Press "Enter" to skip to content

Интервју, Марјан Алтипармаковски фудбалски интернационалец: сите фудбалски одлуки секогаш ги носам сам

Разговорот го водеше: Жанета Ристевска

Пиејќи кафе на Широк Сокак нашиот разговор со младиот фудбалер Марјан Алтипармаковски беше едно искуство со кое опфативме многу теми од областа на фудбалот како еден од најпопулрните спортови во светот. Марјан тивко и скромно, но и многу емотивно ни објасни дека само фудбалот може да создаде такви емоции на радост, тага, разочарување после пораз и нивно проживување со своите соиграчи. Сето тоа како искуство го збогати многу како личност, уште на многу млада возраст на 18 години. Фудбалот му овозможи да игра во многу клубови на Балканот и Европа и при тоа да стекне искуства кои му се драгоцени за цел живот.

-Се запознав со различни култури уште многу млад, некаде на 18 години кога заминав да играм во други клубови, стекнав многу пријатели од најразлични националости и вероисповеди, но спортот поврзува на посебен начин, сплотува со енергија која е само меѓу своите соиграчи. Но, секако најубаво е чувството кога се враќам во својата Битола, на кафе на Широк Сокак каде ќе се сретнеш со сите и се разбира, дома си е дома.

Сето ова многу убаво со емоции ни го објаснува некој, кој созреал низ животот и многу зрело и длабоко размислува за своите 25 години. Се разбира на тоа го научил животот, како што ни кажа сам, да се снаоѓа, да размислува со своја глава и донесува одлуки кои биле значајни за кариерата како фудбалер спортист, но и човек. Се соочил со многу предизвици со кои морал сам да ги решава во други, непознати средини, во други земји. Сето тоа го изградило како личност, кој ми остави впечаток на некој кој е многу разумен, со реални цели, самодоверба, што е одраз на висока емоционална интелегенција кој и ги краси успешните, како што е и младиот фудбалер Марјан Алтипармаковски.

Кажи ни кога започна и зошто фудбалот како спорт?

-Уште од многу мал мојот татко, кој е лекар специјалист по спортска медицина, беше професионално на ракометни натпревари, а член на управите, и се разбира ме носеше скоро секогаш со него. Тој ми беше првиот кој ми ги даде основите за спорт и ме насочи и од онаа медицинска гледна точка, за здрав
живот преку спор. Се разбира јас како и секое дете кое е радознало, го прашував за се. Го сакав и ракометот, но фудбалот ме привлече повеќе и уште на 8 годишна возраст започнав да тренирам фудбал во Пелистер во најмалите т.н. петлиња. Тренер ми беше Златко Цветковски- Дуци за кој можам да кажам дека е првиот кој правилно ме насочи и го откри мојот талент. Тој е првиот кој ме научи на самодисциплина во тренинзите и дека и во фудбалот и во друг спорт талентот е само 20 проценти, а другото е само работа односно тренинг. Тоа ми беше школа за како понатаму во тренинзите. По 3 години играње на 15-16 годишна возраст влегов во првиот тим и потпишав договор со Пелистер.

Дали се сеќавате и кој беше вашиот прв фудбалски натпревар, какво беше чувството да се заигра млад во првиот тим?

-Многу добро се сеќавам, бидејќи тоа беше остварување на мојот сон да играм за Пелистер, сон кој го има секое дете кое е дел од клубот. Тоа беше натпреварот со Турново, Куп натпревар во 2007, а тогашен тренер беше Хусеин. До 18 годишна возраст бев првотимец на Пелистер и тие години добро напредував како фудбалер, напорно тренирав и бев многу дисциплиниран. Се истакнав во зелено-белиот и следуваше мојот трансфер во фудбалскиот клуб Шкода Ксанти, во соседна Грција, каде останав 3 години и ми беше пат за понатаму. Еден период играв во тимот на Панилијакос од Петра Грција, а од Грција во скопски Работнички. Играв две многу успешни сезони каде го освоивме Купот и игравме во Лига на Европа во плеј-оф.

Се истакнавте како играч на местото центарфор кој на натпреварите ги постигнува одлучувачките голови. Колку треба да си психички подготвен за тоа?

-Како што кажав и претходно тренинзите, физичката спремност, а покрај неа уште позначајна и психичката подготвеност која овозможува да бидете сконцентрирани за во прав момент да дадете гол. Е кога ќе постигнете значаен гол кој е одлучувачки тогаш чувството не може да се објасни со зборови. Сите те креваат на раце бидејќи и некако си најзаслужен за победата. Но, потоа, по голот, сите заедно се радувате и посебна сплотеноста која како што кажав и претходно се случува само меѓу соиграчите. Тие голови и ми помигнаа да ја продолжам кариерата во познатиот хрватски клуб Интер Запрешич, каде играв само една сезона 6 месеци и потоа потпишав за Судова во Литванија и оттаму во Босна во познатиот Сараево каде тренер е познатата фудбалска легенда Хусрет Мусемиќ. Откако ми заврши договорот, сега моментално, сум во Битола и размислувам за неколку понуди каде ќе ја продолжам кариерата. Овде би споменал и би им се заблагодарил на управата на Пелистер што ми дозволи да тренирам со нивните играчи додека сум тука за да бидам во форма и да не престанам со тренинзи.

Игравте низ многу европски фудбалски клубови, кажете ни каква е разликата во однос на организација, подготовки, тренинг, управа и се друго?

-Можам да кажам дека постои голем разлика и во финансии и во организација. Се разбира тука се инфраструктурните елементи кои се на многу повисоко ниво. И се друго е многу поинаку и организираност и тренинзи. Професионалноста е на едно завидно ниво. Но, можам да кажам за мене како многу млад кога јас заминав да играм во други клубови беше напорен период. Во друга држава со напознати околу тебе на 18 годишна возраст. Многу напорни тренинзи, нема што се вели на кој да му се довериш ако ти е тешко на душата. Нема блиски од семејството со кој ќе си помуабетиш и едноставно ќе ти олесни на душата. Сето тоа го поминав како многу млад и ми беше животна школа. Но, затоа кога се враќаш дома се е поубаво и помило. Како што кажав гледаш лица кои ти се драги, блиски. Многу пријатели со кои се разбира си се дружел уште од многу мал. Но, сепак тука би нагласил дека животот на спортист или еве конкретно фудбалер не е лесен и само да се зборува за хонорари, популарност и бенефиции.

Кажете ни за ФК Пелистер како го гледате и разликата меѓу него и другите фудбалски клубови?

-Морам да кажам дека во Пелистер започнав и тука ми е срцето. Тука се игра фудбал со срце и душа без разлика дали има пари или нема. Од клубот на Пелистер излезени се многу добри играчи еве би ги напоменал од моите генерации што започнавме да играме заедно, а сега играат во други клубови и се добри фудбалери: Стефан Спировски, Кире Ристевски, Иве Трифуновски, Митко Ивановски и други. Сите тие беа под водство на тренерот Дуци кој како што истакнав и на почетокот многу добро не насочи во овој спорт и како спортисти и како личности карактерно. Се надевам дека клубот ќе застане на нозе ќе се справви со кризата и да биде и каде што заслужува во прва лига каде му е и местото.

Неодамна заврши Светското фудбалско првенство во Русија ваше видување и мислење?


-Ова светско првенство по мое мислење беше многу добро организирано. Сите видовме еден фудбал кој се игра во денешно време со фудбалери познати и славни низ цел свет. Многу сум задоволен од фудбалерите кои играа за Хрватска која се разбира ми беше фаворит. Се виде и почуствува сплотеноста на играчите која како тимска игра е многу значајна. Сето тоа и добрата игра ги доведе до сребрениот медал и светска слава. Не е ни чудно што станаа миленици на публиката од цел свет. Тие постигнаа голем успех и таа екипа треба да би биде пример за триумф над други екипи кои беа фаворити.

Кажете ни за ваши идоли од светот на фудбалот и чиј фан сте односно за кој фудбалски клуб навивате?

-Како мал кога започнував да играм, омилен фудбалер и идол ми беше Ривалдо, оттогаш сум и навивач на фудбалскиот тим на Барселона каде се игра фудбал за респект. Сегашни идоли ми се Лео Меси, Лука Модрич. Исто така тука би ги истакнал и фудбалските тренери кои ми оставија впечеток и ми беа мои узор и пример за спортист. Тука е мојот прв тренер Дуци. Потоа легендата од Сараево Хусрет Мусандрич. Тука би го споменал и мојот соиграч Џорџ Боатинг на кој му се восхитувам како фудбалер. Овде уште би додал дека играјќи во различни тимови на Европа сум играл со играчи од различни националности и вероисповеди. Можам да кажам дека постојат само добри и лоши личности. Инаку спортот е тој кој не сплотува така да ние заедно сите секогаш ги славиме сите празници било христијански, или муслимански. Заради тоа јас научив многу и за други култури и традиции и почитувњето кон истите. Ќе ви кажам еден пример во Сараево јас бев цимер со соиграч од муслиманска вероисповед, а во 3 наутро имаше молитва и стануваше, сето тоа остава впечаток. Тука се јавува почитување кон различната вера од моја и негов страна, а само ќе кажам нешто што е кажана порано, дека спортот ги обединува луѓето.

Ваши идни планови и порака до младите фудбалери кои ја започнуваат својата кариера?

-Моментално сум во Битола и чекам да потпишам договор со друг фудбалски клуб, бидејќи договорот со Сараево ми заврши. Ова е многу тежок период, кога за кратко време, мора добро да се размисли и одбери со кој клуб ќе се потпише договор и каде ќе се продожи кариерата како фудбалер. Можам да ви кажам дека секогаш уште од многу млад на 18 години бев ставен во позиција да решавам каде ќе потпишам и да не наседнам на некои менаџерски игри ,кои не се секогаш чисти во фудбалот. Секогаш некој ќе се најде да сака да заработи нечесно и да излаже. Овој дел секогаш бил најтежок и се надевам дека ќе ја продолжам кариерата на вистинско место. Додека сум слободен јас се посветувам и на учењето, бидејќи напоредно со мојата кариера јас учам и на факултет. Тука е и лиценцата за фудбалски тренер, бидејќи би сакал и кога ќе ми заврши кариерата како фудбалер да останам во овие води како тренер. Моја порака до оние кои ја започнуваат кариерата е да да се изградуваат и како личности и покрај физичката подготвеност уште поважна е психичката спремност за да се справите сам со сите предизвици во овој спорт. Но, сепак порака до сите млади личности е да се занимаваат со спорт бидејќи само спортот поврзува и обединува и тука нема никакви разлики меѓу луѓето туку само јак спортски дух и желба за победи.

Овој млад човек, кој има одиграно стотици натпреаври во силни клубови, а настапувам и македонската младинска репрезентација ме воодушеви со своите мисли и пораките на космополит, кој низ свое животно искуство почуствувал дека спортот не признава граници и разлики туку само се јакне спортски дух на висока самодоверба и самопочитување.

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »

Be First to Comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mission News Theme by Compete Themes.