Press "Enter" to skip to content

Интервју: Александар Димовски – Димса, спортист во вистинска смисла на зборот – изглед и стил на живот

Разговорот го водеше: Жанета Ристевска

Го посетивме за разговорот  во неговиот клуб за кик бокс- Energy каде не дочека – висок, згоден, атлетски граден и заслужено ја носи титулата „Спортист на Битола“ за 2017 год. Ни го покажува просторот на клубот каде во тој момент повеќе од 30 деца од различна возраст, енергично тренираа следени од неговото око. Веднаш ми паѓа во очи неговата смиреност, одмереност како во движењата така и гласот при разговорот кој го водевме. Се воодушевив од неговите размислувања и знаења за развивање на спортски дух и начин на живот. Не е ни чудно што има овде толку многу следбеници и претставува еден вид  гуру во овој боречка дисциплина. На мојата забелешка дека не очекувавав дека тој вид на спорт и води до толкава рамнотежа на духот и телото, тој само се насмевна  и повторно смирено и со искрена насмевка ни објаснува:-Кик боксот е боречка диисциплина во која се јакне духот и телото до една совршена равнотежа на концентрација и свесност. Можеби тоа доаѓа  и од напорните тренинзи во кои се развиваат посебни мускули кои и доведуваат до контрола на движењата  на телото. Во тие тренинзи  всушност и се огледува кој може да издржи и да ги развие своите највисоки можности и постигнувања. Кога се  успее во тоа и да се надмине себеси до максимални граници, се постигнува и едно повисоко ниво на свесност каде се што е наоколу не не допира туку само јакнење на сопствената сила, моќ со која се разбира се контролира и бесот, стресот, а се јакне и сопствената  самодоверба. Развивањето на сето тоа и спортскиот дух ќе не спаси од модерната технологија и пасивниот начин на живот, односно нездравите навики. Еве јас, овде во клубот, поминувам часови и часови со тренизни и немам време ни за фејсбук и модерни технологии компутери и телефони.

Во клубот гледаме многу деца кои тренираат и го развиваат тој спортски дух преку вашите насоки. Веднаш може и да забележиме дека со вашиот изглед на вистински спортист, совршено тело и контрола на духот претставувате нивни идол и лик од филмовите во оваа дисциплина. Кажете ни како ги насочувате во тренинзите бидејќи овде гледаме најразлични возрасти на оние кои ве следат?

-Многу е важно насочувањето и развивањето на спортскиот дух да започне на мала возраст. Со тоа се поттикнува цел еден начин на живот со здрава храна и здрави навики на кои ги насочувам овие млади луѓе тука во мојот клуб. Јас не пијам, не пушам, не поминувам повеќе време на социјални мрежи. Здраво се хранам еве повеќе од 20 години.

Кажете ни за вашите почетоци во спортот?-Уште од многу мал го сакав спортот и најпрво уште на 5-6 годишна возраст започнав да тренирам фудбал меѓу најмладите во Пелистер како голман. Но, морам да признам дека во тој период фудбалот беше многу популарен и понесен од моите другари јас тренирав. И бидејќи од секогаш бев многу упорен успешно тренирав и играв фудбал до мојата 12 година. Ќе признаам дека не ме привлекуваше многу и во тој период кога јас бев шесто одделени, во моето ОУ “Елпида Караманди“ се основа боксерски клуб Битола каде тренерот беше Илија Белџигеровски. Јас како ученик во тоа училиште се зачленив во клубот и од тогаш започнав да тренирам бокс. Потоа тренинзите беа во малата сала на спортската сала “Младост“ каде тренирав со тренерите Лаличо и Садик, а потоа од својата 16 година во Пелистер. Многу сум им благодарен на овие тренери кои ме поттикнаа правилно да го разберам овој спорт како да ја насочам мојата енергија позитивно, а со тоа и да го контролирам својот бес и агресивност. Сметам дека кога се тренираат вакви боречки дисциплини уште од мала возраст треба да се насочуваат за канализирање на агресивната енергија во правилна насока. Јас сега како и сега да ги слушам советите и насоките на моите тренери. Така им ги пренесувам на моите членови кои тренираат во мојот кик бокс клуб. Имено кик боксот започнав да го тренирам од љубопитност на 24 годишна возраст во “Кипро тим“, кај тренерот Благој Ширковски-Кипро.

