Press "Enter" to skip to content

Интервју: Бојан Стефановски, директор на НУУБ “Св. Климент Охридски“, “Библиотеката место за дружење-насока во иднина“

Пишува: Жанета Ристевска

Повод за нашиот разговор е одбележувањето на 8. Декември патрониот празник на НУУБ “Св. Климент Охридски“ и секако прва свеченост која ја организира како директор на оваа институција по назначување во септември оваа година. Многу професионален, сериозен, не дочека во неговиот кабинет. Пред него стои голема одговорност и  предизвик кој со својата младост, енергија и посветеност треба да ги оправда.

-Посебна е чест да се раководи со една национална установа како што е Универзитетската библиотека “Св. Климент Охридски“ во Битола во која поголемиот дел од вработените се со долго работно искуство и кои во изминатиот период се докажале со својата стручност и нивното настојување во осовременувањето во библиотечните процеси, но со мојата младост, ентузијазам и енергија би сакал Библиотеката да стане вистинско место за дружење.На мојата забелешка дека  ја продолжува традицијата во семејството да биде директор на национална-културна установа како и неговиот татко Благој Стефановски, кој долги години беше директор на Народен театар во Битола и да ги споменеме  актерите Димче и Ацо Стефановски, дедо по татко и неговиот брат актерот Ацо Стефановски, кои се  основачите на  Народниот театар вели:

-Чувствувам силна одговорност кон нив. Горд сум на моите славни предци и моите гени. Заради тоа и со моето назначување на оваа културна институција знам дека имам тешка задача  да се докажувам и постигнувам успеси како мојот татко, кој 25 години беше директор на Народниот театар и за тоа време театарот имаше  многу големи успеси како тука во нашата земја, така и во странски земји во смисла на награди, квалитетен репертоар, врвни актери, режисери. Тој  ми беше модел на однесување и секако идентификација во животот. Растев со него, а мојот татко уште од многу мал, можеби уште кога имав 4,5 години, а и помал ме носеше со себе скоро секаде, и во театарот растев гледајќи многу претстави, сцени, костими, актери  кои сигурно како мало дете ме импресионирале гледајќи ги на сцена, а и во неформално дружење. Тука се  сите најпознати актери и режисери во тоа време Морфов, Горан Стефановски… актери од Народниот театар во Битола. Не можам, а де не се сеќавам на тој препознатлив мирис на театар… Сето тоа беше дел од моето растење, и од сите научив многу во мојот живот и среќен сум поради тоа. Сите тие беа посебни личности кои  се одликуваа со посебен карактер, харизма и секако висок професионализам.

-Не можам, а да не кажам дека ви завидувам што сте имале  имате такво детство и да не  го поставам прашањето, зошто не актерство?-Тоа прашање сите ми го поставуваат. Потекнувам вистина од семејство каде скоро сите се актери и тоа врвни. Цело време растев опкружен со актери режисери и сигурно е дека јас сум сакал бидејќи мојот татко ме носел на сите културни настани од театар и тоа “Војдан Чернодрински“, “Охридско лето“ и многу други. Сепак кога пораснав изгледа не се гледав како актер и се запишав на факултет за политички науки, отсек дипломатија. Но, сепак тоа од детството останало во мене и моите студии по магистерски се на “ЕСРА“ за музика на филм и театар. Потоа  мојот ангажман во  основањето и проект-менаџер во  “Мал драмски театар“, цели 12 години, каде се одиграа безброј претстави на алтернативни сцени и низ нив поминаа многу познати имиња на актери и режисери како: Мартин Кочовски, Љупчо Георгиевски – Бубе,  Софија Ристовска  и многу други да не набројувам заради просторот…  Потоа долгогодишен проект-менаџер во “НЕТА“ асоцијација на театри од повеќе земји  во регионот со седиште во Љубљана. Од септември назначен сум за директор на НУУБ “Св. Климент Охридски“ Битола. Сега како директор пред мене стои голема задача. Довербата која ми е дадена со назначувањето сакам да ја оправдам со професионализам и  целосно оддавање на тоа да бидам објективен во менаџирањето и  комуникацијата со вработените, а очекувам и од нив професионалност и доследност  во работата. Исто така чувствувам одговорност и пред моите мојот татко и моите дедовци.

