Press "Enter" to skip to content

Утре стартува женската супер ракометна лига, ЖРК Пелистер гостува во Куманово

Со натпреварите кои се закажани за утре стартува продолжението на женската супер ракометна лига, а екипата на Пелистер гостува во Куманово. Оваа средба е значајна за двете екипи бидејќи ќе биде дерби за второто место на кое претендираат екипите на Пелистер и Куманово. За важноста на овој натпревар тренерот на екипата на Пелистер, Викторија Мурговска вели:

-Тежок натпревар на стартот на пролетната полусезона, а ќе играме дерби натпревар со екипата на Куманово. Натпревар во кој екипата на Куманово ќе ја има предноста на домашниот терен, но јас и девојките не патуваме во Куманово да се предадеме пред време, туку ќе одиме да се надигруваме. Имавме добро подготовки, работевме многу на секој план, тактички и кондициски, а оваа средба ќе биде вистинска контрола за тоа во каква форма е екипата на Пелистер.

Во есенскиот дел екипите на Пелистер и Куманово одиграа две средби, а и двете екипи можат да се пофалат со по една победа.

-Се работи за две изедначени екипи, а екипата на Куманово е во предност и поради поголемото искуство кое го имаат ракометарките кои неколку години играа заедно. Но, според она што ние го одигравме во есенскиот дел натпреварот ќе биде неизвесен. Тие го имаат искуството, а ние младоста и мотивацијата за победа, додава Мурговска.

Натпреварот се игра утре, сабота во салата на ОУ “Христијан Тодоровски – Карпош“ во Куканово со почеток од 19:00 часот.