Press "Enter" to skip to content

Интервју: Теона Манго, блогерка и успешна млада девојка – пред мене има уште многу предизвици

Разговорот го водеше: Жанета Ристевска

Се сретнавме со Теона за разговорот. Се поздравува скромно со искрена насмевка. Ме потсетува на дете со преубави сини очи, со  бескрајна длабочина во кои се крие богат внатрешен свет, кој доаѓа до израз низ нејзиното пишување.  Пред нас културна, урбано шик девојка, со која додека разговараме како да на пренесува во некој смирен свет полн со убавини каде не постојат неискреност и лицемерие. Исто како во оној свет кој ни го доловува на својот блог со преубави фотографии каде се е убаво, прекрасно,  смирено… На нашите прашања ни одговара кратко, но јасно и концизно откривајќи ја суштината на тоа што сака да ни го каже без многу безпотребни зборови, знак на остра интелегенција. Сега ми станува јасно зошто нејзините блогови се толку многу посетени и читани. Заради тоа  и нејзиниот блог беше награден со престижната “Excellence Award“ од светски познатиот британски магазин “LUX magazine“ (social media specialist) за патувања и животен стил.  Со еден збор “светска, а наша“.  Скромно ни кажува “пишувањето и објавите на мојот блог ми е хоби кое ме исполнува потполно и како да се пронаоѓам себе си во нив“.

Кажете ни повеќе за вашиот блог со интересно име “Teona’s Wanderlust “ каде ги поврзувате доживувањата од своите  патувања, својот естетски дух  и љубовта кон пишувањето.-Започнав во 2016, веднаш после матурата. Имав доволно слободно време тоа лето да размислувам како би можела да започнам некое ново хоби кое би било добро да е поврзано со новите медиуми. Така се роди идејата, па концептот и со огромна поддршка на креативниот тим на“Nova Solutions“ подигнав веб страна и почнав да блогирам. “Teona’s Wanderlust“ асоцира и значи љубопитност, авантура, откривање, но и создавање на еден креативен свет. Виртуелен полигон каде споделувам мои искуства и размисли  за  различни теми. Еднаш неделно нудам доза на мода, стил, патувачки стории, средби со интересни личности, опфаќам теми од областа на културата и уметноста доколку искусам нешто убаво. Ги сакам книгите, па повремено пишувам препораки што да се чита. Сумирано блогот е одраз на моите интереси од секој аспект.

Со блоговите за најразлични дестинации од Македонија како Битола, Охрид, Скопје  со прекрасните фотографии, сигурно ги пренесувате  убавините на нашата “Вечна Македонија “ до многу ваши читатели на блогот од низ целиот свет. Кажете ни повеќе за тоа и за фотографиите на блогот.-Иако во Македонија во изминатите 2 години сум оправдано најмалку, секоја прилика ја користам за афирмирање на скриените убавини. Може постот да биде посветен на модата, но преку локацијата каде фотографираме, откривам парчиња од таа убавина која ја има и мојот град и татковината. Имам огромна среќа што кога сум дома, работам со извонредната фотографка Симоне Калица. Нејзиното фотографско око е особено сензибилно на композицијата на секоја фотографија, до перфекционизам. Двете сме на исто кога станува збор за квалитет, игнорирајќи го квантитетот и просечното. Тоа е обемна работа ако се знае дека за подготовки за еден блог пост се трошат повеќе часови, некогаш и денови ако се сака да се постигне нешто добро.

Сигурно е дека работата на блогот  одзема време и иако го споменавте како хоби, од него започнавте и да заработувате. Како успевате да се снајдете со обврските и на факултет како студент.  Кажете ни повеќе за вашиот факултет.-Студирам на Универзитетот “Queen Mary“ во Лондон  на Факултетот за политика  и  меѓународни односи и обврските на факултет ми се на прво место. Британците имаат исклучително добро организиран и ефикасен универзитетски систем кој опфаќа многу индивидуална работа на студентот со ментор за секој предмет посебно. Имаме илјадници страници за читање, голем дел опфаќа пишување како клучен дел на градење на академскиот научен апарат како и дебатирање на одредени теми. Има одлични предавања, инспиративни предавачи, многу екстра можности за академски раст надвор од редовната настава. Се на се, за некој кој себеси се гледа во врвот на академското образование, и колку да звучи субјективно Британските универзитети се исклучителни по тоа прашање. Е сега во цел тој сет на обврски на факултети, наоѓам време за блогот секојдневно, тоа ми доаѓа како одмор од дневните обврски, а приходите кои ги создава последниов период се пријатен потсетник дека ова време и не е така залудно потрошено. Големата читаност донесе интерес за рекламирање на одредени брендови. Во Лондон работам преку две маркетинг агенции кои букираат кампањи за мојот блог, преку кои имам одлична соработка за следните познати брендови: “Uniqlo “ светски бренд за продажба на облека  потоа “Mercedes Benz“, “Cluse“ – часовници, “Haagen-Dazs“, сладоледот. А во Македонија ПР агенцијата “Навигатoрс“ е мој главен соработник за ангажмани тука при што можам со радост да го споменам проектот кој е во моментот актуелен со Скопје сити мол, каде во следните неколку месеци, имам свој стаклен бут во кој се излагаат комбинации за облекување во соработка со брендовите кои се продаваат во овој трговски центар. Навистина необична соработка на која особено се израдував.