Во која насока ја гледаш совремeната библиотека како млад човек кој знае што сакаат овие генерации на млади, кои се опкружени  со модерна технологија, социјални мрежи и  интернет?-Овие “сајбер генерации“ сигурно е дека се сакаат брзо, лесно, достапно со кликање или “скролање“ на мобилен телефон, така е и со читањето книги кои често и ги наоѓаат на интернет и  помалку читаат книги. Но, сепак не можам да не кажам, дека книгата е назаменлива и оние кои читаат сега имаат големи можности да дојдат до секаков избор на белетристика и тоа најсовремена, стручна и научна  литература. Можам да кажам дека библиотеката има огромен  број читатели, ученици од основни и средни училишта, така и возрасни. За овие неколку месеци веќе се поттикнати и реализирани многу проекти кои беа започнати и нив продолжуваме успешно да ги реализираме. Секако дека не е лесно да се продолжи  со таа успешна реализација на идните проекти доколку не бидат обезбедени финансиски средства. Моите заложби ќе бидат во насока на развивање на функциите на библиотеката во која нема да бидат запоставени најмладите читатели како идни средношколци, студенти и возрасни. Како што и реков, сакам да ги привлечеме студентите и тие да се почуствуваат како дел на оваа установа и ќе се потрудиме да обезбедиме стручна и научна литература во соработка со Универзитетот во Битола и при тоа читалните да им станат топло катче за учење.

Библиотеката сега е место каде се случуваат многу културни настани и голем број на промоции, презентации, едукативни работилници и предавања. Кажете ни повеќе околу тоа и активностите со кои се одбележа патронит празник 8 Декември, Св. Климент Охридски?-Под мото “Библиотеката место за дружење“ нашите активности се непрекинати, реализираме најразлични програми, креативни и едукативни работилници, изложби, промоции  со писатели, поети, професори кои ја промовираат својата работа. Им излегуваме во пресрет на потребите на разни неполитички и непрофитни организации за пропагирање на своите активности, на индивидуални млади вљубеници во пишаниот збор кои сакаат да ги  промовираат своите почетнички дела, се со цел развивање на образованието, науката и културното живеење во Битола. Под ова мото “Библиотеката место за дружање“ беа презентирани и сите активности на нашата библиотека во изминатата година. Покрај тоа програмата беше збогатена  со значаен настан, а тоа  е претставувањето на творештвото на Винка Саздова, чиј промотор беше Венко Андоновски. Потоа поетско музички рецитал “50 години Дениција“ од Петре М. Андреевски. Тука е и промоцијата на нашето списание “Библиотечен трен“ и други настани за кои известувавте на вашиот медиум.

Во последните години вашето име е познато и во спортскиот живот на Битола и тоа во ракометот? Кажете ни повеќе за тоа.-Сакам спорт, но ракометот ми е омилен. Исто така, од мал мојот татко ме носеше на ракомет и тие натпревари беа посебно доживување за мене. Скоро сите големи победи на натпревари на РК Пелистер ги доживеав и сето тоа остави силна трага во мене. Убави спомени со нашиот Пелистер и познатите ракометари од тоа време. Заради тоа и јас почнав некако професионално да се занимав со спорт и  скоро 10 години бев ракометен судија. Откако се оформи Еурофарм Работник  бев директор на управниот одбор. Тука би кажал дека моја желба е, и  посакувам, екипата на Пелистер повторно да биде на заслуженото место и да бележи големи успеси. Заради тоа моите заложби беа да се  тоа фузираат двете екипи, но не се исполни тоа, но останувам на  мислењето е дека само така ќе имаме една екипа која ќе не претставува достојно секаде, на европките натпревари.

Покрај гледање ракометни натпревари чиј сте љубител, што  друго ве исполнува во слободно време?-Се опуштам со слушање на музика и по напорниот ден се чувствувам убаво во семејна атмосфера. Уживам да посетувам театар и гледам театарски претстави. Изгледа дека со тоа се враќам на убавите моменти од детсвото кога ми се враќа и препознатливиот мирис на “штиците што живот значат“, а за мене се моето детство. Со тоа и се враќам во времето кога бев дете кога сите тие претстави беа за мене некој вид фантазија. Веќе една година сум во брак со мојата сопруга Наташа и многу сум среќен. Таа ме подржува во мојата работа и се разбира тоа многу ми значи. Со назначувањето на ова работно место многу енергија трошам на моите обврски и заради тоа се трудам во слободното време да се опуштам.

Идни планови?

-На професионален план сакам да продолжиме со остварување на успешни проекти кои се започнати и да поттикнеме нови. Веќе работиме на проекти за отстранување на приоритетни, реални недостатоци  како што се стеснување на просторот за сместување на библиотечниот фонд кој постојано се зголемува и лифт преку кој треба да се манипулира со библиотечниот материјал од магацинот на книги до најгорниот кат каде што се читалните и стручните оддели. Преку проекти да воспоставуваме соработка со библиотеки од во странство, учество на конференции… Во последно време е потпишан договор за соработка, односно е прифатена иницијатива на јавната библиотека во Хангроу и формирање на унија на библиотеки меѓу НР Кина и сите земји на Централна и Југоисточна Европа. На приватен план здравје и многу љубов.Со неговата младост енергија и професионализам очекуваме многу успеси и Библиотеката во вистинска смисла на зборот да стане место за дружење и многу нови проекти во иднина, за кои ќе пишуваме. 

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »

Be First to Comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mission News Theme by Compete Themes.