Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, вчера во просторите на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Битола го прослави својот 28 годишен роденден. Пред голем број на присутни, членови на ВМРО-ДПМНЕ, зборуваа претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Битола, Иванчо Тошевски и членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Ангелевска.
Претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Битола, Иванчо Тошевски, во своето излагање се осврнал на почетоците на работа на партијата, сегашната состојба и посебно за Унијата на млади сили.
-Никогаш не е доста и никогаш не е доволно кога човек сака искрено и од срце да го даде својот максимум за својот народ, за својот град и за својата татковина. Ние секогаш сме подготвени да се вложиме повеќе и да направиме се што е потребно за една поубава иднина на нашиот град и нашата татковина Република Македонија. Во оваа прилика сакам да се потсетиме на сите оние кои во тоа време пред точно 28 години тука во Битола, во Центарот за култура имаа храброст да ја воскреснат идејата за ВМРО во политичка партија која веќе две децении на назад важи за најголемата и најдобро организирана политичка партија во Република Македонија, вели Тошевски.
ВМРО-ДПМНЕ има идеологија, ВМРО-ДПМНЕ има и цврста верба дека со една посветена работа притоа отстранувајќи ги грешките од минатото, Македонија повторно може да биде една успешна економска приказна. На крај сакам да се заблагодарам на сите мои претходници, на Унијата на жени, Месните комитети и ветераните на ВМРО-ДПМНЕ. А, што се однесува до Унијата на млади сили треба да бидеме свесни дека живееме во време кога можеме и треба да учиме и од генерациите кои доаѓаат. Новите генерации на ВМРО-ДПМНЕ ќе донесат нови победи за Битола и Македонија. Иднината треба да ја креираат тие на кои им припаѓа, но секогаш на темелите на својата култура и традиција, вели Тошевски.
Иако партијата и ОК на ВМРО-ДПМНЕ имала можност и за поголема прослава сепак се одлучиле оваа година роденденот да се организира како средба на членството и раководството.