Press "Enter" to skip to content

Совети од психолог: дали им наметнувате многу активности на своето дете?

Подготвил: Жанета Ристевска – психолог

Ако сте едни од оние родители кои имаат преголеми очекувања од своето дете/а  тогаш ова се однесува на вас.

Имено способноста, а со тоа и самопочитувањето произлегуваат од борбата и напор, а не со разгалување. Но, ако вашето дете го ангажирате во разноразни активности од утро до вечер училиште, потоа разноразни курсеви, подготвување по јазици, математика, потоа спорт, танци, разноразни натпревари и.т.н), обидете се да бидете реални и тоа да го анализирате и измерите.

Ако вашето дете :

-успева да постигне добро да учи и добива одлични оценки во училиште.

-успешно  оди на сите активности (спорт, танц, јазици или математика )

-не се разболува често (овде спаѓаат оние состојби кои се однесуваат на емоционалниот живот  тага, незадоволство, депресивност , зависност и деструктивни врски)

-има време за квалитетен емоционален живот како и квалитетно време со  своето семејство.

-не ја губи врската со своите  емоции (ги проживува  своите емоции било да е радост, тага, бес… и ги препознава) при тоа среќно е и задоволно со себе.

Тогаш може да се каже дека вашето дете многу добро се снаоѓа во овие активности и не му претставуваат товар. Од друга страна ако детето е:

-често болно (заради стрес и намален имунитет).

-нема социјален живот со квалитетно дружење со врсници.

-ниту социјална снаодливост

-нема време да биде со своето смејство

-емоционално е отупено и пригушено ( ги потиснува емоциите на радост, тага, лутина, бес).

Тогаш време е за промена и потребно реално да согледате, можеби му поставувате: високи нереални цели кои не може да ги достигне и со тоа  ќе биде незадоволоно од себе,  при тоа: нема да има самодоверба во себе и своите можности и способности и нема да биде среќно и задоволно. Затое секој родител треба да стане свесен околу некои работи:

-Можеби многу добар успех или добар се негови реални цели и можности во постигање на училиште.

-После завршување на основно училиште би требало да оди во стручно училишпте или занает, а не факултет. Тука ќе напоменам дека може да видите и примери од историјата на големи водачи, научници и други кои успеале на различно поле било во бизнис… кои немале одличен успех во училиште па дури и не матурирале. Тоа не им било пречка потоа да напредуваат во животот со упорност и борбеност. Книгата “Емоционална интелегенција“ на авторот Големан, објаснува дека за успех во животот и среќа потребни се и други особини кои може да се развиваат кај некоја индивидуа, освен одлични оценки во училиште (и тука  многубројните активности).

-Борбеност  – една од најзначајните особини за постигнувања и успех во животот. Таа треба да се развива. Истражувања покажале дека само со оваа особина се постигнува успех.

-Променете се себеси  како родител           

Многу е важно како ние се однесуваме како родители. Ние го бираме и трасираме патот на нашето семејство (фамилија). Можете “насила“ да  го терате своето дете да биде пристојно,  успешно или вистинољубиво, или или разумно да влегува во ризици тоа е т.н. директна порака  (биди пристоен , храбар, праведен…). Но, ако тоа сами не го правите тогаш “пливате против струјата која сакате да ја совладате“. Можете да ги поведете во еден правец или да ги уверите да се променат, но не можете трајно да ги натерате.

-Ако детето во тоа не гледа смисла. За детето е смислено она што го гледаат околу себе односно како вие се однесувате, правите… Ако го терате да биде вистинољубиво, а вие ја испревртувате вистината и лажете им праќате погрешна порака тоа е т.н. индиректна порака. Затоа што и да правите-ќе прават и тие, во што ќе верувате-ќе веруваат и тие, она што  е вредно за вас-ќе биде вредно и за нив. Освен ако  заради некои причини не заземат сосем спротивен став, се работи за тоа што ни е нам значајно како личности.

А на децата им е многу јасно што ни е значајно нам како родители во животот, дали сме зборувале за тоа или не. Тие тоа го учат и восприемаат низ животот кој го живееме. Нашиот однос кон парите, социјалните врски, остварување на љубовни врски, партерства, пријателства, односот кон религијата, патриотизмот, дали ни се значајни материјалните добра или други вредности.

Затоа како родители потребно да се преиспитаме и реално согледаме при очекувањата од нашите деца.