Press "Enter" to skip to content

Завршија илинденските празнувања во Сиднеј, Австралија (фото)

За Bitolanews од Сиднеј: Кире Циревски

Битолчани, а секако заедно со Македонците кои во Сиднеј се доселиле од целата држава ги завршија празнувањата кои ги организираа во чест на националниот празник Илинден.

Покрај останатите активности најсвечено беше на 2 август во МПЦ “Св. Петка“ во Рогдејл, каде парохискиот свештеник отец Владо Недески богослужеше на празникот посветен на Свети пророк Илија, а храмот беше преполн со верници.

Старешината на храмот “Св. Петка“ во Рогдејл, Отец Владо Недески, после Богослужбата отслужи панихида за сите знаени и незнаени синови и ќерки кои ги положија своите животи на боиштата за слободата на Македонија и Македонската православна црква.

Возвишено беше чувството на присутните во кругот на МПЦО “Св. Петка“ во Рогдејл, најголемата македонска колонија во Сиднеј, каде мноштво народ – верници минуваа покра бистата на Делчев и портретите на Илинденците со поклонение изразуваа почит на нивната храброст и саможртва за слободата на македонската земја.

Пред присутните се обрати парохискиот свештеник, отец Владо Недески, кои на присутните им го честита Илинден, и апелираше до сите присутни да се преиспитаат самите себе, и час поскоро да започне обединувањето во македонската заедница. Само така обединети, рече отец Недески, ќе можеме да направиме повеќе за нашите идни генерации, за МПЦ и за Македонија – нашата единствена Татковина.

Пред присутните се обрати и Александар Младеновски кој се осврна на историските факти на големиот ден Илинден.
-Денес кога прославуваме 115 години од првиот Илинден, и 74 години од вториот Илинден, во годината кога славиме 27 години од третиот Илинден, не можеме, а да не го погледнеме нашиот историски изоден пат со искрена почит и достоинство, со силна посветеност и нескриено чувство на гордост и решителност, рече Александар.

-Останавме верни на заветот врежан во крушевскиот Манифест и врз темелите на вековната традиција на соживот на сите етнички заедници, изградивме единствен македонски модел на интеграција без асимилација. Затоа, сакам да знаете дека Илинден е потсетување на пожртвуваноста на генерациите македонски родољуби, но и мотивација за оваа и идните генерации да се посветат на градење, негување и унапредување на бесценетата слобода на Македонија. Верувам дека пораката на Илинденците може да се воопшти во пораката на македонскиот револуционер Гоце Делчев, кој во една прилика рекол: „Делото на ослободувањето на еден народ е, пред сè, негово сопствено дело, на неговите сопствени раце“, додаде Младеновски и заврши со порака.

-Со своето големо дело, Илинденците нè обврзуваат да се однесуваме одговорно и достоинствено, онака како што им доликува на чедата на Македонија. Затоа, ве повикувам сите да се обединиме под знамето на независна Македонија! Потомци и следбеници на славните Делчев, Груев и Сандански, на Карев, Гули и Петров и останатите.

More from ДијаспораMore posts in Дијаспора »