Press "Enter" to skip to content

Црвениот тепих поставен, се чекаат гостите на фестивалот “Браќа Манаки“

Вечрва во големата сала на Центарот за култура свечено ќе биде отворен 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој ќе се одржува под фестивалскиот слоган „Симнуваме капа“.

Ѕвезди на годинашниот фестивал се британскиот кинематогафер и оскаровец Роџер Дикинс, познат по соработката со браќата Коен, кому ќе му биде врачена „Златна камера 300“ за животно дело, и италијанската филмска дива со светска кариера Клаудија Кардинале, која во Битола ќе ја прими специјалната награда „Златна камера 300“.

Актерката Милица Стојанова, пак, е лауреат на „Големата ѕвезда“ – награда што ја доделува Друштвото на филмските професионалци на Македонија.

Фестивалот ќе почне со сценско-музичко-поетски перформанс во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, а по свеченото отворање ќе бидат прикажани новиот краток игран филм „Љубовникот“ на Игор Иванов-Изи и „Истребувач 2049“ во чест на кинематограферот-лауреат Дикинс, кој токму за овој филм го доби „Оскарот“ по 13 номинации.

Во главната програма за трите награди „Камера 300“ (златна, сребрена и бронзена) за најдобар кинематографер годинава ќе се натпреваруваат 12 филма по избор на селекторот Благоја Куновски-Доре, а одлуката ќе ја донесе петчлено меѓународно жири.

Плакатот за 39-тото издание на фестивалот, со слоганот „Симнуваме капа“ (Hats off), е креативно решение на маркетинг-агенцијата „Меккен Скопје“ и инспирирано од безвременските капи на браќата Манаки и градот во кој живееле и твореле. Капите лебдат врз еден препознатлив објект во Битола (Завод и Музеј), а пораката е благодарност за нивната работа и за сите што придонеле во градењето на фестивалот во изминатите речиси четири децении.