Press "Enter" to skip to content

Јордан Колевски, битолчанец кој го води кошаркарскиот клуб во Пјаченца, Италија

Не само ние туку и многу медиуми пишувале за битолчани кои се успешни во своите професии во различни земји нов светот, но ретко или пак воопшто не сме пишувале за наши сограѓани кои водат спортски клубови. Еден од нив е Јордан Колевски, кој од 1994 година живее и работи во Пјаченца, Италија и го води кошаркарскиот клуб Подензано.

Битолчани или членовите на КК Младост имаа само пофални зборови за поранешниот кошаркар, Јордан за тоа што се тој направил за нив при нивното гостување во Италија оваа година, а Јордан со кој се сретнавме во Битола, скромно вели дека тој не направил ништо, а допрва ќе треба нешто да се направи.

-Со луѓето од битолскиот клуб Младост се познаваме кратко време од нивното гостување во Италија, но како се однесуваме меѓу нас, тоа е како да се познаваме кој знае колку години. Со Горјан и Вангел и со нивните млади кошаркари поминавме одлични денови во Пјаченца, а сега исто така поминувам јас во Битола. Среќен сум што сега имам сограѓани-пријатели со кои можеме да соработуваме во иднина, вели Јордан Колевски.

Иако не сака многу да зборува за тоа како било во Италија, скромниот Јордан повеќе зборува за тоа како да се развие соработката во иднина.

-Сакам како прво на неколку талентирани млади битолчани од Младост или од некој друг клуб да им обезбедам престој во Италија, и таму прво во Пјаченца, а потоа и во поголеми клубови да се развиваат. Потоа сакам младите италијански кошаркари  родени 2005/6 и 20078 година, да бидат дел од Велигденскиот турнир во Битола, тука да се запознаа со мојот град, со Македонија, а и да се натпреваруваат со врсниците кои ќе бидат на турнирот. Планирам заедно со Младост, со различни или комбинирани тимови да учествуваме на тирнирот во Задар, Хрватска, а тоа е само мал дел од тоа што го договараме во Битола, вели Јордан за проширивање на соработката.

Тој додава дека ако има квалитетен тренер од Битола, може да започне со работа и во неговиот клуб, како дел од соработката меѓу клубовите.Горјан Стојановски и Вангел Христов од КК Младост, додаваат во однос на соработката дека планираат летен кошаркарски камп на кој покрај талентите на двата клуба би имало и други кошаркари, но дека деталите ќе ги договорат за брзо време, а конечниот договор би се постигнал на Велигденскиот турнир во Битола.

Додека разговаравме Јордан не запозна и со кошаркарскиот клуб Подензано од Плаченца. Тие се натпреваруваат во “С“ серијата на Италија и дека имаат амбиции да одат и чекор повисоко.

-Кога ја започнавме работата со клубот имавме едвај десетина дечиња, сега бројот е 126 што е сериозна бројка за град како Пјаченца, а според интересот и убавиот збор кој за нас го кажуваат сите таму, бројот се уште ќе се зголемува. Дечињата кои ги вклучивме во работа во клубот пораснаа и сега се подготвени за поголеми предизвици и успеси. Сега имаме солидна сениорска екипа која сака да напредува. Со сите категории во клубот работат пет тренери, кои исто така се усовршуваат, а помладите категории се натпреваруваат во мини баскет.

Инаку, семејството на Јордан живее во Битола, а тој во Италија. Еден од синовите е увозник на брендирана спортска опрема од Италија која ја продава он-лајн, а и на тој план може да се прошири соработката со Младост, додава Јордан Колевски.

Нам ни останува да им посакаме на двата клуба уште многу идеи заеднички да ги реализираат во иднина во корист на двата клуба, а луѓето од Младост да бидат добри домаќини на младите кошаркари од Пјаченца во Битола, како што беше во Италија од страна на Јордан и неговата екипа.

Сашо Ристевски

Be First to Comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mission News Theme by Compete Themes.