Овде гледаме многу деца од различни возрсти кои напорно тренираат и тоа го прават со многу позитивна енергија. Кажете ни повеќе за вашиот клуб?-Мојот кик бокс клуб Енерџи го оформив во 2016 година. Тука тренираат повеќе групи од различни возрасти, а најмалата возраст е 7 години кои се во оваа група до 12 години. Потоа има и групи на младинци, сениори и кадети. Како што кажав и на почетокот тука го развиваат спортскиот дух на упорност, борбеност, потоа здрави навики на исхрана. Тука би нагласил и развивање на контрола на бес, гнев со удирање во боксерските вреќи. Со тоа и правилно насочување на агресивноста. Со тоа се развиваат здрави личности и кик боксот како индивидуален спорт успешно ја развива и самодовербата и увидување на сопствените можности и издржливост. Се разбира сите овие особини се многу значајни за развивање на здрава личност со навики на точност при доаѓање на тренинзи, упорност и натпреварувачки дух. Како што истакнав тука тренираат младинци, кадети и сениори и тие веќе имаат и “спаринг борби“ и оние кои се успешни учествуваат и на државни натпревари. Тука би го истакнал кик боксерот, Николче Бубевски кој се натпреварува на државно ниво и ми помага во мојот клуб како помошник тренер со помалите возрасни групи деца кои тренираат во мојот клуб. Со женската група тренира мојата жена Наташа. Сите се трудиме максимално да дадеме од себе и овде се тренира до доцните часови со голем ентузијазам.

Всушност целото ваше семејство е тука со Вас, вклучено во вашиот клуб на различен начин како за тренинзи така и за помош при опремата која треба да е секогаш средена и чиста. Тука гледаме најразлични видови на специјални завои за раце, штитници и боксерски вреќи. Заради тоа  не ни чудно што енергијата овде е многу позитивна, а и вие сте крајно позитивен со целата таа поддршка што ја имате во овој спорт и како натпреварувач и како тренер. Кажете ни повеќе околу тоа?-Можам да кажам дека сум пресреќен човек што ја имам поддршката од целото мое семејство, посебно од мојата сопруга Наташа, која целосно ми помага околу се, а посебно околу мојата исхрана која мора да е строго контролирана особено пред значајните натпревари. Исто така,  при моите напорни тренинзи, телото и духот се напрегнати и осетливи, и тука посебно би ја нагласил големата трепеливост нејзина и љубов која ме следи. Тука се и моите деца кои правилно ги насочувам во спортски дух и тие напорно овде тренираат со другите групи. Синот Натаниел има 12 години, а ќерката Марија има 9 години. Многу сум среќен што и заедно тренираме, а и заедно ги поминуваме овде тие неколку часа по напорниот ден на работа и на училиште. Тука сме сите заедно до доцните вечерни часови, тоа ми е многу значајно и ме исполнува.

Напорно тренирате и кажете ни како тоа го усогласувате со вашата работа во РЕК “Битола“ каде сте и вработен и работите во смени.  Како го постигнувате тоа и при тоа да бидете успешен спортист. Имате освоено медали, награди и признанија. А оваа година станавте и Спортист на Битола за 2017 година. Кажете ни повеќе за вашите награди?-Сите награди кои сум ги освоил ми се многу значајни бидејќи се заслужени со многу напорни тренинзи да се достигне максимум и дури да се надмине себеси. Јас сум многукратен Државен првак во кик бокс. Репрезентативец во многу Светски и државни првенства и купови. Имам освоено сребрен медал на “Сараево опен“ и златен медал на “Илиџа опен“, а на светскиот куп во Анталија сребрен медал. Учесник сум на големиот регионалниот боксерски проект за 2017 како позајмен боксер на клубот Пинк Пантер од Штип. Учесник и на меморијалниот професионален куп за кик-бокс борби “Љупчо Неделковски“. Кога сум кај наградите сакам да ви кажам, искрено, дека награда за спортист на Битола многу пријатно ме  изненади и израдува. Имено, јас не се имав лично пријавено и бев некако затекнат. Иницијативата потекна од други луѓе  кој ме пријавија и јас бев прогласен за најдобар спортист за Битола во 2017 година. Сето тоа  ми причини огромно задоволство бидејќи сите искрено ми честитаа и некако се почувствував убаво во мојот град Битола. Последната награда беше мојот професионален меч во Швајцарија за кој пишување и вашиот портал.

