Press "Enter" to skip to content

Битолчани на туристички аџилак во куќата на Богородица во Ефес, Турција (фотогалерија)

Празник за душата претставува посетата на куќата на Мајката Божја во близина на античкиот локалитет Ефес во Турција. Илјадници верници, христијани од целиот свет секојдневно, во текот на целата година го посетуваат ова свето место. И не само христијани, многу е голем бројот на припадници на муслиманската вероисповед, како и на други вери, кои доаѓаат на поклонение во ова свето место, каде се упоколила и каде последните девет години од својот живот ги поминала Богородица – Мајката на Исус Христос.

Туристичката група од педесетина македонски туристи од повеќе градови на Македонија имаше ретка прилика да го изведе овој своевиден аџилак со помош на туристичките работници на агенциите ЈК “Травел“ и “Турист“ од Битола.
Зеленилото и природниот амбиент на локацијата каде е изградена куќата на Богородица, која потоа е претворена во црковен храм, обзема со својата убавина.

Денес, таму, редовно се изведуваат молитви и литургии во кои активно учествуваат и посетителите кои овде доаѓаат од целиот свет. Смирението и духовноста кои обземаат при престојот во ова свето место се должат и на големата концентрација на космичка енергија, една од најмоќните на нашата планета.

Во близина на куќата на Богородица, е еден од најголемите градови на античкиот свет кој опстојувал неколку милениуми. Ефес е градот кој е еден од најпосетуваните археолошки локалитети денес во светот, град кој благодарение на илјадниците туристи “живее“ свој живот и денес, а големиот амфитатар со капацитет од 25 илјади седишта е мегдан каде се одржуваат бројни концерти на познати светски ѕвезди. Таму настапиле и Стинг, Мајкл Џексон, Мадона, а оперските спектакли се редовна практика. Посебна знаменитост на Ефес е библиотеката на Целзус, која била трета по големина своевремено во античкиот свет.

Едно од поизвесните туристички дестинации на овој реон од Турција, секако е градот Кушадаси чие име значи “остров на птиците“. Овој град со околу 300 сончеви денови во годината, со пријатна клима за живеење, пред еден век било мало место со околу 3 илјади жители. Денес Кушадаси е град од околу 100 илјади редовни жители, чиј број во текот на летната топ сезона нараснува до 1 милион туристи.

За оние кои престојуваат во Кушадаси, своевидна атракција претставува едно од светските чуда на природата кое се наоѓа на 180 километри оддалеченост и каде е изградено најголемото лекувалиште и воено најголемата гробница на стариот век, симболично наречен “град на мртвите“, а тоа е Памукале. Топлата вода со голема концентрација на минерали во својот состав, врши избелување на подлогата, прави да биде обелен како памук овој предел од неколку квадратни километри. Благопријатната и лековитата топла вода е и основната причина што тука се изградил голем град уште во античкиот период, а еве Памккале, благодарение на таа минерална вода живее и денес. Се верува дека таа таа вода опоравува, лекува од разни болести и пред се подмладува.
Старата Смирна, денешниот четиримилионски Измир, е една од дестинациите на ова патешествие. Тоа е градот на Ајри Демировски, авторот на култната песна “Битола мој роден крај“, тоа е градот распослан на Егејското Море и во кој речиси половината од населението има потекло од Балканот, посебно од Македонија, нешто што жителите со гордост го истакнуваат.

Како круна на ова мошне интересно и содржајно туристичко патување е античката Троја, односно сегашното Чанакале, каде е поставен познатиот Тројански коњ. Тоа е скулптурата која се наоѓа во центарот на градот, подарена од актерот Бред Пит, кој инаку го играше главниот лик во филмскиот спектакл од пред дваесеттина години “Троја“ .
И уште многу, многу, помали и поголеми информации , податоци и доживувања, кое го прави мошне интересно ова богато туристичко патешествие, збогатено со вкусна и разновидна храна од разновидната турска и ориентална кујна.
Сето тоа, зачинето со срдечни и добро информирани водичи кои заокружуваат едно квалитетно патување низ историјата во организација на ЈК “Травел“ и “Турист“ од Битола.