Press "Enter" to skip to content

Интервју, Неда Маретиќ, новинар-водител: љубовта посебна инспирација и движечка сила во мојот живот

Пишува: Жанета Ристевска

Деновиве во Битола се одржуваше „Фестивалот на музика на светот “на кој посебен шарм и гламур и даде водителката на програмата и ПР на фестивалот  Неда Маретиќ која со својата појава и сопствен оригинален стил на водител  со право може да ја наречеме “светска, а наша“. Го искористивме нејзиното доаѓање за да го направиме разговорот додека беше во Битола, бидејќи во последните месеци живее на релација Битола –  Будимпешта.-Доаѓам често во Битопла, скоро секој месец заради работни обврски, а и од таму сум многу активна иако не сум во Битола. Моето доаѓање овој пат е поврзано со “Фестивалот на музика на  светот“ како ПР и водител- презентер,  а претходното мое доаѓање беше  за фестивалот “Браќа Манаки“.  Можам да кажам дека ваквиот начин на живот потполно одговара на мојата личност и авнтуристички дух, ни рече на почетокот на нашиот разговор.

Се насмевнува  таинствено и задоволно на жена која љубовта ја прави посебно убава и шарманта. На моја забелешка дека Будимпешта е прекрасно романтичен град за да се доживее љубовта како на филм.-Љубовта за мене, како и за секој сметам дека е најважна, ја сакам магијата на филмот и се околу тоа. Така и се чувствувам како на филм, додава Неда Маретиќ.

Откако ни ја откри тајната за нејзиното заминување во Будимпешта нашиот разговор од закажан на пола сат се оддолжи на два часа разговарајќи за различни теми од култура, музика, телевизија, портали, мода, љубов…. Прекрасен соговорник кој сосема отворено и природно ми рече “може да ме прашаш и пишуваш што сакаш“. Нејзиното искуство со огромен број  интервјуа и прилози  во “Тера“ телевизија за емисијата “Ритамот на градот“ како и голем број на ексклузивни интервјуа на  познати личности на фестивалот “Браќа Манаки“,  ја прави посебна и единствена.

Кажи ни како започна се?-Се започна со мојата ангажираност во “Метрополис“ агенцијата  за мода убавина и култура на Илија Талев – Косата. Започнав со емисии за мода “Звезди“ која започна да се прикажува на ТВ “Тера“ и од пред 8 години имам ангажмани во “Тера“ во емисиата насловена “Ритамот на градот“ во различни области од културата, уметност, мода, филм. Отсекогаш ме интересирале културни настани. Инаку, имам завршено музичка акеадемија и моментално сум на постдипломски студии во Благоевград, Бугарија, ја започна својата приказна Неда.

“Ритамот на градот“ е препознатлив по Неда Маретиќ и твојот специфичен и препознатлив начин на најава, презентација, прилози за се што се случува интересно на културен план во нашиот град?-Со самата најава и име означува се што се случува во нашиот град од различни области најчесто културно уметнички. Јас после емисијата за мода започнав да правам прилози од културниот живот во Битола во емисијата  “Ритамот на градот“  веќе  8 години. Се  уште подготвувам прилози за “Ритамот на градот“ и ги праќам од Будимпешта каде што престојувам и живеам моментално.  Секое мое доаѓање го користам за снимање на интересни прилози, интервјуа… Искуството ме научило да имам познавања и  работа со камера, снимање, монтажа.  Многу прилози  сама подготвувам и ги праќам. На “Фестивалот на музика на светот“ посебна инспирација ми беше интервју со групата “Синтезис“ кое го снимив за  ТВ  “Тера“. Прилогот е веќе направен и ќе  оди на телевизија, трае цел пола час заради разговорот со нив кој беше преинтересен. Се разбира постојано сум активна истражувам на Интернет интересни теми за разговори и прилози. Моментално преокупација ми е патеписната емисија спонзорирана од туристичка агенција. Сакам да патувам и да откривам места, а и да ги забележам со камера. Од тие патеписи произлегоа и написи кои ги објавувам на порталот “Женски магазин“. Многу сум активна и мојот немирен дух не ми дозволува да живеам поинаку.

Порталите како современ начин на информирање. Твое мислење околу тоа?-Со новата технологија и информирањето е на социјални мрежи, портали. Тука се е многу брзо, достапно, секоја вест се шири со брзина на светлината. И јас со мои написи за  “Женски магазин“ го пратам современото информирање. Но, сепак за мене телевизијата е телевизија каде подготовките се многу подолги, но се е некако побавно, но и поубаво за мене.

