Ограничен број од оваа магична збирка е веќе достапен во книжарниците на Просветно Дело низ нашата зема, а промоцијата е веќе закажана за 08.11.2018 (четврток) со почеток во 17 часот во НУУБ “Св. Климент Охридски“ –Битола.
Прочитајте за бабичката и минијатурниот град, за лижалчињата на Снежната Кралица и новите авантури на Дедо Мраз и Баба Мразица, за тајната на првата снегулка на Земјата и за принцезата со мангото… 29 нови детски бајки, полни со бајковити ликови, самовили, магични предмети, милион тајни и патувачки авантури, пишувани од страна на деца автори и нивната учителка Весела, за возраст од 4 до 12 години, уникатни и едноставни за читање и разбирање. Одлична домашна литература за генерациите кои растат, но и за родителите, дедовците и бабите кои сакаат да остават трајни спомени од заеднички мигови поминати со читање со своите најмили.Оваа задолжителна, а незадолжителна „лектира“ буди радост и мотив за креативно творештво, а претставува пример производ на спој помеѓу образованието и воспитанието, ентузијазмот и посветеноста на еден супер тим.
Приказните можат едноставно да забавуваат, но истовремено овозможуваат отварање на низа дебати, креирање на игровни активности кои ненаметливо наметнуваат прилики за читање со разбирање, унапредување на вештините на 21 век, разбирање и применување на просоцијалните вештини, развивање на социјалната и емоционалната интелегенција кај младите.
Дел од нив нудат и математички предизвици, поставени вешто, без директни очекувања од читателот, како прилика за дружење со поими од секојдневниот живот кои упатуваат на математички операции и ресурс за играње на игри како припрема за разбирање на текстуалните задачи, сето тоа применето дозирано во зависност од возраста на детето кое чита или со кое читаме.Издавачката куќа Просветно Дело и уредникот Ксенија Трајчева овозможија реализација на сите замисли и желби на учителката и нејзините дечиња, но и многу повеќе од она што скромно се обидувале да го посакаат од нив.
-Се чувствуваме како во земјата на желбите. Огромна благодарност до целиот тим на Просветно Дело и до нашата Ксенија за оваа огромна чест, трпение и мајчинска љубов кон нас, ни рече учителката Весе.Учителката е благодарна и на познатиот македонски лектор и автор на најубавите учебници по македонски јазик, почитуваната Љубица Севдинска, на најомилениот детски писател во нашата земја, господинот Горјан Петревски и детската писателка Тања Веда.
-Неизмерно сум благодарна на оваа поддршка- вели учителката Весе. Се плашев дали сум објективна. Можеби сум само како „мајка“ на која нејзиното дете и е се разбира најубаво, си помислував. Но кога ја уживате честа да еден почитуван Горјан Петревски Ви даде сила и Ви каже дека приказните на дечињата се прекрасни, кога Љубица Севдинска за Ваша радост ќе вложи месеци ентузијастичка работа како Ваш бесплатен лектор и поддршка, тогаш повеќе нема простор за страв и сомнежи. Овие дечиња заслужија ваква радост токму поради радоста која ми ја подарија и гордоста која ја чувствувам благодарение на нив. Ова се само 29 од преку 50 приказни кои ги чуваме во ракопис како наше најголемо богатство.Ограничен број од оваа магична збирка е веќе достапен во книжарниците на Просветно Дело низ нашата зема, а промоцијата е веќе закажана за 08.11.2018 (четврток) со почеток во 17 часот во Национална установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ –Битола. Директорот на библиотеката м-р Бојан Стефановски и м-р Фатма Бајрм Аземовска и овој пат срдечно ги отворија вратите на оваа институција во пресрет на активностите на учителката од бајките и нејзините идеи.
Но, оваа промоција не е крај на една приказна, оваа промоција е всушност најава на голем, креативен проект во организација на Просветно Дело и учителката Весе, кој започнува за скоро време и во себе вклучува подароци во форма на спремни идеи и ресурси и низа креативни конкурси, игри и предизвици поврзани со збирката приказните, читањето, творењето и креативноста во функција на образовни и воспитни цели. Можеби токму вашиот омилен предизвик ќе стане дел од збирката добри практики на членови на семејствата, едукатори и нивните деца. Бидете со нас за да ги дознаете новостите.