Press "Enter" to skip to content

“Детското“ – култно одморалиште на младите битолчани Пелистерски патокази, низ текст и фотографии (18)

Подготвил: Драган Ристевски

Детското одморалиште „Пелистер“ претставува синоним на едно детство поврзано за планината и природата на генерации и генерации битолчани од периодот на  Социјалистичка Република Македонија. Првите чекори на откривањето на тајните и убавините на планината, но и на откривањето на новите пријателства и постапната социјализација и емоционалното созревање, младите битолчани го имаа токму во „Детското“ како што го нарекувавме ова култно одморалиште лоцирано на 1.200 м надморска височина.

Вистинска привилегија претставуваше летувањето во „Детското“ бидејќи интересот за престој во една од петте смени по петнаесет дена беше голем. Честопати летувањето беше поврзано и условено од успехот во училиштето. Таков еден пример сум и јас. Требаше да имам одличен успех, па да заслужам да одам на планина во „Детското“. Така беше во сите осум години, а потоа откако потпораснавме, по инерција продолживме да одиме со своите другари на Пелистер, самостојно и решително, но овој пат, пред се, заради вечерните игранки и девојките кои на Пелистер доаѓаа да летуваат. Покрај незаменливите битолчанки, девојки имаше и од други градови на Македонија, од Скопје, Велес, Охрид, Штип…Секоја генерација има своја приказна и со возбуда ги прикажува настаните и случките од своето детство и  од младоста. Повоените генерации битолчани го имаат „Детското“ трајно врежано во својата меморија како едно незаменливо искуство, себеоткривање и младешко спознавање. Важно беше за тогашниот социјалистички систем  децата кои 15 дена престојуваат на Пелистер, дома да се вратат со некој килограм повеќе. Добрата исхрана беше важна за здрава и силна младина. Така, најпрво како „добредојде“ имавме ритуално мерење на тежината, а економо, чичко Киро на вагата знаеше да скуси некој грам од тежината, а на крајот на исто така завршното вагање на секој летувалец да му додаде некој грам повеќе. Во меѓувреме, добивавме пет оброци на ден вклучувајќи и две ужини. Задоволни бевме што имаме кило, две, а некој и три повеќе, меѓутоа, уште позадоволни од тежината беа нашите родители. 

Преку денот трчавме, скокавме, се натпреваруваме, игравме петкамен, секојдневно организирано со нашите воспитувачи посетуваме разни излетнички места низ планината. Денот го започнуваме со задолжителните хигиенски навики, постројување на платото, интонирањето на химната и кревањето на  државното знаме на јарболот пред ресторанската зграда. Постројувањето, пеењето на химната и спуштањето на знамето одеа пред вечерата, а потоа следуваше многупосакуваната и очекувана игранка.  Музиката за игранките се пушташе  преку разгласот монтиран низ целиот круг на Одморалиштето. Тие се случуваа на платото пред првиот павилјон,  дрвена барака позната под името „Санаториум“ изградена како лекувалиште, воздушна бања за респираторни заболувања  во далечната 1922 година на иницијатива на др Штампарац од Загреб,  инаку германец по потекло.Името „Санаториум“се споменува и денденес од страна на повозрасни битолчани бидејќи тој објект како таков функционирал до пред и за време на војната. Кон крајот на 40-те и почетокот на 50-те  години, најпрво се изгради петтиот павилјон, за потоа скалесто еден над друг, над дрвената барака кој беше и прв павилјон, да бидат изградени од тврда градба вториот, третиот и четвртиот павилјон. Во таква состојба функционираше „Детското“ триесеттина години со капацитет од околу 300 летувалци, а некаде во 1974 година, според кажувањата на Трајче Петровски, кој целиот работен век го помина во ова Одморалиште, беше отворен новоизградениот шести павилјон кој располагаше со многу посовремени услови за престој.

