На ски-патеката “Копанки“ на Пелистер, минатиот петок се одржа Државното првенство во скијање-велеслалом, на кое учествуваа 200 млади скијачи од Македонија. Меѓу натпреварувачите во категоријата VI и VII одделение скијачката Бојана Тодорова го освои второто место и сребрен медал.
Бојана Тодорова е ученичка во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Битола која се натпреварува уште од своја 6 годишна возраст и има освоено повеќе медали.
На прашањето од кога започнува да тренира Бојана ни одговара дека започнала да скија уште на свои 3 години и за тоа е заслужен нејзиниот татко кој и бил прв тренер и мој идол за скијање, Николче Тодоров, самиот скијач кој ја поттикнува и тренира на овој спорт, но и на сноубординг.
-Сноубордингот исто ми е омилен спорт, но кај нас нема професионален сноубординг и натпревари каде може да се учествува, заради тоа сноубордингот ми е рекреативен спорт. Сепак скијањето ми е омилен спорт и со него тренирам редовно. Имено во зимска сезона јас одам на подготовки неколку денови во Бугарија во ски-центрите Боровец и Банско. Покрај тоа и секоја недела одам на скијање на Пелистер, Маврово и Вигла. Моментално се подготвувам да учествувам во Пелистерскиот велеслалом кој се одржува традиционално секоја година. Благодарна сум на мојот ментор, Душко Костовски, кој цело време ме поттикнува, тренира и подготвува сите досегашни натпревари. Се надевам дека и овој пат ќе ја оправдам неговата доверба, ни рече Бојана Тодоровска.
Бојана со голема радост го дочека снегот кој ќе ја продолжи сезоната за скијање и сноубординг, така да таа вистински ќе ужива во нив и ќе биде подготвена за понатамошни успеси.