Како блогер за мода и со висок естетски вкус кажи кој е твојот моден стил и твои омилени модни креатори.-Сакам да експериментирам со модни парчиња, оттука и индивидуалноста која ја градам во модниот стил. Факт е дека личниот стил е работа која еволуира и искрено тоа ме прави пољубопитна за сопствените откритија на можности што би носела и како би носела. Сепак базата е важна, а тоа се неколку парчиња кои мора секој да ги има во својот гардеробер, а кај мене се сведуваат на добра кожна јакна, добар jeans, машка бела кошула, црни салонки и се разбира црвен кармин. Безвременскиот стил ме фасцинира, оттука Одри Хепберн е моја модна икона. Кога треба да изберам омилен креатор, Стела Макартни е таа која според мене храбро ги поместува границите во женскиот модернизам. Потоа Dolce & Gabbana се класиката коi ги почитувам, Viktoria Beckam е кралица на сведениот стил,  J. W. Anderson ми е модно откритите, а ако можам да го прогласам за македонски дизајнер барем по корените, зошто е роден и создава во Австралија и е од светски калибар Тони Матичевски е бројот 1.

Укажаната доверба за рекламирање на брендови на вашиот блог, а тука е  наградата на “Lux magazine“ за 2018 за  најдобар блог за патувања и животен стил. Сето ова е голем успех за млада девојка како тебе. Што тоа значи за тебе?

-Нов поттик, свежа мотивација и уште поголема обврска со старите и новите читатели, зошто се зголемуваат очекувањата. Личното чувство за естетика кое природно го имам наследено од моите родители е мојата предност, тоа доаѓа како вграден личен радар кој ме насочува, можеби затоа и стремежот да не се задоволувам со просечност. Отсекогаш ме фасцинираат предизвиците, ми доаѓаат како потсетник дека ништо и никогаш не е конечно и не е доволно.

Ги споменавте своите родители кои се успешни личности во своја област и успешно ја водат регионалната телевизија “Тера“. Кажете како тие ве поттикнуваа  и каква бевте како дете?

-Бев еден чуден спој, љубопитна и мирна во исто време, што некако не оди заедно. Мајка ми вели дека кога ќе се внесев во нешто ме немало со часови, па таа можела да има време за своите обврски. Од татко ми имам наследено чувство за прецизност и за концентрирана посветеност кога се работи на нешто. Во нашиот дом, често доаѓале уметници пријатели на моите, домот ни е како галериски простор од уметност во секоја форма. И во таков круг природно е да се развива љубов кон уметностите. Мојот прв учител за сликање ми беше Маријан Малбашиќ кој знаеше со часови да игра со мене, учејќи ме на бои и симетрии. Во Малиот битолски Монмартр чичко Кочо беше мојот прозорец кон учење на ликовни техники. И денес во мојата детска соба имам мои мали уметнички дела кои ми се особено драги… делуваат надреалистично, за дете … никогаш не сум сакала ликовен реализам. Е подоцна се јави љубовта кон фотографијата, повторно поврзана со пријатели кои доаѓаа дома, како фотографот Атанас Нашоку, па Игор Божиновски…и потоа поминав низ школата на Марко Ѓоргиев, па Дејан Џолев од Скопје, па следеа и дружбите со  извонредните мои пријатели од Битола фото клубот. Сепак не се одлучив за уметничка професија, иако длабоко знам дека уметничкото го имам во себе, во душата, а сега сум само нејзин страстен набљудувач и уживач. Со тоа што ќе го опкружите вашето дете, со тоа и ќе се препознаат афинитетите. Многу им должам на моите родители за бескрајните хоризонти кои ми ги открија, без намера да ме бомбардираат со варијанти, туку како сет на интереси од кои ќе се напојувам низ фазите на растење и зреење.Родителите сигурно треба да бидат горди на својата ќерка која со скромност зборува за себе. Со нејзината смиреност како за момент  да не воведе во нејзиниот свет на “Teona’s wanderlust“ каде  се е убаво,  смирено, релаксирано со огромна  позитивна енергија,  како што е и самата креаторка на блогот.

Фотогафии: Сашо Ристевски

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »

Be First to Comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mission News Theme by Compete Themes.