Press "Enter" to skip to content

Денес е Свети Трифун, заштитник на лозарите

Православната црква на 14 февруари или на 1 февруари според јулијанскиот календар го слави Свети Трифун, како поим за младост и доследност кон христијанските традиции.

Во повеќето краишта на Македонија, на денот на Свети Трифун рано наутро се одело в црква кадешто попот пеел молитва и светел вода. Луѓето оваа вода, за која се смета дека е ослободена од демоните  и има лековита моќ ги прскале лозјата. Потоа лозарите закројувале неколку лози кои ги полевале со вино, а потоа ги благословувале со зборовите: „Господе, ти давам едно шише со вино за илјада да ни подариш“, а некаде лозарите тркалале бочви низ лозјето за така да се тркалаат и бочвите со вино. Постои и  обичај, по закројувањето на лозјето, попот да забоде запалена гламја во дворот на црквата со цел да се забрза заминувањето на зимата.

Именден на денешен ден празнуваат: Трифун, Трајан, Трајко.

Инаку, Св. Трифун се родил околу 225 година во селото Комсада, во римската ма­лоазиска провинција Фригија. Родителите му биле христијани, а така и го воспитале, така што уште од мал имал голема љу­бов кон Бога. Во детството чувал гуски, но уште тогаш се истакнал со исцелителска способност.

Со Божја помош лечел болни од разни болести и од луѓето ги бркал лошите демони.

За неговите чуда се раскажувало во целата империја поради што бил викнат во Рим кај царот Гордијан, кого што во тоа време го снашла голема несреќа, бидејќи ќерка му Гордана  се разболела од душевна болест и не можел да ја излечи ниту еден лекар во империјата. Во еден момент нечистиот дух од неа проговорил дека никој не може да го избрка освен Трифун. Момчето што на 17- годишна возраст со Божја помош ја излекува царската ќерка Гордана која што не можеше да ја излекува ниту еден лекар во империјата се стекна со голема слава и настрада на 21-годишна возраст, но остана во споменот на целиот христијански православен свет како поим за младост и доследност на христијанските традиции.

Во 249 година на римскиот престол дошол Декиј Трајан, кој под стража го довел Свети Трифун во Никеја, седиштето на источната власт. Изведен пред суд, свети Трифун не се откажал од Христа, а му било предложено да се откаже од Исус. Трифун го одбил тоа поради што бил многу мачен. Бил обесен на дрво и тепан со прачка, потоа бил врзан за опашката од коњот и влечен низ полето, а кога и со тоа не го заплашиле го осудиле да му биде пресечена главата со меч.

Но пред да биде извршен тој чин, додека војниците го воделе надвор од градот Трифун се молел на Бога да му ја земе душата и кога дошле на местото за егзекуција тој ја предал душата пред мечот на џелатот да падне на неговиот врат.

Локалните верници го погребале на своите гробишта, но тој им се јавил на сон и посакал да биде погребан во своето село. Оваа желба му била исполнета и подоцна моштите му биле пренесени во неговото родно село.

More from НекатегоризираноMore posts in Некатегоризирано »

Be First to Comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mission News Theme by Compete Themes.