Тој меч ви беше професионален и предизвика големо интересирање кај публиката. Кажете дали бараше посебни припреми и како сето тоа се одигруваше?-За мечот се припремав долговреме, но поинтензивно 5 недели со многу откажување посебен режим на исхрана и напорни тренинзи. Мечот беше организиран од мојот пријател Урим Саити од Кичево, кој е профи боксер и тој имаше меч на истиот ринг во салата во Базел, Швајцарија. Морам да искажам огромна  благодарност на Урим и негови пријатели Албанци од Македонија, кои живеат и работат таму на нивниот пречек и поддршка при натпреварот во секаква смисла на зборот. Мечот беше успешен и покрај напорното патување од 36 часа до таму. Мојата победа беше пречекана со силни овации од тамошната публика наши луѓе кои работат таму, и јас се почуствував како вистински победник во профи меч. Морам да им се заблагодарам на моите битолчани кои ме бодреа дури до таму, а и посебно бев пречекан како херој кога се вратив во Битола.

Профи мечовите бараат посено менаџирањето и организација. Дали се гледате во вакви борби понатаму?-Морам да ви кажам дека многу е значајно тоа да биде добро организирано без некои местенки кои таму се прават. Мислам дека за мојот последен меч благодарение на Урим се беше професионално. Да ви кажам дека уште со започнувањето на мојата кариера, па до денес со моите 36 години. Моите тренери во бокс ме научија на фер-плеј борба и почитување на правила. Се се постигнува само со напорни, понекогаш и  многу исцрпувачки тренинзи, а резултатот секогаш  ќе си дојде. Заради тоа кариерата сакам да ја продолжам во профи борби, но со внимателно бирање на организаторот или менаџерот кои ги организираат мечевите и противникот. Што се однесува пак до државните првенства во бокс и кик-бокс ќе им го оставам на помладите членови од мојот клуб, КБК Енерџи, кои полека влегуваат во натпреварувачка форма.

Оваа 2018 год започна многу успешно за вас бевте прогласен за Спортист на Битола, а и тука е победата во Базел. Кажете кои се понатамошните ваши планови?-Моите планови се однесуваат на полето како профи кик боксер и на полето како тренер во мојот  КБК Енерџи. Имам некои понуди и закажани термини за профи бокс мечеви, но секако со претпазливост би размислил каде и со кој противник ќе се натпреварувам. Имам веќе закажани термини, но нема одредено противник. По победата во Швајцарија, сега јас ќе бирам против кој ќе се борам. Како тренер би сакал да се задржи позитивната енергија во клубот и да има многу деца кои ќе започнат тренираат кик-бокс. Би сакал да ги поттикнам родителите да ги насочуваат децата кон каков и да е спорт. И сметам  дека само спортскиот начин на живот ќе ги заштити младите од зависноста на дрога, алкохол, нездрави навики на живот и исхрана. Тука не сакам да ја изоставам новата зависност од  модерна технологија како интернет, социјални мрежи и мобилна телефони.Се надеваме дека сите правилно ќе ја сфатиме  пораката на нашиот соговорник кој сето ни го пренесе и не воодушеви со својот смирен глас, дух, енергија и изглед на вистински спортист кој заслужено ја носи титулата  Најуспешен спортист на Битола за 2017 год.

Bitola news му посакува и многу такви успеси и поводи за пишување и во следната 2018 година.

Фотографии: Сашо Ристевски

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »