Press "Enter" to skip to content

Весела Богдановиќ: превземете го нашиот календар за летни предизвици и започнете нова игра со дечињата (фото + прилози)

Ајде да се дружиме со календарот – предлага учителката Весела

Не само што е секојдневна потреба и дел и од наставната програма по математика, календарот може да биде супер забава и детски пријател за планирање, посебно ако наликува на боенка која детето може најпрвин да ја обои и украси по своја желба, а потоа во него да ги запишува летните идеи, да се ориентира во време, да пресмета вкупно денови до почеток на учебната година, да брои денови до датум со очекуван настан, да претвара број на денови во број на седмици… Aко на тоа го додадеме и печатениот „Фејзбук ѕид“, забавата ќе биде супер современa и супер успешна. Ние веќе започнавме.

Ове е одлична прилика да бидеме партнери со децата и да им помогнеме околу планирањето, да разговараме со нив, да откриеме повеќе за нив и нивните минати искуства низ игрите со врсниците, а со оглед на нашето супер детство полно со разни игри, можеби ќе ги поттикнеме да прифатат и некои од нашите идеи за игри со другарчињата.
Ваков печатен „Фејсбук ѕид“ може да биде почетно место за „Бура на идеи“ кои понатаму би ги распоредиле во календарот по денови, за неколку дена, седмица или за цел месец.

Можете ли да ни дадете неколку идеи кои би биле интересни за децата, а соодветни за различни возрасти?
За почеток предлагам веднаш да вметнеме цртање на асфалт со вода и прскалки од потрошен детерџент. Се сеќавате колку уживавме во ова нели? Дури и цртање со пластичен шприц може да биде супер интересна игра. Не заборавајте да запишете и пишување со трска и туш. Тоа е особено корисно и забавно како вежба за убав ракопис.

Играта „Селфи мисија“ е прекрасен предизвик за совремните деца . Сум ја играла годинава со тим едукатори на WEF (Светски Образовен Форум) во Дубаи. На пример, предизвикот може да биде запишан на список по ред, со запишани објекти, места, предмети, лица со кои тимот треба да фотографира во даден временски рок со додакот задача (пример: групата да даде писмен опис за секое место, објект, од списокот)

Јас и Сања утрово игравме „Галаксија“. На лист поделен на половина ги нацртавме своите свемирски станици и бродови и тргнавме во освојување на туѓата страна преку ориентација со точки. Верувам дека се сеќавате на ова игра. Навистина помога за ориентација, а може да биде интересна и за деца и за возрасните како партнери за игра. Доколку упатството за игра му го дадеме напишано, детето ќе има прилика да чита за да разбере што и како сакаме да си играме со него.

Вчера на нашиот печатен „Фејзбук ѕид“ додавовме енигматски детски забавник. Го откривме во делот со весници во самопослугата. Полн е со разни логички игри, крстозбори и слично, а чини колку сладолед.

Сигурна сум дека следново ќе биде многу интересно и корисно: Maалски натпревар во брзо меморирање и запишување регистрации од возилата кои поминуваат или се паркирани на блискиот паркинг (Играта завршува со пресметување поени за секоја запишана регистрација во договорен временски рок, од толку до толку часот, но и плус по 2 или 3 поени за запишани странски регистарации).

Дали играле фризби неодамна? Можеби џамлиите (билиите) ќе бидат супер предизвик и за нашето дете? Ги има во продавниците за едно евро.

Игрите со ластик и „Царица“ ( „Плочка“) се веќе задолжителни, a „Куку-план„ и самата би сакала повторно да пробам. Цртање на камчиња; маалски натпревар во собирање различни ливчиња од повеќе видови растенија; обликување слики со природен материјал собран надвор; маалска изложба на книги и сликовници; посета на роднини во село; купување на сликовница и моделирање на ликовите со кои ќе се сретнеме додека ја читаме; креирање на читачко катче со перничиња и кебенца на подот или во дворот, ноќно читање со свеќички во теглички…

Ова е само дел на она што учителката го предлага и верува дека ќе биде одлично за дечињата. Истите можат да се искористат и на сосема поинаков начин: Во календарот детето може да запишува зборови или да црта симболи за се што поминало и било интересно после секој поминат ден, додека на„Фејзбук ѕидот“ слободно може да запишува и по неколку реченици на крајот на денот. Замислете колку ќе биде голем овој „ѕид“ до почетокот на учебната година, како спомен на едно убаво лето. Ви посакуваме успешна забава и супер лето кое ќе се памети.

Низ текстот ќе го пронајдете и календарот и „Фејсбук ѕидот“ подготвени за оваа летна забава.

Be First to Comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *