Со полагање на цвеќе на споменикот “Руски крст“ во градскиот парк започнаа јубилејните 5-ти по ред “Денови на Ростковски“ во организација на Здружение за македонско руско пријателство “Александар Аркадијевич Ростковски“. По полагањето на цвеќе активностите продолжија во просториите на Славјанскиот универзитет во Битола, каде присутните ги поздрави претседателот на здружението, Драган Романски, кој рече:
-Идејата за манифестацијата “Денови на Ростковски“ започна пред пет години, со размислување на кој начин да се обележи 110 годишницата од загинувањето на рускиот конзул Александар Аркадијевич Ростковски, кој бил омилен меѓу народот, а исто така е и патрон на нашето здружение. Како што е познато, дел од рускиот народ, претежно после првата светска војна бил принуден емигрира од својата татковина, па како едно од прибежиштата нашле и во нашите краеви. Од русија пристигнале лица кои биле врвно едуцирани, вистински експерти во своите професии како од медицината, техниката, земјоделието, природните науки, уметноста, културата итн. Сите тие оставиле позитивна трага зад себе за време на нивното работење и творење на овие простори, што останало во колективната меморија на нашиот народ. Така, ние како здружение, секоја наредна година се обидувавме да промовираме личности, настани и дела на Руси кој живееле во Македонија. Годинава сакаме да одадеме признание на д-р Никола Незлобински и мислиме дека тоа целосно го заслужува.
Инаку, за Никола Незлобински, Романски имаше опсежното излагање, а меѓу другото рече:
-Роден на 12 мај 1885 година во градот Пјатигорск, јужна Русија. Од својот татко Антон, кој бил шумарски инженер ја наследил љубовта кон природата и животните. Бил вреден студент и дипломирал во 1912 година и останал во служба како воен лекар. По победата на Октомвриската револуција, како припадник на белогардејците, Незлобински бил принуден да ја напушти Русија и заедно со сопругата Софија на 28 август 1924 година пристигнал во Струга, со задача да ја уништи маларијата, која во тоа време била голем проблем во градот и во околината. Покрај другото, Д-р Незлобински бил и голем љубител на природата, така што се бавел со собирање и препарирање растителни и животински примероци. Уште во 1926 година приредил изложба каде ги презентирал своите експонати, а потоа неговата збирка многу бргу се збогатувала со нови примероци. Во 1928 година, д-р Никола Незлобински, во една од бараките на болницата, поставил постојана музејска поставка и со тоа ги втемелил музејот „Д-р Никола Незлобински“ и музејската дејност во Македонија. Што можеме повеќе да кажеме за заслугите на овој човек кон македонскиот народ.
Проф. д-р Владимир Михајловски, редовен професор на Меѓународниот Славјански институт “Г.Р. Державин“ Свети Николе – Битола, корпоративен Универзитет со ТАМБОВ – РУСКА ФЕДЕРАЦИЈА, одржа предавање за Рускиот конзул Александар Аркадиевич Ростковски.
-Рускиот конзул Александар Аркадиевич Ростковски кој дојде во Битола во 1895 година, беше познат по одликата да ги следи настаните во Битола и Битолско, за да ги проучува и да дава соодветни заклучоци за нив. Се вбројуваше во вонредно интелигентните странски конзули со познавање на повеќе оријентални јазици. Според директивата на царската влада во Русија настојуваше да ги смирува македонските револуционери, да им препорачува мирување, чекање, уверувајќи ги дека реформите ќе ја подобрат положбата на македонскиот народ. Османските власти гледаа во странските конзули непријатели на државата и поради нивната заштитничка улога кон македонскиот народ. Во текот на месец јули, 1903 година рускиот козул во Битола Александар Ростковски зел под наем од црковното настојателство неколку чисти и убави простории во големите конаци на прочуениот Буковски манастир – некогашно словенско книжевно жариште во најнепосредна близина на Битолската книжевна школа, за да таму летува со своето семејство, во раскошно убава горска месност, покрај планински ладни извори, додека не поминат најголемите летни горештини во Битола. Конзулот често слегуваше оттаму и до минералната Кисела Вода. Неколку дена помина и во поскромните конаци на Крстоарскиот манастир, речиси покрај патот Битола-Лерин, западно од Кисела Вода. Во селото Крстоар беше сместена мала Османлиска воена единица од околу 50 аскери (војници) со цел да го следи движењето на рускиот конзул и тамошното христијанско население. Дел од споменатата аскерска единица патролираше редовно до Буковскиот манастир. Со една нивна патрола Ростковски стапи во препирка непосредно по почнувањето на востанието на македонскиот народ, кога таа им спречи на Македонците да се поврзат со него… На 8 август 1903 година во 10 часот наутро раскошниот пајтон на конзулот Ростковски со два бели и два црни коња доаѓаше од Буково по убавиот железнички булевар придружен само од неговиот близок пријател Кртсте П. Мисирков, првиот македонски идеолог на македонската нација, кој ги учеше неговите деца. Пред последниот Каракол (полициска станица) спроти денешниот фискултурен дом „Партизан“ се случи убиството на Ростковски. Убиството го изврши Османлискиот стражар Халим со два истрели од кои вториот беше во главата и смртоносен за конзулот, рече Михајловски.
Да потсетиме дека Регионалното здружение за македонско руско пријателство “Александар Аркадијевич Ростковски “ своите почетоци ги има во далечната 1992 година после признавањето на Република Македонија од страна на Русија. Основачи на Здружението беа неколкумина ентузијасти, големи љубители на пријателска Русија, а потоа се формирааа повеќе здруженија за мак-рус пријателство низ републиката, а во 2002 година се формира и Сојузот на здруженија за македонско-руско пријателство.
Утре продолќуваат Деновите на Ростковски во Буковскиот манастир, каде што Здружението пред 5 години постави спомен плоча на конзулот Ростковски, како знак на сеќавање дека овој манастир бил летна резиденција на конзулот и неовото семејство во време на неговата служба во Битола.
Манифестајата ќе бие проследена со пригодни предавања и културно-уметнички содржини, а денес свој настап имаше женскиот хор на МПЦ.
Текст и фото: С. Ристевски