Press "Enter" to skip to content

За изложбата „Конзулска Битола од првиот Австриски конзулат до Првата светска војна“ (фото)

Особена чест и задоволство е како историчари да работиме на истражувањето и презентирањето на минатото  на својот град и настаните кои одбележале едно време во Битола и во Македонија.

Би сакале да изразиме голема благодарност и почит кон Амбасадата на Република Австрија и на Почесниот Конзулат на Австрија во Битола, кои со својата поддршка изминатите неколку месеци ни овозможија да истражуваме и преку оваа изложба да ги презентираме пред пошироката јавност, промените во нашиот град во периодот од прераснувањето на Битола во конзулски град во 1851 година по отворањето на првиот австриски конзулат, па се до најтешкиот период од животот на градот, последните две години од Првата светска војна, кои го запреа развојот на градот.Посебно сме благодарни заради можноста како колеги да се дружиме, да создаваме, многу работи да научиме, но исто така да придонесеме за историјата и културата на градот.Идејата за оваа изложба потекна од почесниот конзул на Република Австрија во Битола, госпоѓата д-р Валентина Илиева, која се заложи во склоп на симпозиумот „Почетоците на Австриската дипломтија во Македонија со посебен осврт кон Австро-Унгарскиот конзулат 1851-1919“, на јавноста да и се претстави и Конзулска Битола, која во еден период била центар на европската дипломатија. Како наставници по историја и активни членови на Асоацијата на наставници по историја на Македонија – АНИМ и на Европската асоцијација на историчари – EUROCLIO, со задоволство го прифатиме предизвикот да ја изработиме оваа изложба.  Изложбата се состои од тринаесет паноа, кои хронолошки го следат животот во Битола и дејноста на конзулите во периодот од првата половина на XIX-иот век се до крајот на Првата светска војна. На првото пано претставена е Битола преку неколку цртежи на неколку патеписци, кои ја посетиле во средината на  XIX  век, а меѓу другото зборуваат за градот како важен трговски, културен, но и воен центар на Османлиската империја на Балканот. Токму тоа е претставено на второто пано, преку повеќе фотографии за „Белата“ и „Црвената касарна“ кои за жал денес не постојат, а претставено е и турското воено училиште.

Со третото пано започнува приказната за конзулска Битола, со отворањето на првиот конзулат во Монастир, Конзулатот на Австрија, а тоа го зголемува интересот и на другите европски и балкански држави, па Битола се претвора во град на конзулите, што јасно се гледа на четвртото пано. Веднаш потоа преку неколку фотографии од браќата Манаки е претставен животот и дејноста на конзулите, а посебно внимание е посветено на австриските и австро-унгарските конзули.Посебен дел од оваа изложба заземаат фотографиите на паноата за подемот на градот во почетокот на XX век и за секојдневниот живот на населението. Преку панопата за Младотурската револуција и за Балканските војни, претставени се големите промени, кои засекогаш ја менуваат историјата на Монастир, кој и го добива денешното име Битола.

Најкрвавиот судир, кој го памети градот, била Првата светска војна, претставена на следните две паноа. Преку претставувањето на секојдневните страдања и уништувања, барем малку се доближува оваа војна до посетителите, а се гледаат и тешките последици од неа врз секојдневниот живот и на уништувањето на конзулската традиција во градот.Последното пано ја претставува австриската дипломатија во современите промени на македонското општество, взаемното помагање и поддршка на билатерален или меѓународен план. Отворањето на Почеснот конзулат на Република Австрија воо Битола, го врати духот на конзулска Битола и постојано со своите активности го помага културно-уметничкиот живот на градот, но и расветлувањето на историјата и историските настани.

Појдовна и завршна точка на оваа изложба посветена на Битола е дека градот Битола со својата култура, традиција, историја, односно начинот на функционирање  повеќе од  150 години живее во Европа.Од авторите на изложбата  „Конзулска Битола од првиот Австриски конзулат до Првата светска војна“ која е поставена во Заводот и музеј,

-Мире Малденовски
-Александар Велјановски
-М-р Горан Талевски
-Иљо Трајковски
-Ѓорѓи Јуруков.
More from КултураMore posts in Култура »