Во рамките на манифестацијата “Битолски книжевни паметења“ во организација на Друштвото на писателите, “Битолски книжевен круг“ беше промовирана драмската пиеса во стих во 18 сцени со пролог и епилог “Реквием на смртта“ од Зоран Пејовски.
-Пејковски е еден од најплодните и најдаровити македонски драмски автори во 21 век. Тој е автор кому пишаниот збор му дава енергија, живот и живост за остварување и задоволување на сетилата за естетика. Тој консултира и пренесува архивска граѓа и историска литература поврзана со Рацин. Да се создаде дело во чија основа се наоѓа историска личност, во овој случај еден од најзначајните македонски поети и политички дејци Коста Солев, односно Кочо Рацин, само по себе значи своевиден подвиг, но и обврска пред јавноста творбата да поседува високи естетски вредности. Особено што се однесува на последните денови од животот на Рацин. Навидум чистиот случај со смртта на поетот од Велес, набргу предизвикал контроверзии кои до ден-денес се предмет на разни толкувања. Во таа смисла, се чини дека ставот на Пејковски е јасен дека смртта на Рацин е политички исконструиран настан кој бил насочен кон подривање на македонската самостојност, рече промоторот Славчо Ковиловски.
Внимателниот читател ќе забележи дека во драмата се сретнуваат голем број ликови преку кои Пејковски ги изнесува видувањата за дејноста и времето во кое живеел велешкиот поет.
-Субјективно, ќе рече некој. Се разбира, субјективно, бидејќи објективноста е политичка конструкција изградена за да официјализира некаква и нечија доктрина. Токму затоа е предноста на Пејковски во градењето на литературно дело чија содржина лежи во силно заплеткани историски процеси. Говорот, јазикот, мислите на актерите во драмата дозволуваат развој на ситуација којашто не го обврзува авторот да бара прошка за своите гледишта. Напротив, Пејковски делува сигурно, убедено и убедливо дека трагедијата на Лопушник не е случајна, рече промоторот Славчо Ковиловски.
Делото “Реквием за смртта“ е приказна за една голема трагедија која се случи на овие македонски простори, поточно на планината Лопушник 1943 година, кога е убиен еден од најголемите поети, писатели, револуционери и македонски идеалисти Коста Солев Рацин.
Авторот на книгата, Зоран Пејковски додава:
-Овде не станува збор воден од максимата дека “револуцијата ги јаде своите деца“, не, овде се зборува за една голема друга човечка приказна и огромна духовна димензија која ја истражував повеќе од шест години. Затоа ќе дознаете една драмска вистина, надвор од историографијата, бидејќи историографијата се темели врз запишани документи, а не врз сокривани вистини.
Своја оценка за ова дело дава и академик Јордан Плевнеш кој ја користи познатата мисла на Јохан Волфганг Гете, дека светската литература наликува на една улица по која се движат бесмртните духови и додава:
-Тоа е основа на поетската метафора во овој драмски текст во стихови, на македонскиот поет и драматург Зоран Пејковски, посветен на долгогодишната мистерија околу смртта на македонскиот легендарен поет и револуционер Коста Рацин. Речиси на сите меридијани од книжевната мапа на светот можат да се откријат мистериите кои подеднакво се присутни и во јапонската и во кинеската, и во далечно-источната литература, и во сите векови на рускиот прилог во интернационалната книжевна вечност, а да не зборуваме за европскиот органиграм во којшто можат да се сретнат имиња и во античката меморија, и во времето на Римската Империја, и во Византија, и во времето на европскиот романтизам, и посебно во времето на двата сектори на светската духовна ликвидација што се водат под името фашизам и комунизам.
-Читајќи ја драмата во стихови “Реквием за смртта“ на Зоран Пејковски, се сеќавам на еден настан, додава Плевнеш, за којшто и самиот бев иницијатор, наречен “Филмски воз Скопје – Велес“ по повод 100-годишнината од раѓањето на нашиот вечен и млад бесмртник Кочо Рацин. Во сите вагони на возот беа наредени фотографии од неговото големо патешествие и сите пресвртнички слики на модерната европска историја кои како да ја повикуваа силата на Моцартовиот “Реквием“ за да ја објаснат неверојатно жестоката драма на неговото постоење, до трагичниот миг на неговата ликвидација, во јуни 1943 година, во планината Лопушник во западна Македонија, вели Плевнеш.
Според него “Реквиемот за смртта“ е една пост-модерна слика на целокупната историска космогонија, во која, низ четири драмски единства, се одвива структурата на митскиот лик на Рацин во кого подеднакво силна основа и мотивација добиваат и протагонистите и антагонистите.