“Manaki Brothers festival“ –  црвениот тепих и се разбира препознатливите водители Неда Маретиќ и Стево Башуровкси. Твојата појава на манеканка со интересните  креации на Папаз кои ти даваат гламур на церемониите – отварање и затварање на фестивалот. Битола живее во тие денови за и во светот на филмот. Ти си секогаш во сите збиднувања и ексклузивни интервјуа со познати личности. Кажи ни повеќе околу тоа ?-Фестивалот “Браќа Манаки“ е посебен настан за мене и колку што уживам во него толку бара многу големи подготовки околу сите случувања и гостите со кои правам интервјуа, прилози… Мора претходно добро да сум подготвене за сите прашања што ќе се поставуваат и морам да бидам информирана за филмовите, глумците, кинематограферите, наградените… Тука морам да кажам дека кога сакам со некого да направам  интервју секогаш сама сум му се обраќала и не сум била одбиена од никој. Имам направено прилози, интервјуа со многу познати личности. Би истакнала некои од нив како оскаровецот кинематограферот Роџер Дикинс, актерките Изабел Ипер, Кетрин Денев,  нашиот Милчо Манчевски и многу други кои биле гости на Фестивалот. Потоа тука се и Васил Хаџиманов, Дуке Бојаџиев, Масимо Савиќ, Максик Мрвица, Соник,“Фрајле“, “Галија“,„Електрични оргазам“,„ Хладно пиво“,Рамбо Амадеус …. Тука се и сите актери, пејачи и групи од Македонија. Би истакнала дека и покрај нивната слава,  големина, креативност  тие се толку приземјени, едноставни, природни и многу професионални. Често сум останувала без текст и воодушевена сум со многумина кои ми оставиле силен впечаток  Посебно тука би го кажала Роџер Дикинс. Тука е церемонијата на отварање и затворање улога на водител на црвениот тепих. Подготовките ми се многу значајни,  за да се чувствувам убаво и самоуверено тука се  креациите на Папаз и Викторија Арсовска кои секогаш знаат што треба да носам за да  изгледам гламурозно. Сигурно е дека на силните светла на тие вечери многу е добро да се подготвиш добро од шминка, фризура, накит… за да бидеш професионален и да ги испочитуваш “дрес код“  на црвен тепих.    

Како успеваш да бидеш секогаш средена од глава до петици секако тоа и се бара од тебе заради  работа на телевизија, камерите се секогаш тука, дали си со добро расположение или имаш лош ден. Кажи ни повеќе околу тоа?-Секако дека камерата тоа и го бара од мене и често заради големите обврски ми се случува да се шминкам во такси или автомобил кога излегувам. Од дома не излегувам без шминка, но сама се шминкам освен кога одам на големи значајни случувања тогаш користам услуги на професионален  шминкер.  Стресот кој е дел на оваа професија треба да се  контролира. Кога се  снима и камерата доловува се,  не би требало са  почуствува моето расположение од  лош напорен ден. Сметам дека искуството  си го прави своето, а и професионалноста. Кога се застане пред камерата мора да се биде концентриран и самоуверен во тоа што им го пренесуваш на гледачите. Заради тоа јас обрнувам внимание на целокупниот мој изглед. Фризурата е многу значајна кај секоја жена и заради тоа сакам негувана и средена коса и ги користам услугите на студио “Кармен“ веќе неколку години. Нашата соработка започна уште со мојот ангажман како ПР и  заштитно лице на “Hair Fair“ во чија организација и учествува ова студио. Ги сакам интересните и необичните фризури кои се израз на креативност. Имам свој сопствен моден стил без слепо да ги следам трендовите. Секако омилени парчиња ми се креациите на Папаз и Викторија А.  Би нагласила дека само жена која е среќна, вљубена задоволна со себе изгледа  убаво, а онаа која нема внатрешна убавина тогаш никаква професионалан шминка нема да ја разубави.

Твојот немирен авантуристички дух се има испробано во планинарење, возење моторцикл и дури и во параглајдерство. Кажи ни повеќе за тоа твое искуство?

-Тоа искуство е незаборавно и морам да кажам дека го направив како контра на мојот страв од висини. Тоа беше летање со параглајдер со инструктор од Пелистер до Битола. И уште еднаш преку Галичица. Таквиот мој пристап ми помогна да го надминам тој мој страв и секеко се почуствував храбро и дека го совладав тој “страв од летање“. Исто така го сакам и планинарењето и член сум на планинарското друшптво Димитар Илиевски Мурато и од сите тие искачувања произлегоа многу патеписни репортажи кои ги објкавувам. Сакам животни и се борам за нивна заштита како член на здружението “Анима мунди“.

Кажи ни кои се твоите  твоите идни планови?

-Би сакала да одам на повеќе патувања и од таму да произлезат многу патеписни репотртажи како за “Тера“ така и за порталот “Женски магазин“ кои со големо задоволство ги правам. Понатаму би сакала да направам “Talk Show“ емисија на “Tера“ со многу гости од областа на уметност и култура. Би сакала да имаме што повеќе културни настани, фестивали во Битола. Секогаш да бидам среќно вљубена, бидејќи само љубовта ни ја дава и огромната сила за да го живеам животот со сите сетила и да ги правам сите нешта кои ќе ги замислам.Ми беше голема чест да го направам овој разговор  со некој кој интервјуирал толку многу познати личности.  Со  својата природна спонтаност, искреност  отвореност и храброст ми остави силен впечаток. Високата професионалност ја прават толку успешна на повеќе полиња. И посакуваме уште многу успешни интервјуа, прилози и емисии.

Фото: Сашо Ристевски

Ентериер, хотел “Епинал“

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »