрежата.“Пелистерци“ полека се враќаа во игра и се заканија за израмнувачки гол, а тоа се случи во 24. минута кога судијата Стојанов досуси пенал во корист на Пелистер, откако Красничи го фаулираше Наумоски. Пеналот успешно го изведе Борче Маневски.

Израмнувањето значеше  ветар во грбот на екипата на Пелистер, а само по пет минути по корнерот на Коњарски највисоко скокна Ристе Илојовски и со глава ја погоди гостинската мрежа за 2: 1, а со тој резултат заврши првото полувреме.

Второто полувреме  започна иницијатива на Работнички, но најубавата шанса за 3:1 за Пелистер во 57. Ја пропушти Наумовски, кога добро биеше, но голманот на Работнички одбрани, а потоа шанса имаше и Маневски, но за жал топката помина покрај голот на Работнички.Последните петнаесетина минути Работнички имаше целосна контрола на играта и постојано беа на половината на Пелистер, а “пелистерци“ грчевито се бранеа. Но, во 83. минута Џефри Чарлс  по асистенцијата на Трајчевски го глава ја смести топката во голот на Ристевски за реми 2:2.

Фудбалерите на Пелистер за среќа брзо се вратија во игра по вториот шок рано примениот гол и израмнувањето, а во 87. минута, Иве Трифуновски со прекрасен евро-гол, го постави конечниот резултат од 3:2. Пелистер во продолението од 5-6 минути не дозволи да има и трет шок за публиката под Тумбекафе.

По оваа победа екипата на Пелистер е на седмото место со 20 бода, колку што имаат и екипите на Победа и Ренова, а во наредното коло Пелистер игра против екипата на Силекс, во Кратово. 

Текст и фото: Сашо Ристевски