Press "Enter" to skip to content

Железничката пруга Битола-Кременица ќе биде готова до крајот на ноември

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, заедно со градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, денес извршија увид на градежните работи за изградба на железничката пруга Битола – Кременица. Станува збор, за проект од големо значење за Пелагонискиот регион, бидејќи после триесет и две години, со изградбата на пругата во должина од 16 километри, повторно ќе се овозможи железничко поврзување со Грција.

-Извршивме увид на градежните активности кои се одвиваат тука на железничката пруга Битола – Кременица. Станува збор за исклучително важен капитален објект, не само за Општина Битола, туку комплетно и за Пелагонискиот регион, вклучително и за Република Македонија. Јас се надевам дека, изградбата, согласно роковите, како што сум информиран и претходно од изведувачите, ќе бидат испочитувани. Станува збор за проект од 17.2 милиони евра од кои 6 милиони евра се ИПА средства, а 11 милиони евра се од буџетот на Република Македонија. Согласно роковите, очекувам до крајот на ноември месец, овој проект да биде комплетно завршен со цел да направиме поврзување на Пелагонискиот регион до Солунското пристаниште, да го зајакнеме економскиот капацитет на овој регион, вклучително и на ИЗ Жабени, преку овозможување на полесен транспорт на стоки и услуги на сите компании кои ќе бидат во самата зона, изјави Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Подобрувањето на сообраќајната инфраструктура, е еден од клучните фактори за обезбедување услови за економско јакнење на регионот:

-Сообраќајна инфраструктура од вакви размери е исклучително значајна за секоја општина. Токму затоа, ценам дека ваквите зафати, всушност се оние кои претставуваат и тоа како добар придонес за она што значи сериозен развој на нашата општина, во следниот период. На Битола ова и недостигаше, на Битола ова и требаше. Убедена сум дека роковите ќе бидат запазени, убедена сум дека Битола во следниот период ќе го добие она што го заслужува: сообраќајна мрежа од секаков аспект за развој на индустриските капацитети, за развој на индустријата воопшто во Битола, но и можност на граѓаните, со тоа да си обезбедат подобра егзистенција, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

More from ВестиMore posts in Вести »