Press "Enter" to skip to content

Маловиште – вгнездено сред Националниот парк Пелистер Пелистерски патокази низ текст и фотографии (23)

Подготвил: Драган Ристевски

   

Единствената населба која е опфатена во составот на Националниот парк Пелистер е селото Маловиште, вгнездено во пазувите на Баба Планина, на двата брега на горниот тек на реката Шемница, на надморска височина од  1.160 метри. Самата местоположба на селото не овозможува поволен видик кон околината иако е едно од највисоките населби кај нас. Можеби и заради малата видливост кон околината, со оглед дека селото наликува на едно планинско гнездо, тоа и го добило името Маловиште – Маловидиште.

Затоа пак, како надополнување на малата видливост од селската перспектива, камените громадни гранитни изданоци на потковичестиот релјеф над Маловиште, даваат прекрасна можност за  далечни визури, погледи и перспективи, од каде може да се види, почувствува и доживее сета природна убавина на поголемиот дел од етничка Македонија. Тие неповторливи видици можат да се доживеат почнувајќи од југоисток на селото, од гребенот Козји Камен на околу 2.200 метри н.в., кој е надвиснат над Маловиште како своевиден штит.Продолжувајќи на десно кон изворите на Шемница, во позадината “стражари“ врвот Два Гроба, за понатаму над густата букова шума, потковичестиот срт да продолжи  на југозапад, кон Голема и Мала Чука, и преку превојот Кодро,  се до највпечатливиот врв во форма ма пирамида, врвот Вртешка или Вртушка со својата највисока точка од 2.010 метри.

Педесеттина жители денес ја презимуваат зимата во Маловиште на скромен начин, со секојдневни, пред се, сточарски активности, одгледувајќи најчесто крави, овци и по некоја коза. Низ селото можат да се забележат и поголем број коњи, кои домаќините ги користат пред се за транспорт на дрва, во најголемиот дел од годината, како и за пренесување на храна за добитокот, сено од околните ливади кои се распоредени  вдолж обете страни по течението на реката Шемница. Дел од населението, коњите ги користи и за личен транспорт, но и за пренесување на собраните  печурки, билки и шумски плодови, секако, најмногу боровинки.

Тесниот асфалтен пат кој скршнува лево од магистралниот пат Битола – Ресен, од кај селото Кажани, во должина од околу 3 километри, во зимските снежни услови редовно се одржува и е прооден, а од Маловиште со организиран превоз редовно на училиште, во соседното село Цапари оди единствениот ученик од ова планинско село. Останатите жители се повозрасни, а најмногу овде има пензионери и постари лица. Една добра околност е што селскиот објект, средсело, каде навечер се собираат маловиштани има редовно “кворум“ и за социјални игри со карти и секако, за незаобиколниот бељот, што му дава особен шарм на оваа планиска идилична селска убавина, посебно во зимско време.    Во летниот период пак, Маловиште, како впрочем и многу села во Македонија, како да се преродува. Бројот на жителите двојно и тројно се зголемува. Доаѓаат иселените маловиштани од Битола и Скопје, од Европа и од преку океанот. Доаѓаат и средовечни и повозрасни, но најмногу има деца и ученици, кои ги посетуваат татковите и дедовите огништа. Сепак, најбогато и најсвечено е на селските слави и празнувања. Селото заживува на денот Ѓурѓовден, кога има служба во црквата посветена на “Свети Ѓорѓи“ лоцирана на јужната страна од селото, потоа следува Атанасовден, кога има служба во црквата “Свети Атанасиј“, а која се наоѓа на влезот во селото.

Но, она што се случува во почетокот на август, на 6 и 7 август, кога се празнува селската слава посветена на “Света Ана“, тоа е доживување кое многумина, повторно и повторно го посакуваат. Навечер и доцна во ноќта, редици верници со запалени светла се движат по лесната патека која води кон истоимениот манастир лоциран на околу два километри над селото во столетна букова шума. Добар дел од верниците на отворено преспиваат во и крај црквата за мир и за здравје, а тогаш ширум се отворени и дверите на прекрасните конаци реставрирани пред петнаесеттина години. Следниот ден, верниците кои ги има и неколку илјади, ја посетуваат и монументалната градба на трикорабната црква “Света Петка“, ден кој се празнува на 8-ми август. А во овој православен храм, кој датира од 1856 година, вистинска уметничка, духовна и верска раскош. Дрвениот иконостас од околу стотина квадрати, “носи“ мајсторски икони кои пленат со својата убавина. Ѕидовите и таваните се фрескосликани од познати зографи и мајстори на своето време, кога Маловиште во средината на 19 век имало силни и богати семејства  и верници кои пак можеле финансиски да ја поднесат цената на градбата и изработката на ентериерот на овој монументален храм.Ако раскошната убавина на иконите, фреските и иконостасот, дверите,  реликвиите, столбовите и сводовите, галеријата и нартексот се својствени за храмот “Света Петка“, тогаш видикот и погледот од горе, од просторот крај малата камена црква посветена на “Свети Спас“ – Вознесението Христово, изградена на гранитно возвишение над селото Маловиште, се вистинското нешто на овој величествен природен простор.

Ако малиот видик од Маловиште е мал “хендикеп“ за ова прекрасано село, тогаш позицијата на “Свети Спас“ овозможува да се види и она што ретко кој може да го замисли. Ако за момент направиме едно кружно-панорамско “снимање“ на околината, ќе ја видиме Битола со Пелагонија, потоа, следат Пелистерските врвови кои како да ни се на дофат, прекрасната Преспа со двете езера, Мало и Големо Преспанско Езеро, со островите “Свети Ахил“, каде се верува дека е гробницата на Цар Самуил, Мал и Голем Град, потоа Галичица, Петринска Планина, Ресен и цела котлина со обработените овошни јаболкови насади, и  уште околу, кон  Бигла и Илинска Планина, цел простор на Демир Хисар, Крушевско и повторно Пелагонија со Битола.

А погледот талка уште многу подалеку, талка и не запира, и сето тоа е наградата, која може да си ја дозволи и овозможи секој кој ќе се искачи на “Свети Спас“ кој секоја година се слави на  40-тиот ден по најголемиот христијански празник – Воскресението Христово-Велигден.Скромната камена градба на манастирот „Свети Спас“ на надморска височина од 1.950 метри е надополнета со мал планински заклон, кој претставува  своевиден конак. Конакот, за намерниците и планинарите се наоѓа во секое време од годината, па така, и при сончев ден и при силна зимска вејавица тој може да заштити и конечно да биде заклон за преживување. Тој планински заклон-конак го одржуваат планинари ентузијасти од ПСК “7-ми Мај“ кои, заедно со вработените во Националниот парк “Пелистер“ се најзаслужни за  неговата изградба и за тековното одржување на објектот.

Средно тешките патеки кои водат до објектот Вртешка и “Свети Спас“, и  онаа од страната на превојот Ѓавато (Дијаватос) – Два пата, од кај црквата “Света Богородица“ и од страната на Кодро (Премин) и секако од Маловиште се во траење од по 1,5 до 2 часа бавно одење. Добра страна е што поголемиот дел од патеките се во букова шума која е еден вид заштита, а од сите страни има и чешми со чиста и квалитетна вода.Се заедно, Маловиште со “Свети Спас“ се едно единство кое неразделно живее и опстојува. Маловиште и “Свети Спас“ се две страни на една медаља, Маловиште е долу, а “Свети Спас“ е горе, така било, така и останува, за век!

More from СпортMore posts in Спорт »