Од 22 до 29 септември во Битола, ќе се случи 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, а чии подготовки влегуваат во својата завршница.
Се очекува фестивалот да понуди квалитетна филмска програма, а во Битола да се појават познати имиња на светската кинематографија, кои ќе бидат во 14 програми, а проширен е и кругот на селектори кои ги обликуваат програмите.
Италијанскиот режисер, кој живее во Битола, Микеле де Анѓелис, е селектор на програмата која за публиката ќе понуди четири филма од хорор-жанрот во полноќните фестивалски часови, во рамки на новата програма “Филмски класици – Полноќен јавач“, која вклучува филмови од светската филмска антологија, за кои помладата генерација има можеби само слушнато или прочитано.
Во главната програма се вклучени најновите филмски продукции на големите мајстори на филмската фотографија, а ги селектира Благоја Куновски – Доре.
Годинава ќе има студенти од 15 филмски академи во студентската програма, најмногу досега од почетокот на основањето на фестивалот, а тие доаѓаат со свои филмови, по чии проекции ќе има дискусии и разговори.
Годинава ќе биде изработен фестивалскиот промотивен видео спот, во режија на Вардан Тозија.