Press "Enter" to skip to content

Интервју: д-р Никола Главинче-адвокат, Битола е потенцијал кој нуди можности за професионален успех и животно задоволство

Автор: Жанета Ристевска

Со оваа мисла го отпочнуваме разговорот со нашиот соговорник, Никола Главинче, кој низ целиот разговор кој го водевме како да ни раскажува историја на семејна традиција која ја продолжува посветено, правилно и успешно. Интелектуалец во вистинска смисла на зборот, мисла, изглед, став, манири… Кога зборува секој збор на правилно место како да е измерен и точно на своето место. Тоа се должи на наследеното правно искуство на професијата каде и еден збор е значаен, посебно кога се водат судски постапки каде адвокатот го застапува клиентот. Изгледа сериозно, но не строго и со длабока емпатија. Прекрасен соговорник за многу теми, но и оној кој слуша со емпатија, на некого на кој можеш да се довериш – важна особина во неговата професија.-Етичките димензии на личноста на адвокатот се основните вредности на кои би требало да се придржуваме во вршењето на професијата, а тоа се однесува посебно на контактите со нашите клиенти, но и во контактите со колегите адвокати, судии, обвинители… Чесност, принципиелност, совесност, стручност, храброст, посветеност и професионалност треба да се основни атрибути на адвокатот. Ние сме оние кои први ги чуствуваат пулсирањата на општествените, економските и социјалните состојби во општеството. Тие кои доаѓаат кај нас бараат правна помош секој со своја мака и ние сме тука прво да ги ислушаме, да дадеме мислење или поддршка и потоа правна помош или решение и да водиме битка во остварувањето на правото на секоја личност. Тоа е универзално право на секој. Хуманистички поглед кон животот со високи етички квалитети, го започнува своето зборување за неговата професија, Никола Главинче.Разговорот го направивме во адвокатската канцеларија во која се чувствува духот на традиционалните вредности. Многу признанија, награди по ѕидовите на канцеларијата… Стилско биро со уникатна ламба во ретро стил, уметнички слики, стара машина за пишување… Одраз на комплексната личност на нашиот соговорник кој може со гордост да каже дека има и уметнички гени и ни вели:

-Вљубеник сум во уметноста, таа ме инспирира во обидот креативноста на мислата да ја преточам во прецизните правни решенија на позитивното право. Тоа е така уште од детството кое беше исполнето со слики и бои преку кои за прв пат ја осознавав слободата на духот, а со тоа и значењето на слободата и ширината на мислата. Заслужен за тоа е мојот дедо (по мајка) сликарот Борислав Траиковски. Со мојата книга  “Наследството на сликарот“ (издадена 2010 година) сакав да му дадам едно оддолжување на уметничката вредност на неговото дело.

Книгата има за цел, покрај другите активности и проекти, да запали свеќа пред неговото име и убаво да го осветли, бидејќи тоа де-факто постои, но тешко се гледа, пишувате во предговорот на книгата. Вашиот креативен дух излезе и во пишувањето? Кажете ни на почеток повеќе за таа ваша особина?-За релативно кратко време, од мојата душа произлезе “Наследството од сликарот“ како природен плод на моето срце и рака, создадено без ни малку проблеми и тешкотии, а со многу емоции и задоволство. По оваа книга, следуваше и капиталното монографско издание со анализа на творештвото на Траиковски во кое сум координатор врз основа на текст на д-р Љубен Пауновски, со кое се прави обид да му се оддаде почит на Траиковски по повод 100 годишнината од неговото раѓање, во 2017 година. Организиравме и изложба во Белград која ја отвори Принцезата Н.Е. Јелисавета Караџорџевиќ, а во НУ Завод и Музеј Битола се отвори и неговото спомен атаље. Тоа е направено со голема љубов и почит кон неговото дело од сите негови потомци и со поддршка на дел од нашите институции. За жал, по толку години јас ќе ја повторам неговата мисла дека кај нас уметноста сеуште не го има местото кое го заслужува. А тоа е единствената работа која може да не спаси од рамнодушноста и да не води кон среќата. Ние сеуште не ги имаме дефинирано вистинските вредности и немаме континуирани активности за нивна поширока промоција. Тоа е причина за уште поголем ентузијазам и истрајност.

Со таквата душа и емоции вашите клиенти наоѓаат емпатија уште на почеток кога дојдат кај вас. Кажете како со таа емотивна природа се внесувате во вашата професија и кога пројавивте интерес за истата. Секако тука се и гените на вашиот дедо, Сотир Главинче, еден од најзначајните адвокати во Битола.Во адвокатурата емоциите доаѓаат на крајот. Кога ќе ја чуете пресудата. Ако клиентот е ослободен и ако не е виновен не можете да останете без емоции. Ако пак неправедно е осуден, исто така емоциите се присутни. Но емоцијата не смее да го надвладее разумот и можностите кои законот ги пропишува. Тие треба да бидат само дополнителна инспирација и да го будат мотивот.

Во однос на пројавувањето на интересот за адвокатурата, тоа се наметна некако природно. Уште во основно образование бев вклучен во повеќе секции и активности од хуманитарна и општествена природа, а во тој период бев активен во еколошкото друштво “Колибри“. Образованието го продолжив во Гимназијата “Јосип Броз Тито“ каде бев активен во Младинскиот актив. Неколку години бев ангажиран и како уредник на младинските емисии на Радио Битола и портпарол на Малиот Битолски Монмартр. Се запишав на Правниот факултет “Јустинијан I“ во Скопје каде дипломирав, магистрирав и докторирав. На Универзитетот Св.Кирил и Методиј во Скопје бев избран за прв студент Студентски правобранител. И денес сум активен во Адвокатската заедница Битола и органите на Адвокатската комора на Република Македонија. Сметам дека е корисно секој човек дел од своето време да го посветува на општеството. Тоа е еден од начините да се влијае на позитивните промени. Во текот на моите студии во Скопје бев и демонстратор по кривично право четири години. Ми беше понудено да останам на факултетот и да продолжам со наука, но јас се вратив дома и отпочнав со практика, а научната работа ја продолжив со докторатот. Битола за мене е еден голем потенцијал и предизвик. Се одлучив да одам по патот кој поголемиот дел од мојата генерација го вози, но во спротивен правец. Тоа го направив со желба да придонесам и да се приклучам на едно квалитетно јадро на правници кое оставило неизбришливи траги, да бидам покрај своите најблиски од кои црпам искуства за животот, но и да помогнам во општествениот развој на градот. Веројатно е дека поголем напредок во кариерата во материјална смисла ќе имав во Скопје, но јас исто како и моите двајца дедовци ја продолжувам кариерата во Битола. Тие исто така имале можности и понуди да работат и творат надвор од Битола, но останале тука и целиот свој животен и професионален век му го подариле на градот и граѓаните. Тоа е еден од условите за просперитет на нашата локална средина. Профилирани, едуцирани личности, вљубеници во градот да се вклучат во неговиот развој, секој во својата област. Создаденото од претходниците е предност за нас, нивните потомци, во однос на препознатливоста, но и голема обврска да го зачуваме и оправдаме нивното дело. Од една страна препознатливи сме по името и имиџот на Сотир, но од друга страна секојдневно сме на тест дали го задржуваме нивото. Тој ни го покажа патот, принципите и начинот како се стигнува до решенија, а од нас зависи како тоа ќе го практицираме. Неговата дејност прво ја продолжи мојот татко Емил и потоа јас и мојот брат Борислав. Неговото влијание го гледам и кај останатите членови на поширокото семејство.  

Во книгата “50 години континуирана адвокатска работа“ (2016 година) во еден пасус пишува: „…таквата одлука е повод Сотир да се обиде да ги оствари младешките идеали на начин што ќе им служи на немоќните и сиромашните, на оние на кои им е потребна правна помош, која секогаш ја сметал за пандан на здравствената помош неопходно потребна на болните луѓе, па така одлучува да премине во адвокати“. Вашиот дедо дал значаен придонес за целиот општествен живот во Битола, во еден период од 60 години квантитативен работен век работа на повеќе полиња. Повеќе околу тоа бидејќи сето тоа оставило трага на тебе како личност?-Мојот дедо Сотир кога ја отвора канцеларијата во 1966 година бил промовирана личност кој освен како судија, бил ангажиран и во повеќе општествени форми и активности. Бил еден од основачите и претседател на Здружението на возачи, член на советот на Народниот театар, претседател на ФК Пелистер. Во 1972 година бил избран за претседател на Адвокатската комора на СФРЈ, а уште два пати бил претседател на Адвокатската комора на Македонија. Посебно е значаен неговиот придонес во афирмацијата на Битола и Македонија и неговите залагања за децентрализација на активностите на комората на локално ниво. Имав прилика во еден од најзначајните периоди од мојот живот, почетокот на кариерата како адвокат да бидам во секојдневен контакт со него и да црпам искуства и ставови кои постојано ги користам. Пренесеното животно и професионално искуство за мене претставува најголема животна школа.

Во споменатите издадени книги за адвокатура во Битола низ годините како коавтор придонесовте за зачувување на долгата традиција на оваа професија.  Како гледате на адвокатурата денес. Од една страна и како дел од семејната традиција и претставник на третата генерација адвокати во семејството покрај вашиот татко Емил и вашиот брат Борислав. Кажете ни повеќе околу тоа ?-Не сакам да звучи локал патриотски или рекламерски, но адвокатурата во Битола има многу долга традиција. И денес се побројни се канцелариите во кои повеќе членови на семејствата практицираат адвокатура. За посебна почит се и оние кои сами се одлучуваат да отворат адвокатска канцеларија, посебно во денешните прилики. Но, Битола традиционално е позната како квалитетно судско подрачје. И денес тоа е така. Сепак, од традиција не се живее. Нашето општество функционира во друг контекст. На долг рок убеден сум дека се филтрираат вистинските вредности. Само тие оставаат позитивен впечаток и траги во времето. Со книгата „Адвокатурата и адвокатите во Битола“ (коавторство со Сотир Главинче) ги истакнавме достигнувањата и податоците за сите адвокати од Хераклеја до 2011 година. Битола ја промовиравме во град на адвокатурата. Тоа не е придодаден епитет. Тоа е вистина. Таа е професија која е посветена на луѓето, на оние кое се обесправени, ранливи. Тоа е адвокатурата. Да помагате на граѓаните, на оние кои имаат проблеми во остварувањето на своите права и да му овозможите учество во постапка на оние кои го повредиле законот праведно да бидат судени, почитувајќи ги сите пропишани правила во законите. Материјалниот бенефит од таквата помош не треба да биде  основна инспирација во остварувањето на природните права на личноста. Не треба да се разочаруваме од ништо – и после лоша жетва, треба да се сее. Препорачувам постојано да ја следиме пораката на врвниот антички правник Улпијан, чесно да се живее, никому да не му се наштети, секому да му се даде она што му припаѓа. Тоа е начин за постигнување на благосостојба и успех.

Што ве опушта од напорната работа и професија која бара вложување на силна енергија?-Работата сама по себе ми чини големо задоволство и сатисфакција. И вие како и моите најблиски сочувствувате со напорите, но јас тоа го сфаќам како дел од професионалната обврска. Не чувствувам напор, туку само обврска на која сум се согласил со пристапувањето во оваа професија. За задржување на кондицијата потребен е постојан ангажман, согласно латинската мисла Nulla dies sine linea (Ниту еден ден без цртичка). Слободното време рационално го користам. Секогаш уживам да бидам прусутен на некој културен настан. Предизвик ми е и собирањето на уметнички дела. Преку нив откривам внатрешни светови и имагинации кои овозможуваат бесконечни патувања во времето и просторот. Пишувањето исто така ме опушта и моите неколку книги се плод на креативна енергија преку која сакам да искажам почит кон традицијата, ни да искажам свој став за денешницата и некои согледувања за подобра иднина. Не ја заборавам и науката во која се трудам да изнесувам критички ставови за определени прашања кои се предмет на мој интерес. Активен сум со Адвокатската заедница Битола, МНД, Ротари. Ги поттикнувам и останатите секој во својата професија да ги зачуваат и надоградат вистинските вредности, да покажуваат почит кон своите претходници. Секој оставил некаква трага. Преку тоа полесно се доаѓа до решенија за предизвиците пред кои секојдневно се соочуваме. Мојата генерација има можност да направи позитивен пресврт на нашето општествено живеење. Битола, пак, сеуште е потенцијал кој допрва треба да се вивне во европското културно, историско и туристичко небо како неоткриено и нецелосно истражено богатство во кое голем број на народи имаат свој капитал. Од нас зависи кога и како тоа ќе го искористиме…Овој млад човек со своите размислувања и длабок хуманистички поглед кон општествените и културните вредности ми остави силен впечаток. Разговорот ни беше долг со многу податоци, факти за една семејна историја која е и историја на адвокатура во Битола. Бев збунета и уплашена како цел разговор да го преточам во интервју од неколку прашања во кое би можело да се изгуби тежината на тоа што го зборувавме. Си заминав и со неколку книги и сигурна дека неговите предци се гордеат со него оставајќи го нивното културно и општествено наследство во сигурни раце.

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »