Press "Enter" to skip to content

Групата “Милениум“ се врати од австралиската турнеа со успешни концерти

 Битолската група “Милениум“ деновиве се врати од турнеата во Австралија која траеше еден месец каде имаа настапи во пред македонците. За настапите во Австралија, Стево Мегленски, вокалниот солист на групата вели:
-Ова беше наше прво гостување во Австралија, а се случи по покана од претседателот на културно уметничкото друштво од Мелбурн, “Никола Карев“, Аце Петровски, на кој ја користам оваа прилика да му се заблагодарам во име на сите членови на групата. Во Австралија освен во Мелбурн настапивме во Сиднеј каде ја започнавме турнеата, потоа бевме и во Перт, Аделаид и Волонгог. На осум настапи на кои настапивме заедно со Ефто Пупиновски, имавме одлична посетеност на концертите, а според она што ни го кажаа гостите за време на концертите и потоа, и тие како нас, уживале во тие неколку часа дружење со нас и нашата музика. Дел од гостите беа наши роднини, пријатели, колеги кои помогнаа оваа турнеа да биде успешна, а сега по враќањето во Битола имаме уште поголем број на пријатели таму.
Групата го има хитот насловен “Не колни ја мајко печалбата“ за која Мегленски вели:
-Без разлика каде настапуваме дали во Германија, Австрија, Швајцарија нашите иселеници бараат и по неколкупати да ја испееме таа песна, бидејќи без разлика каде се, на кој континент тие ја чуствуваат носталгијата или како повеќето велат болката за Македонија. Ние сме група која ги негува и традициите и во нашите изведби, без разлика дали е концерт или некоја друга веселба, ги вклучуваме народните инструменти гајда, кавал и тапан што е многу прифатено од публиката и гостите. 
Групата “Милениум“ која постои десетина години, оваа година успешно настапи и на фестивалите во Валандово и “Лешок фест“, а има издадено и албум насловен “Песни за душа со мерак дуздисани“. 
-Според нас албумот кој го издадовме помина убаво и сме задоволни од тоа како публиката ги прифати песните на нашите настапи. Сега сме во подготовка на нов албум кој се надеваме дека ќе биде готов некаде по новогодишните празници, а нешто потоа ќе ја имаме и промоцијата кога ќе бидеме послободни и нема ангажмани за свадби. Ни недостигаа една песна за која ќе одлучиме да ја вклучиме во албумот.
Додека се подготвува албумот групата “Милениум“ во состав Борче Тасевски – хармоника, Владимир Андревски – клавијатури, Златко Андоновски – бас гитара, Стевче Колески – дувачки инструменти, Стојанче Пиловски – тапани и Стево Мегленски – вокален солист, ги одработуваат договорените настапи, а за новогодишните празници имаат веќе договорени настапи во хотелот “Климетица“ во Охрид. 
-Имаме разговори за некои настапи надвор, но сега за сега остануваме во Битола, ни престои промоција на албумот, закажани настапи, можеби на неколку дена низ Европа, додава Стево Мегленски.

Be First to Comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mission News Theme by Compete Themes.