Како минуваа годините, „Детското“ ги прошируваше своите активности, па така, таму почна да се одвива и настава во природа, современ начин и метод на учење, што се практикуваше од училиштата во текот на осумдесеттите години.  Во 1983 година, по инсталирањето на двата ски-лифтови, во непосредна близина на Одморалиштето и со набавката на бројна комплетна ски опрема, илјадници деца, од Битола и од други градови од Македонија, ги учеа првите чекори во скијањето, што е голема придобивка во развојот на спортската и посебно скијачката култура кај нас, а е заслуга на  Детското одморалиште „Пелистер#. Во своите почетоци, Одморалиштето започнало со петмина вработени, кога прв управник бил Ристо Литовски, а откако СИЗ-от за детска заштита од Битола им ја доверил  обврската за подготовка на храна на ДО „Пелистер“ наменета за сите училишта во Битола, на платниот список имало дури 55 вработени.Носталгијата  и романтичното навраќање кон старите објекти-павилјони останаа во мислите на многу битолчани. Павилјоните ги снема по нивното уривање во почетокот на осумдесеттите години од минатиот век, а единствено остана „жива“ монтажната дрвена барака од 1922 година (Првиот павилјон) која беше демонтирана и поставена во кругот на стопанскиот двор-базата на ГП „Пелистер“ кај Кафтанџица  и таму уште се наоѓа.  По неколкугодишна изградба, новиот современ објект беше даден на употреба на 1 Мај 1985 година. Стануваше збор за објект со капацитет од 300 легла со 4 и 5 креветни соби со санитарни јазли и бањи во секоја соба. Околу три децении функционираше новото Детско одморалиште „Пелистер“, за на крај тоа да дојде во ситуација повеќе да не работи и едноставно да пропаѓа. Како утеха во ова пропаѓање, единствено ни служат и  идентичните судбините на многу други објекти за летување и зимување на ученици низ Македонија кои исто така не работат, повеќе не функционираат и едноставно пропаѓаат.

Детското одморалиште денес се повеќе се заобиколува од посетителите, а децении наназад претставуваше првата планинска станица за планинарите и излетниците.  Се доаѓаше најчесто пешки од страната на Магарево, по стрмната патека која започнуваше од кај резервоарот за вода над селото. Таа патека постои и денес, но како и „Детското“ и таа е речиси обрастена.  Друг пристап има и од видиковецот од  над селото Магарево, кој води до чешмата на Мала Ливада и потоа по асфалтот до Детското одморалиште. Постои уште една врвица која води од Магарска Река, десно низ  густата моликова шума, но и таа во последниве години се помалку се користи и се обрастува.Се заедно, иако Детското одморалиште е визуелно најблиску, тоа од битолчани се повеќе се оддалечува. Тоа се случува и покрај вековната традиција и покрај фактот што има претпоставки за секакви услови за активен одмор, рехабилитација и рекреација. Што ни се случува и сами не можеме да објасниме.  Постоечкото, веќе изграденото да не можеме да го одржиме, а  не да планираме изградба и развој на нови туристички објекти. Некаде има голем застој и проблем кој бара конзилијарно разрешување. До Детското одморалиште денес луѓето проаѓаат со скапи возила со силна кубикажа, а тоа пропаѓа. За разлика од пред неколку децении кога автомобилите беа реткост и кога со автобус се патуваше до Диовската фарма „Црвени Петли“ и се продолжуваше нагоре кон „Детското“, тоа едноставно, нормално живееше и се развиваше . Денес е се поинаку, да не речам наопаку. Верувам дека проблемот е кај нас и во нас.  И  не можеме да очекуваме силни возрасни членови на нашата заедница без добро и правилно воспитани и соодветно насочени млади личности кои своите почетоци ќе ги немаат во некое „детско“ одморалиште, па макар тоа да биде она старото Детско одморалиште „Пелистер“.

Во наредна прилика: За синдикалните објекти…

More from БитолаMore posts in Битола »

Be First to Comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *