Press "Enter" to skip to content

Свечено отворање на Меморијалниот комплекс вo Француските гробишта за спомен на жртвите од Македонскиот фронт (фотогалерија)

Во рамките на прославата на стогодишнината од крајот на Првата светска војна, со пригодна свеченост која денес се одржа на Француските гробишта во Битола беше отворен францускиот Меморијален комплекс посветен на споменот на француските војници кои се бореле на Македонскиот фронт, како и на локалното население кое ја доживеало таа војна, заедно со нив.

Меморијалниот центар заедно свечено го отворија министерката, Женевиев Дариесек, државен секретар во Министерството за Вооружени сили и Радмила Шекеринска, заменичка на Претседателот на Владата и министерка за одбрана.

На свеченото отворање присутсвуваа и НЕ Кристијан Тимоние, Амбасадор на Франција во Република Македонија, м-р Наташа Петровска, градоначалник на Битола, Валенттин Груевски – претседател на Советот на општина Битола, градоначалникот на Новаци – Љубе Кузмановски, ректорот на УКЛО – Сашо Коруновски, советници, почесните конзули во Битола, делегации на вооружените сили на Македонија и Франција, ветерани од Франција,пре претставници на локалната самоуправа и голем број на други гости.

На свеченото отворање на меморијалниот центар и претходеше обраќања со пригодни говори на франсускиот амбасадор Кристијан Тимоние, градоначалничката на Битола Наташа Петровска, Женевиев Дариесек, државен секретар во Министерството за Вооружени сили на Франција и Радмила Шекеринска – министерка за одбрана.

Потоа од страна на официјалните делегации беше положено свежо цвеќа на спомен костурницата во Францисккте воени гробишта.

Инаку, Меморијалниот комплекс во Битола е посветен на споменот на француските војници кои се бореле на Македонскиот фронт, како и на локалното население кое ја доживеало таа војна, заедно со нив и е сместен на Француските воени гробишта кои постојат во овој град уште од крајот на Првата светска војна.

Овој нов меморијален простор им оддава почит на војниците и зборува за значајното место што Македонскиот фронт го има во европската историја.

Управата за заштита на културното наследство го запиша овој настан во агендата на Европската година на наследството, истакнувајќи дека станува збор за заеднички историски настани што се случиле на европскиот континент.

Одбележувањето на стогодишнината од Македонскиот фронт во Првата светска војна продолжува со Научна конференција
„Заштита на неборците, од Македонскиот фронт од Првата светска војна до денес“, која започнува денес со 13,30 часот во хотел “Епинал“.

Текст и фото: С. Ристевски